„Кавалерија Рустикана“ – ремек-дело кое му пркоси на времето

Операта „Кавалерија Русикана“ од Пјетро Маскањи е едно од најизведуваните музичко-сценски дела на светската оперска сцена. Ова исклучително дело на Маскањи е врзано и со почетокот на оперската уметност во Македонија. Со нејзина изведба всушност започнува историскиот чин на создавањето на национална Опера во нашата земја. Првата изведба на ова оперско ремек-дело се случила во 1947 година, на 9 мај и со неа Операта го започнува својот континуиран развој како институција. Оваа поставка ја режирал Бранко Поморишац, а со оркестарот на Радио Скопје диригирал Тодор Скаловски. Петре Богданов – Кочко учествувал во претставата и помогнал во вокалното обликување на хорските гласови, Стефан Гајдов ја добил улогата на инспициент, а Живко Фирфов бил ангажиран како суфлер. Интерпретатори на главните улоги во првата и во наредните 17 претстави на „Кавалерија Рустикана“, одржани во истата, 1947 година, покрај Петре Богданов – Кочко, биле и солистите Данка Фирфова, Елисавета Савченко, Васил Ќортошев, Стефан Русјаков, Милка Гушевска и Ганка Атанасова. За гласовната форма на солистите се грижела Нина Кунели, професор во Музичкото училиште, која во првите повоени години дала значаен придонес во областа на вокалната педагогија.

„Кавалерија Рустикана“ е составен дел од репертоарот на Операта повеќе од седум децении – а повторно беше поставена на сцена и во петокот со нашите солисти: Весна Гиновска Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Катерина Стојановска и Соња Пендовска Мадевска. Ансамблот настапи под диригентската палка на Иван Еминовиќ, режијата е на Џандоменико Вакари (Италија), сценографијата е на Зоран Николовски, а костимите на Елена Дончева.

„Кавалерија Рустикана“ е едно од најуспешните дела на Маскањи, чиј успех не успеал да го повтори во останатите петнаесет опери кои ги создал по неа.

Пјетро Маскањи (1863-1945) е роден во Ливорно, Италија и имал напишано две опери, пред да ја создаде „Кавалерија Рустикана“ – „Пинота“ во 1880 година и „Гиљермо Ратклиф“ во 1885 година.

Во 1889 година, слушнал за натпреварот спонзориран од музичкиот издавач Сонзоњо кој давал парична награда за опера во еден чин. Маскањи ја зел приказната – страсна љубовна трагедија која се случува за време на Велигден од сицилијанскиот писател Џовани Верга, која авторот веќе ја имал адаптирано во драма за актерката Елеонора Дузе.

„Го прашав мојот пријател и сограѓанин Тарџони Тоцети да напише либрето кое ќе биде блиско до драмата во делото на Верга, но со повремени лирски делови кои ќе ја надополнат содржината. Добив неколку варијанти, но веќе ми беше јасно и ја имав идејата во својата глава. Се идентификував со драмата и ја почувствува со музички јазик, длабоко во себе“

Му требале два месеци за да ја напише, но кога дошло време да ја комплетира паритурата го напуштила храброста. Исплашен да не доживее неуспех, ја оставил во фиока, каде што ќе останела засекогаш, доколку неговата сопруга не ја испратила на натпреварот.

Со своите впечатливи мелодии, увертирата, познатата „Велигденска химна“ и внимателно избрана драмска содржина таа била избрана за апсолутен победник. На 17 мај, 1890 година премиерно била изведена во Рим, со нималку, ни повеќе, туку неверојатни 60 враќања на бис. За помалку од една година била изведена речиси на сите сцени во Европа.

Маскањи доживеал интернационална слава, во Ливорно бил дочекан како херој, награден бил со „орден на круната“, признание кое не го добил ниту Верди до неговите средни години. Со успехот на само едно ремек-дело, композиторот станал богат и славен преку ноќ.

„Жалам што ’Кавалерија Рустикана‘ ја напишав на почетокот од својата кариера. Бев крунисан, пред да станам крал“, изјави Маскањи на крајот од својот живот.

Музички, оваа изјава можеби има смисла, но не до крај. Без разлика што ја напишал на почетокот од својата кариера и не го повторил уште еднаш нејзиниот успех со другите своите дела, оваа музичко-сценска приказна претставува совршенство во секоја нота, секој пасаж, секој отпеан и отсвирен тон. Таа останува во историјата на музиката како исклучителен пример за тоа како се создава оперско ремек-дело, кое му пркоси на времето со својот свеж, иновативен и романтичен пристап во креирањето на музичката содржина.

автор: Ангелина Димоска