„Да се почне одново“ – сезона 2021 на Велешкиот театар

На вчерашната прес-конференција одржана во Националната Опера и Балет, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, Велес ја претстави програмата за сезоната 2021, насловена „Да се почне одново“.

Насловот на сезоната произлегува од театролошкиот проект кој театарот ќе го реализира во соработка со шест национални театри, исто толку независни субјекти од културата, четири реномирани театарски фестивали и издавачката куќа „Арс Ламина“.  Целта на проектот, чиј глодус е проф.д-р Јелена Лужина заедно со експертски тим од неколкумина домашни и меѓународни театролози, е да истражи која е и каква е потребата од промена на македонскиот театар во потрагата по неговиот автентичен модел низ европските стандарди. 

Покрај тетаролошкиот проект, во рамките на концептот за сезоната 2021 ќе бидат реализирани и четири театарски продукции. Сезоната ќе ја отвори премиерата на театарската претстава „Четири соби“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, предвидена за средината на април. Втората продукција, танцтеатарска претстава чија премиера е планирана за јуни, е „Петтото годишно време“ од Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев. Третата театарска претстава е „Орестија“ од Есхил, чии четири делови ќе ги режираат Александар Ивановски, Ненад Витанов, Софија Ристевска Петрушева и Деан Дамјановски, во соработка со кореографите Олга Панго и Саша Евтимова од Националната Опера и Балет, како копродуцент на претставата. Со премиерната изведба на оваа претстава во јули ќе биде отворен Интернационалниот фесивал на античка драма „Стоби“. И четвртата продукција од програмата за работа е театарската инсталација „Квартет“ од Хајнер Милер, во режија на Деан Дамјановски која премиерно ќе биде изведена во втората половина на сезоната. Театарот ќе го реализира и годинешното издание на ИФАД „Стоби“, а во соработка со авторските екипи на тетарските продукции и други гости уметници, во театарот ќе се одржат и работилници наменети за студенти и професионалци од сценскоизведувачките уметности, како и неколку трибини и панел-дискусии.