Manchester Orchestra – боемска неконвенционалност

Тие се бенд кој со својата необичност и разноликост во секој случај влечат корени од боемската култура во Манчестер иако по потекло се од Атланта, Џорџија. Manchester Orchestra е еден исклучително неконвенционален бенд, со неконвенционална музика и експресија која неодоливо потсетува на класичен британски инди-рок-бенд.

Ова го споменувам уште на почеток затоа што самиот факт што тие потекнуваат од мало предградие на Атланта е една од основните причини што ја прават музиката којашто ја прават и ги обработуваат темите кои ги обработуваат во своите песни.

Манчестер го земаат како дел од своето име затоа што градот е своевидна боемска музичка престолнина и како таква претставува голема инспирација за бендот. Нивните теми пак потекнуваат од фрустрациите кои фронтменот Енди Хал ги влече токму од фактот дека потекнува од Атланта. Животот во предградие толку многу го потиштува што последната година од своето средно образование ја поминува учејќи од дома, благодарение на што во 2004-та година ќе го напише својот прв целокупен албум.

Бендот на почетоците од нивната кариера ќе имаат цел еден завршен албум насловен како „Nobody Sings Anymore“, меѓутоа поради фактот што некои од оригиналните членови заминуваат, бендот го менува својот музички правец, па одлучуваат овој албум да не биде објавен иако некои од песните ќе се најдат на албумот „Brainstorm, I Brainstorm, but Brilliance Needs a Good Editor“.

Нивниот деби албум, насловен како „I’m like a virgin losing a child“ го објавуваат во 2007-та година и веднаш го привлекуваат вниманието на музичката критика. Со нивниот прв албум влегуваат на музичката сцена како класичен алтернативен рок-бенд.

Патеката ја продолжуваат со нивниот втор албум „Mean everything to nothing“ каде јасни се сè уште рок елементите, со поагресивни рифови во најголемиот дел од песните поместени во албумот. Го издаваат во 2009-та година.

Во мај, 2011-та година ќе го издадат својот трет албум со кој се етаблираат себеси како вистински алтернативци, пред сè поради сите примеси кои нивните песни ги имаат. Албумот го насловуваат како „Simple Math“ и до неодамна е сметан за нивниот најдобар албум и од музичка и од лирична перспектива. Задржуваат доволно рок агресија за да не се одвојат премногу од нивната карактеристична музичка динамика, но станува јасно дека еволуираат во еден поинаков стил.

Три години подоцна го издаваат неконвенционалниот албум „Cope & Hope“. Тоа не е оригиналната идеја. Најпрво ги издаваат песните и го именуваат албумот само како „Cope“, музика која наликува на она што е најкарактеристично за нив, но пред официјалното промовирање излегуваат со ремастеринг на сите песни од овој албум како музички контраст, додавајќи им го насловот „Hope“ со што создаваат музички еквилибриум, покажувајќи го агресивното, а потоа балансирајќи со една поинаква емоција.

Во 2016-та година го создаваат саундтракот за „Swiss Army Men“, филмско остварување на Даниел Ретклиф и Пол Дано. Целокупниот саундтрак е една неверојатна музичка изведба во која се редефинира поимот „акустично“. Бендот го снима целиот материјал без апсолутно никакви инструменти. Секој инструмент е „свирен“ благодарение на гласот на фронтменот Енди Хал.

Со нивното последно музичко чедо „A black mile to the Surface“ бендот исклучително сериозно се редефинира себеси музички и поетски. Иако „Simple Math“ се смета за еден од нивните најкомплетни албуми, сепак она што го прават со нивниот последен албум јасно и недвосмислено ја покажува еволуцијата на бендот во двата правци. Обработуваат теми од религијата, депресијата, себеиспитувањето а музички ги смируваат тоновите, но во ниту еден момент не го намалуваат интензитетот и нивниот ефект врз слушателот.

Manchester Orchestra се навистина неконвенционален бенд, ако ги разгледуваме како алтернативен рок стереотип, со фронтмен кој изгледа како lumberjack веројатно би очекувале, рапав рок енд рол глас кој резонира со поинакви фреквенции, но кога ќе го слушнете Енди Хал, разбирате дека тие не припаѓаат во стереотипи. Нивната музичка моќ ја црпат од изненадувањата. Јас постојано се изненадувам. „A black mile to the Surface“ е доказ за тоа.

автор: Мишел Наумоски