Room 2806: Accusation – интимен поглед на мрачна злоупотреба
Веројатно името на Доминик Штос-Кан сега значи многу помалку отколку во моментите кои ги обработува оваа мини документарна серија, но многумина паметат за каква значајна економска и политичка фигура станува збор. Room 2806: Accusation е вознемирувачки документарец кој дава објективен поглед на настаните од Мај 2011-та година кога Доминик Штос-Кан, тогаш директор на Меѓународниот Монетарен Фонд е уапсен од Њујоршката полиција како осомничен за сексуален напад кој наводно се случува во хотелот Софител во Њујорк.
Мини документарната серија во детали го обработува овој настан низ четири посебни епизоди, секоја од нив фокусирајќи се на различни аспекти и моменти од настанот и секогаш завршувајќи со доволно интрига за да ви го задржи вниманието на серијата. Документарецот е продукција на стриминг сервисот на Нетфликс, а режиран од францускиот режисер Џалил Леспер.
Убавината на оваа серија не се состои во убавите фрејмови, ниту во некоја којзнае каква поента. Станува збор за исклучително квалитетно изработен новинарски, објективен пристап на овој вознемирувачки скандал. Секоја еден детал е разгледан од повеќе агли со цел да се даде колку можно повеќе можност на гледачот сам да даде пресуда и субјективен суд врз основа на објективни докази. Во првите десетина минути од првата епизода, документарецот зема еден широк поглед на глобалната економска ситуација во годините пред инцидентот, моменти кога целокупната светска економија беше стрмоглаво упатена кон колапс, а токму во тие моменти, клучната улога ја играше Меѓународниот Монетарен Фонд или уште поконкретно, токму Доминик Штос-Кан како директор на фондот. Една реченица успева да ја сумира неговата важност од економски аспект, неговата соработничка Делрен Бојд го нарекува Цар на финансискиот свет.
Епизодата продолжува со портретирање на Нафисату Диало, имигрант од Гвинеја која го напуштила ужасниот живот во нејзината земја во 2003-та година и се обидува да најде подобар живот во САД. Таа живее во сиромашен дел во Бронкс, а заработува за живот работејќи како собна послуга во хотелот Софител во Њујорк. По контрастното интро за животот на Нафи, следува приказ во оригиналните снимки од повикот до бројот за итни случаи, кога членови на тимот на обезбедување од хотелот Софител во Њујорк, пријавува сексуален напад врз нивна вработена. Нафи Диало, раскажува како стигнала до собата 2806, претседателски апартман кој таа влегува со намера да си ја заврши својата секојдневна работа. Баш кога сметате дека Леспер ќе ви ја предаде целата приказна, епизодата скока во минатото со обид што подобро да го портретира влијанието на Доминик Штрос-Кан пред и за време на големата светска економска криза од 2008-та година. Зборува за неговите љубовни врски, политичкото влијание и подемот од обичен член на Социјалистичката партија, до една од најмоќните политички фигури во тоа време, а воедно и најголем фаворит за иден претседател на Франција. Во овој момент, режисерот не запознава и со идната сопруга на Штрос-Кан, Ана Синклер која ќе игра клучна улога во неговиот политички успех. Режисерот прави уште два вакви скокови помеѓу двата портрети. Приказната ја продолжува со сведочењето на Диало за сексуалниот напад кој според нејзиното тврдење го преживува во претседателскиот апартман, соба 2806 на своето работно место, во хотелот Софител. Низ солзи раскажува што и се случувало во собата, во која вели дека додека се обидувала да ја исчисти, иако изгледало дека собата е празна, одненадеж се појавува еден гостин, кој на себе не носи алишта и започнува физички да ја присилува на сексуален чин кој според нејзиното сведоштво не е на доброволна основа. Човекот кој наводно го врши сексуалниот напад е идентификуван токму како директорот на Меѓународниот Монетарен Фонд, Доминик Штрос-Кан. Кога случајот е пријавен во Службата за итни случаи, Њујоршката полиција тргнува по Штрос-Кан приведувајќи го на аеродромот ЈФК.
Втората епизода навлегува подетално во настаните од 14-ти Мај 2011-та година. Доминик Штрос-Кан веќе се наоѓа на авион за Франција, но пред авионот да полета, полицијата го симнува од авионот приведувајќи го и носејќи го во станица. Епизодата вклучува сведоштва од истражувачки новинари, поранешен шеф на полицијата во Њујорк, заменик комесар за јавни информации, адвокатите кои Штрос-Кан ги најмува да го бранат. Во овие четириесетина минути, документарниот филм детално го разработува моментот на приведувањето како и периодот кој Штрос-Кан го минува во притвор, како и првичниот пристап кон истрагата која њујоршката полиција ја спроведува во Софител хотелот, во собата во која наводно се случува сексуалниот напад. Во исто време се прикажува и драматиката со која одекнува настанот насекаде низ светот и одеднаш, човекот кој требаше да ја избави светската економија од колапс, и самиот се наоѓа пред колапс. Франција е во шок од настаните, неговите блиски соработници, пријатели, членови на партијата се во неверување и едноставно коментираат дека тоа не личи на него. Во исто време, започнуваат и теориите на заговор.
Во третата епизода Леспер не само што ја разработува во детали целокупната истрага, туку полека започнува да ги додава и интересните заплети во документарецот. Во веќе сложената ситуација во која се наоѓа Штрос-Кан, масло на огнот додава и поранешната француска новинарка Тристан Банон која инспирирана од потегот на Диало и случајот во Софител хотелот, и самата го пријавува Штрос-Кан за наводен сексуален напад во кој таа е жртвата. Во меѓувреме, на директорот на ММФ му го одбиваат првото барање да се брани од слобода и тој останува во притвор. Во случајот се замешува и Државниот обвинител со своја независна истрага на случајот откако адвокатите на Штрос-Кан упатуваат на докази за наводни пропусти во истрагата. Во Франција пак, освен обвинувањата на Банон, главна вест е испаѓањето на Штрос-Кан од трката за претседател и одненадеж, француската јавност треба да бира помеѓу екцентричниот моментален претседател Саркози и „нормалниот“ Франсоа Оланд. Во Њујорк пак, поради конфликтните информации и сведоштва кои Диало им ги дава на истражителите од Државниот обвинител, жалбата на адвокатите на Штрос-Кан на одлуката да остане во притвор, конечно успеваат да издејствуваат тој да се брани од слобода. Затворската ќелија, Штрос-Кан, благодарение на сопругата Ана Синклер, ја заменува со луксузен апартман во Трајбека. Јавноста е згрозена. Насекаде низ светот, особено во САД, започнуваат протести во поддршка на Диало и сите жртви на сексуално насилство.
Последната епизода е ултимативна разврска во чиј почеток не се навестува ништо такво. До средина на епизодата, и покрај назначувањето на двајца адвокати кои ја бранат жртвата, поради некоинзистентните тврдења на Диало и поради структурата на правосудниот систем во САД во кој поротата мора да има докази и едногласна одлука за да се донесе пресудата, самиот недостаток на тие докази се доволни за поротата, а со тоа и судот, да го ослободат Доминик Штрос-Кан од понатамошно гонење. Тој во Франција се враќа како херој, додека протестите во САД се засилуваат и стануваат предвесник на „Me Too“ движењето. Диало решава за прв пат да излезе во јавност со својата приказна. Од случајот излегува со правна спогодба, неофицијално од околу 1.500.000 долари оштета. Тука би бил логичниот крај на приказната, но режисерот Леспер има уште еден заплет во приказната. Иако Штрос-Кан е назад во Париз и се враќа на нормалниот живот, повеќе од јасно е дека тоа никогаш нема да се случи. Таму го чекаат нови обвинувања и нови скандали, дури и е поведено обвинение за помагање проституција. Во Франција, тој и покрај сите овие сериозни обвинувања, има повеќе статус на шармер и љубовник, отколку на осомничен за сексуален напад.
Иако сите детали за случајот Софител се одамна познати за јавноста, иако можеби дел од вас знаат како овие настани се развиваа во таа 2011-та и потоа, сепак, режисерот Леспер маестрално ќе успее да ви го задржи вниманието, иако ви прикажува добро познати информации, за уште попозната афера.
автор: Мишел Наумоски