Роман на годината од авторска перспектива

Дека на уметничките пориви на македонските автори не влијаат никакви неприлики, доказ е импозантната бројка од 41 апликација за наградата Роман на годината која годинава се одржува по 22ри пат. Оваа престижна манифестација, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културни вредности „Славко Јаневски“,  е од огромно значење за македонската книжевност и поттик за очигледната експанзија на литературното творештво кое сигурни чекори кон позицијата почесно место во културата.

Во исчекување на објава на победникот, а поаѓајќи од максимата дека субјективноста е најверниот раскажувач на суштината, петтемина финалисти во трката за „Роман на годината“ 2020, за Елементал го опишуваат секој својот роман со три реченици, така носејќи ја поблиску до нас својата лична есенција.

1. Билјана С. Црвенковска- „Куќа над брановите“ (Издавач: Чудна шума)

„Куќа над брановите“ е апокалиптичен роман во кој централниот лик – Бела, живее целосно изолиран живот на осамен остров среде Океанот, додека светот околу неа е опустошуван од разорни бури како резултат на климатски промени и бројни пандемии. Поминувајќи години отсечена од светот, Бела се соочува со сеништата од минатото кои ја населуваат куќата над брановите, откривајќи работи за себе што не ги знаела претходно или, пак, тие биле закопани длабоко во нејзината поствест.

„Куќа над брановите“ може да се каже дека е роман за изумирањето на човечкиот род, или пак роман за крајот на светот, па дури и роман за нов почеток, но, како што се спомнува во него – тој пред сѐ е роман за љубовта…

2. Жарко Кујунџиски- „Сфинга на гневот“ (Издавач: Антолог)

Eден човек на кој книгите му се единствен начин на живот. И еден човек чии книги го исполнуваат животот со вистинска смисла. Дали постои временско-просторна точка во која сите нивни патишта може судбински да се спојат?

3. Владимир Јанкoвски- „Скриени желби, немирни патувања“ (Издавач: Антолог)

„Скриени желби, немирни патувања“ е роман во кој преку вкрстувањето на приказните на педесетина луѓе од различни географски точки на планетата со приказните на четири луѓе од Скопје се истражува идеја за поврзаноста и симултаноста на човечкото искуство во еден миг на различни простори. Романот го сочинуваат три основни оски: љубовната приказна на млад брачен пар, приказната за музичар кој се бори за успех во светот на класичната музика и приказната за успешен деловен човек чиј внатрешен и надворешен свет на моменти наликува на емотивен ролекостер. Сите овие различни човечки судбини се допираат или оддалечуваат една од друга создавајќи еден вид шаренолик мозаик за времето во кое живееме.

4. Петар Андоновски- „Лето во кое те нема“ (Издавач: Или-или)

„ Лето во кое те нема“ е роман за отсуството. Но и роман за осаменоста, траумите и сексуалноста. „ Лето во кое те нема“ е тупаница во стомакот од општеството.

5. Владимир Илиевски-„ Суво мастило“ ( Издавач: Македоника литера)

„Суво мастило“ навидум е историски роман, но во него многу внимателно се посегнува по историските факти, сè со цел книжевната надградба да избие во прв план и да ја прекрие крутата фактографија, едновремено ја поткрепува древната теориска теза дека книжевноста наспроти историјата, цврсто се потпира врз “веројатноста или нужноста”. „Суво мастило“ навидум е биографски роман, во него се поставуваат прашања и се бараат одговори за суштинските нешта кои излегуваат од рамките на едно временски омеѓено човеково битисување. „ Суво мастило“ е роман за еден корисен технички пронајдок, но тој пронајдок е само суптилна алузија за заборавената и изгубена човештина во времето во кое живееме.

автор: Јована Матевска Атанасова