Танчер низ животот – За филмот Налевање на Томас Винтерберг

Девет години по објавувањето на филмот Лов (во оригинал на дански јазик Jagten), кревам чаша во чест на режисерот Томас Винтерберг и филмските викинзи Маас Микелсен, Томас Бо Ларсен, Магнус Миланг и Ларс Ранте кои ни приредија своевидно филмско пијанство-филмот Druk (чиј наслов на англиски јазик е преведен како Another round, а Александар Русјаков го крсти Налевање).

На прославата на 40-тиот роденден на Николај, пријателите (Томи, Питер и Мартин) решаваат да ја тестираат теоријата на норвешкиот психијатар Фин Скардеруд дека човечкото тело е родено со 0,05 промили дефицит на алкохол во крвта. Зголемувањето на нивото на алкохол во крвотокот, односно долевањето до посакуваното „нормално“ ниво, според теоријата би бил прифатлив начин за лекување од депресија и ослободување од стрес.

За четворката научниот експеримент е покритие за личната болка и баналноста од секојдневието со која се соочуваат. Кризата на средовечноста зема силен замав во нивните животи, но најмногу е „погоден“ Мартин (Маас Микелсен) кој заборава да танцува на животната сцена и оддалечувајќи се од себе си се оддалечил од семејството и работата.

Стимулацијата (живоста) доаѓа во форма на алкохол: тие изготвуваат псевдо-научен план за експеримент со контролиран алкохолизам, со хипотези и упатства за истражувањето: без пиење после 20 часот и за време на викендите. Пиење исклучиво за време на работа, а тоа подразбира работа во училиште како наставници.

Сцената од почетната фаза на експериментот која е поставена во училницата на Мартин, како да е излезена од Манифестот на Догме 95 (Винтерберг заедно со Ларс Вон Триер го создаде Догме 95 – движење на данските филмски работници). Брилијантно во оваа сцена, покрај маестралната игра на Микелсен, е начинот на кој Винтенберг и кинематографот Стурла Брандт Грувлен го пренесуваат чувството на леснотија и опуштеност. Со благото нишање на камерата и преодот од крупен во широк кадар Винтерберг индикативно и со кинематографска вештина ја навестува благата несигурност и нестабилност која се јавува по една или две пијачки.

Следејќи го филмскиот минимализам на Догме 95 (видно присутен и во претходниот филм Лов), Винтерберг создава сцени кои се сконцентрирани на актерите и нивните изведби. Во тој контекст, ја издвојуваме ролјата на Маас Микелсен кој на топол и хуман начин ја третира оваа провокативна и чувствителна тема. Неговата изведба во филмот е во редот на оние изведби кои го ставаат гледачот пред прашањето дали воопшто актерот глуми или сцените се документирано преземени од реален сетинг.

Микелсен објаснува дека секогаш е тест за актерот да игра пијан: „Повеќето актери ќе пристапат со идеја да скријат дека се пијани, како и во реалниот живот. Ќе се напиете неколку пива и не сакате вашата сопруга да забележи. Се трудите најдобро што можете да бидете трезвени, а тоа ги прави вашите движења побавни и помалку прецизни. Но, очигледно мораше да одиме на сосема друго ниво, на ниво да бидеме пијани како Чарли Чаплин. Една од работите што ги научивме е дека не можете да претерате, затоа што тоа што го прават ликовите е навистина лудо.“

Бравурозноста на филмот ја надополнуваат дијалозите со духовити досетки зад кои се потпишуваат Винтерберг и Тобиас Линдхолм. „Затоа, кога следниот пат ќе се тетеравите наоколу и ќе повраќате по грмушки, немојте да се чувствувате осамено, затоа што сте во одлично душтво“ лукаво поентира професорот по историја, откривајќи ја „алкохолизираната страна на историјата“ преку лекциите за Черчил и Хемингвеј.

Игривата монтажа на архивски снимки од пијани светски лидери го зајакнува генерално лесниот тон на филмот. Дури и најмрачниот заплет на филмот – смртта и погребот на Томи е стилски пренесен во концизна монтажа на кадри без дијалог. Патриотските песни изведени од младата екипа служат како мотив што се повторува и го воздигнува чувството на егзалтираност.

Винтерберг не претендира да даде суд за алкохолизмот, едноставно ја портретира данската културата на пиење алкохол, го слави пријателството, семејството и баханалскиот хедонизам со мерка (во умерени количини).

Со средношколска пијанка започна филмот, а така и завршува-средношколците го слават матурирањето. Во финалето на филмот Микелсен ја „танцува“ сцената на годината: исфрустрираниот и несреќен професор му се препушта на сопственото моџо, патувањето го достигнува својот крај и настапува катарза: на звуците на песната What a life на данскиот бенд Scarlet Pleasure, Мартин почнува да танцува пополека, со несигурни чекори, за потоа да се предаде на слободниот танчарски израз со движења кои се напати смешни, а сепак одлични, дури и импресивни-доказ дека иако тој не е истиот Мартин од пред неколку години, искуствата и чувствата се сè уште тука да го потсетат дека танчарот од младоста сепак не заборавил како да танцува низ животот.

Винтерберг го завршува филмот со тивка трогателна посвета на неговата 19-годишна ќерка Ајда, која почина во сообраќајна несреќа пред да започне снимањето, опишувајќи го филмот како „почит кон животот“.