Алтернативна сцена е правец, идеја, бунт

Мој идентитет

“Алтернативната сцена е правец, идеја, бунт”

Матеа Јанковска, 27 години (не ми се верува кога поминаа), риба во хороскоп, слободна во животот.

Родена во Скопје, Карпош, среќно детство… итн. итн. итн.

Средно медицинско. Медицинска сестра (знам да боцкам).

Факултет за драмски уметности. Актер (глумица). Класа 13 – поздрав, ЏЕЗЕРИ! Треба Чехов да го вратиме.

Професор Сузана Киранџиска. Сузе, фала за сѐ. Како што поминува времето, сѐ повеќе сфаќам што сте сакале да ми кажете. Можеби звучи шашаво, ама ми фалите.

Асистент Кристина Леловац. Кика, треба да одиме на пијачка, со логичен акцент. 🙂 Јас честам!

Инаку, првата средба со актерството ја имав на приемниот испит на ФДУ, никогаш претходно немав застанато на сцена. Бев како падната од Марс. Ме вадеа од памет сите тие муабети за „врски“, за неправди, но воопшто не размислував за втора опција. Бев решителна во мојата одлука и верував, силно верував. И се отепав од спремање. Паузирав една година и се посветив само на тоа. Не ме бутнаа, немаше катедра за актери таа година. А да имаше, ќе ме бутнеа. Тука ќе го вметнам муабетот за соодносот помеѓу талентот и работата. Знам дека е клише, ама вистина е. Да, не е сѐ до вродениот талент, потребен е огромен труд и напорна работа. И факторот среќа, секако. И, денес, како дипломиран актер го тврдам истото. И не само за нашата професија, туку генерално за сѐ во животот.

Но, најважно од сѐ е да веруваш во себе, во своите цели и идеали, во своите желби.

Ако силно стиснеш очи и искрено посакаш, ќе ти се оствари сонот.

Театарската публика за првпат имаше можност да ја види во претставите „Експеримент“ и „Дух“ и, секако, не остана незабележана од страна на публиката.

Овој месец разговараме за театар со младата актерка Матеа, веќе вработена во Театарот за деца и младинци.

Матеа, здраво, како си сега? Што има ново?

Здраво! Најпрво да се заблагодарам за разговоров и да му посакам на Елементал многу прегледи, читаност и долг век, се разбира.

За прашањето, да бидам искрена, сега сум за никаде. Паднав на “вожња” – градска, а паднав и на фора – селска. Се надевам градска ќе положам од втора. Селска не планирам повеќе никогаш да полагам. Tоа е ново.

Ако мислиш на професионален план (извини, јас сѐ уште сум во Мој идентитет), тука е ОК. Дадовме премиера на претставата „Што е силеџија“ во режија на Хана Миленковска. Моментално работам на претставата „Подрум“ во режија на Драган Довлев. Супер екипа сме, многу се радувам. Ве чекаме на премиера.

Имам уште некои работи во план, ама рано е да ги откријам.

Какво е чувството секојдневно да играш пред најискрената публика – децата. Што значи тоа за тебе?

Чувството кога сум на сцена е екстаза, без оглед на тоа која возраст е публиката.

Убаво е да успееш да ја насмееш публиката, но ако успееш да ја разбудиш, да поместиш некои работи од мртва точка, тогаш чувството е бесценето. Затоа, кога се работи со деца, мислам дека одговорноста е поголема. Живееме во еден лимбо-простор и многу е тешко да им се привлече вниманието за почеток. Уште потешко е да успееш да им ја задржиш концентрацијата во текот на целата изведба. Не се виновни децата. Растат во ера кога технологијата галопирачки напредува на дневно ниво.

Порано, децата доаѓале во театар за да влезат во виртуелен свет, свет на магија, свет на чудата. Денес е обратно. Сега, тие треба (барем за момент) да излезат од виртуелниот свет на компјутерите и социјалните мрежи. Да излезат од рамката 16:9 и да почувствуваат жив контакт, тука и сега.

Треба да се обидеме да им ги прошириме видиците, да им дадеме можност да видат поинакви вредности за да имаат избор кога ќе одлучуваат каква иднина сакаат да креираат.

Не смееме да дозволиме она што е суштинско да им остане непознато. Тоа е наша обврска, и како поединци и како институција.

Кое е твоето главно оружје да се избориш за својот свет како млад актер?

Моето главно оружје секогаш го носам во себе, тука е, зад градникот. Го немам целосно искористено. Знаете, во животот тоа најчесто не пука од прва, како кај оние што го носат во задникот.

Дали како млад актер имаш храброст да се потпреш на својата интуиција и гласно да го кажеш твојот став или незадоволство?

Штотуку го правам тоа. 🙂

Во која театарска форма би сакала да се видиш во иднина?

Апсурд.

Дали им се дава доволно простор на младите актери?

Не. Или, барем, не на повеќето. Во секој случај, не доволно, а и тој малку простор што им се дава е некаков вакуум-простор. Македонија секогаш имала талентирани актери, ги има и денес, но режисерите треба повеќе да ги перципираат, да имаат доверба во нив и почесто да им даваат шанса да се докажат. Младиот актер треба да биде дел од големи настани, дел од тимот со веќе етаблирани актери за да стекне искуство, за да се соочи со тремата, да се надгради. На крајот од денот, единствено така во континуитет може да се прави успешна смена на генерации, што е неминовно.

Најболно за еден млад актер е кога по дипломирањето подолг период нема проект. Тогаш ја губи самодовербата, се прашува дали ја избрал вистинската професија… Тоне. Актерот мора да игра. Само така расте и се шири. Тоа е суштината на еден актер. Без оглед на тоа дали разнесува пица (за да преживее) или е вработен во театар, актерот мора да игра, во спротивен случај, скапува и тој што носи пица и тој што дреме во театар.

Што е она што сакаш да го гледаш и да го играш на театарската сцена?

Сакам да видам несебичен партнерски однос, искрени емоции, страст, многу страст. Сакам да верувам во тоа што го гледам и што го слушам, да ме допре, да ме здрма.

Кога сум од другата страна, сакам истото да го почувствува публиката.

А за алтернативните сцени?

Алтернативната независна сцена отсекогаш била прогресивна и го навестувала времето што допрва доаѓа. Руши шаблони и бариери, не е популистичка. Истражува, бара нови сценски форми, не ѝ се потребни јаки рефлектори и озвучувања… скапи костими. Не зависи од институциите, секој простор може да биде сцена, затоа има „тиит“, гласно да го каже она што другите не смеат… на оние што треба, а не сакаат да слушнат. Најчесто им успева, на вториве… да не слушнат.

Алтернативната сцена е правец, идеја, бунт. Горда сум што сум била дел од оваа сцена и сакам да продолжам да бидам.

За жал, кај нас, денес под алтернативна сцена многумина подразбираат алтернативни простори.

П. С. Жалам што нема повеќе гостувања и соработка помеѓу алтернативните театри од различи земји.

Повеќе уживаш во процесот на создавање или во репризите?

Дефинитивно, во процесот. Тогаш сум во друга димензија… Не, чекај, ако добро размислам, во репризите. Секоја изведба ми е нов… Или сепак процесот?… Или можеби репризите… А, да го скокнеме…?

За тремата?

Трема „is my middle name“. Имам трема и не ми исчезнува по првата реплика. Не се борам против неа, напротив, ја прифаќам. Треба да се прифатат сопствените „демони“ зашто, во спротивен случај, им дозволувате да ве измамат, да ви ја одземат енергијата.

Твој идол?

Јас пред 3 години… Јас за 3 години.

Што би им рекла на режисерите?

Еј, здраво, како си? Не сме се виделе одамна. Ти ја гледав премиерата, добра е. Инаку, јас дипломирав пред три години – колку да се пофалам… :))

Се шегувам. Кога прават кастинг (почесто да прават!) и избираат актери, да се потрудат да „пробијат“ покомплицирани пасворди со повеќе од три букви.

Три книги:

„Степски волк“ – Х. Хесе

„Еден ниеден и сто илјади“ – Л. Пирандело

Сите на Буковски

Три филма:

„Еternal sunshine of the spotless mind“ – Michel Gondry

„Three Billboards Outside Ebbing, Missouri“ – Martin McDonagh

„Talk to her“ – Pedro Almodovar

(како специјален поздрав)

Три претстави:

„Да го поздравиш и да ми го бациш“ во режија на Билјана Радиноска

„Нашиот клас“ во режија на Владимир Милчин

„Солун, град на духови“ во режија на Слободан Унковски

*бонус „Експеримент“