„Прашалникот е половина срце“ од Софија Лундберј

Прашалникот е половина срце“ од Софија Лундберј е книга што ќе им се допадне на љубителите на семејни драми. Ова е роман што го отвора прашањето: „Можеме ли да бидеме среќни и да имаме совршен живот доколку не се соочиме со стравот и вината од нашето минато? Дали среќата доаѓа кога доаѓаат парите, славата и успехот во кариерата или, можеби, среќа е кога пиеме чаша топло млеко со нашето братче или, пак, кога читаме книга што ни ја позајмиле?“

Имено, се работи за роман поделен во две епохи: детството на главната протагонистка Елин; и Елин како возрасна жена. Девојчето по име Елин е мило, зрело, грижливо и одговорно девојче. Јас ваквите девојки ги нарекувам девојчиња во тело на жени. Таа се грижи за своите браќа, штитејќи ги од неодговорната мајка, која постојано е лута и е во лошо расположение. Нејзиниот татко е затворен поради крадење храна од продавница, па мајка ѝ на Елин постојано ја прекорува да не ги следи чекорите на татко ѝ за да не ја снајде и нејзе истата судбина како него. Но таа не може да го слуша плачот на малото братче, гладно за чаша млеко. Мајка ѝ го заменува татко ѝ со нов љубовник.

Нејзиниот другар Фредрик е тука да ја расположи и да ѝ го обои сивиот живот, шетајќи ја низ прекрасните зелени шумски предели на родниот им крај Готланд, Шведска. Фредрик е момчето со кое ги гледаат ѕвездите, со кое се капат заедно во езерските води… Момчето во кое се затрескува таа, но никогаш не му го кажува тоа, а ни тој нејзе. Си ветуваат дека ќе останат пријатели засекогаш и својот пријателски завет го зацврстуваат со пресекување на малиот прст и со спојување на крвта.

Но Елин еден ден си заминува и отседнува во Њујорк, каде што работи како фотографка, и тоа многу успешна. По дваесет години, таа добива писмо од својата платонска љубов Фредрик.

Авторката ќе ве однесе на едно убаво и детално патување низ овој мал рајски остров наречен Готланд, за кое ќе изразите желба да свртите барем едно крукче кога ќе ја посетите Шведска.

Прашалникот е половина срце само ако не се соочиш со вистината, само ако одрекуваш една половина од себе. Ќе се соочи ли Елин со мрачното минато, ќе се види ли со мајка ѝ и нејзиното семејство во Шведска? Ќе ја пополни ли конечно Елин таа празнина во своето срце?

автор: Денис Бојаров