Најсилното оружје на актерот е работата врз себе

Одблиску  разговори со Викторија Степановска Јанкуловска, Актер во Народен театар Битола

фото: Дејан Сајковски

Родена сум Битола, во дом полн љубов и разбирање, од родители што секогаш биле, а и сè уште се моја најголема поддршка и најсигурно прибежиште и што ми ја подариле мојата сродна душа – сестра ми. Растев водена од мислата на моите родители, дека може да имам бескрајна слобода, но никогаш да не ја загрозам слободата на другите. Денес, во истиот тој дух, јас и мојот сопруг ја воспитуваме ќерка ми!

Некаде помеѓу средношколските журки и другарувања, школските задачи и честите посети на театарски претстави, во мене се роди љубовта кон мојата денешна професија.

На факултет го запознав човекот од чии лекции сè уште учам и чии совети ми беа водилки во безброј ситуации. И колку сум позрела, толку повеќе знам дека секогаш имаше право. Мојот професор, големиот актер, прекрасниот човек, Кирил Ристоски. Откако дипломирав, често знаев да му се јавам или да го посетам на ФДУ, да му се пофалам или да му се пожалам. Понекогаш, кога ми беше тешко, кога бев во некаква недоумица во врска со театарот, без да знае за моите недоумици, ќе ми се јавеше и секогаш знаеше што да каже. Бескрајно ми недостасува!

Првата професионална претстава „ми се случи“ на крајот од прва година. Активно работев за време на студиите, па имав среќа, занаетот, освен на факултет, да го „печам“ и на професионалната сцена и сè уште мошне млада да учам од големи имиња. Не можам да одредам кога точно ми се случило созревањето како актерка. Веројатно (се надевам дека е така) созревам со секоја нова улога, преку секој нов процес, со секој нов режисер со кого се среќавам. Од денешна перспектива, со сигурност можам да кажам дека еден актер не созрева само благодарение на големите улоги, на наградите или на успешните претстави, туку и падовите си имаат свој удел во созревањето. Понекогаш, шлаканиците што ги добиваме кога гледаме како се местат улоги и награди и кога се соочуваме со режисери, кои дошле „да тезгарат“, може да бидат и тоа како освестувачки.

Што значи да се биде жена актер?

Замислете трка. Две патеки. На едната има пречки и натпреварувачКАТА трча боса. Дечкото до неа има фина рамна патека, која треба да ја истрча во патики дизајнирани специјално за него.

Е вака некако изгледа да се биде жена актер. Постојано се бориш со недостигот на женски ликови во светската драматургија, искомбиниран со недоволната застапеност на „женски“ претстави на нашиве сцени. Неретко, сето ова е зачинето и со доза машки шовинизам.

Но, и покрај сето ова, кога би побарале од мене да набројам актери/-ки од Македонија што ми се залепиле за срце со своите креации, листата на жени би била далеку побогата од онаа на мажите.

Актерството за тебе е игра, професија или живот?

Актерството за мене е професија, која му дозволува на детето во мене постојано да си игра и која му ги дава вистинските бои на мојот живот. Не дека не би преживеала без театарот и без актерството, ама тоа е она што ми го дава сјајот во очите.

Талент или среќа?

Талент, многу работа и луда среќа.

This image has an empty alt attribute; its file name is Viktorija-13-02-2021-9999_141-1024x683.jpg
фото: Дејан Сајковски

Каде е театарот денес?

На маргините. Онаму каде што дозволивме да биде. Или, ако сакате, онаму каде што е и човекот денес. Ако театарот е огледало на општеството, тогаш е јасно зошто се наоѓа таму каде што се наоѓа.

Наречете ме утопист, но јас верувам дека театарот сепак ќе се издигне и ќе се избори за местото што го заслужува. Зашто, како што рекол Артур Милер: „Театарот не може да исчезне, зашто тоа е единствената уметност во која човештвото се соочува само со себе“.

Се разбира, фино би било да ставиме по една рака и да му помогнеме во издигнувањето, а не да легачиме или да вежбаме фискултура.

Во која друга театарска форма се гледаш?

Низ годините сум се испробала во најразлични форми и жанрови. Уживам кога играм камерно, кога публиката е толку блиску што речиси можеш да ѝ го почувствуваш здивот. Добивам коментари дека одлично „пливам“ во мјузикл. Ги сакам алтернативните форми и можноста да го преточиш својот бунт во уметност. Во ова време кога ни е ускратено правото и задоволството да бидеме онаму каде што припаѓаме, на сцената, им се радувам на сите обиди да се „создадат“ нови, виртуелни театарски форми, но она што мене ме храни, сепак е средбата на актерот со публиката, очи в очи. На крајот на краиштата, верувам дека без разлика која е формата, содржината е она што е важно. Да имаш што да кажеш. И да бидеш брутално искрен!

Кое е твоето оружје да се избориш за твојот свет и идентитет како актер?

Јас сум од оние старомодните, кои веруваат дека најсилното оружје на актерот е работата врз себе. Се трудам со секоја нова улога да се искачам макар за едно скалило погоре, да копнам малку подлабоко во себе. И сето ова најмногу заради лична сатисфакција. Среќна сум кога успевам и вистински се јадосувам кога ќе потфрлам. Но, не, никако не можам да замислам да го градам својот „пат до ѕвездите“ на Фејсбук или на Инстаграм.

Дали постои конкурентност на театарската сцена?

Се разбира дека постои, и тоа е одличен мотив да растеш како актер. Да се трудиш да им бидеш достоен на партнерите, да бидеш чесен пред нив, пред себе и пред публиката.

Лично, сметам дека најголем конкурент сум си јас, самата на себе. Јас од вчера наспроти денешнава јас. Јас каква што сум наспроти онаа што се трудам да бидам. Постојат и такви што конкуренцијата ја поимаат сосема поинаку. Е за нив ми е навистина многу жал.

Што е за тебе гласноста на актерот кон општеството?

Привилегија, но и огромна одговорност!

Како ѝ пристапуваш на секоја нова улога?

Со детска љубопитност. Ако имам доволно среќа, таа преминува во младешка опчинетост. А понекогаш, во идеални услови, во процесот може да се изроди и старечка мудрост.

За Офелија?

Остварување на еден младешки сон. Многу патувања, пријателства (некои од нив сè уште траат). Додека работевме на претставата, како да се поклопија сите коцки во една супер целина. Неодамна случајно ја фатив на телевизија и низ главата ми помина мисла дека денес Офелија би ја играла сосема поинаку. Но тоа е нормално со оглед на дистанцата од десетина години. Во секој случај, од тој процес имам само убави спомени.

Што би им кажала на режисерите?

Одамна не живееме со максимата дека режисерот е бог, а актерите неми извршители. Денес, авторитетот и статусот (и режисерите, но и ние, актерите) треба да ги заслужиме, а богами, и постојано да ги браниме. Оние што успеваат да ги заслужат и да ги одбранат, е ним им се радувам како дете на нова играчка и им се предавам како да нема утре!

Три книги:

„Неаполската тетралогија“ – Елена Феранте

„Сопствена соба“ – Вирџинија Вулф

„Галеб“ – Чехов

Три (очигледно, повеќе од три) филма:

„Blue is the warmest color“ – Abdellatif Kechiche

„Cold war“ – Pawel Pawlikowski

„Mal de Pierres“ – Nicole Garcia

„Mon Roi“ – Maiwenn

„Head-on“ – Fatih Akin

„Druk“ – Thomas Vinterberg

Три серии:

„Normal people“

„The handmaid’s tale“

„Unortodox“

видео и монтажа: Дејан Сајковски