Влијателен диригент кој учел од најдобрите

Добитникот на „Греми“ – маестро Антони Вит е еден од највлијателните полски диригенти и, воопшто, еден од најпочитуваните ликови на полската музичка сцена денес. Откако ја освоил престижната награда „Херберт вон Карајан“ на Интернационалниот натпревар по диригирање во 1971 година и бил асистент на славниот Карајан на Источниот фестивал во Салцбург, тој соработувал со сите водечки оркестри во Полска пред да ја заземе позицијата генерален и уметнички директор на Варшавската филхармонија во 2001 година. Бил и музички директор на Симфонискиот оркестар Де Навара во Шпанија, а моментно е диригент-лауреат на Краков филхармонија во Полска. Во 2015 година го доби францускиот орден „Легија на честа“ за промоција на француската музика. Ужива славна интернационална кариера диригирајќи со видни оркестри во светот, како што се Берлинската филхармонија, оркесарот „Тонхале“ во Цирих, Националната академија на Санта Чечилија, Кралската филхармонија во Лондон, Би-Би-Си филхармонија, Кинеската филхармонија, Кливленд оркестар… Неговите настапи се снимени на повеќе од 200 аудиозаписи за реномирани издавачки куќи и за нив е добитник на бројни награди, меѓу кои и на престижната „Греми“ (2013) за изведбата на „Фонограми“, „Партита“ и Концерт за хорна од Пендерецки, како и шест номинации за неа, но и на награда од Фондацијата „Карол Шимановски“ за промоција на неговата музика за аудиозаписите за „Наксос“. Маестро Вит има голема заслуга за изведбата на речиси сите современи дела од големите полски композитори, како што се Лутославски, Пендерецки, Карловиц, Шимановски… Студирал на Музичката академија во Краков, а ги продолжил студиите кај почитуваната Надја Буланже во Париз. За современата музика, во едно интервју, ќе каже: „Изведбата на полската современа музика стана дневна работа за мене. Затоа што ја изведувам многу почесто од другите диригенти. Се чувствувам сигурен на ова поле, иако никогаш не го третирам тоа како професионална должност. Секогаш сум мислел дека тоа е мисија на Полскиот радиооркестар, да ја промовира полската музика на современиците и затоа оваа музика е мошне важна“.

Најзначајни влијанија во неговата кариера како диригент се искуствата што ги добил од работата со двајца полски диригенти – Хенрик Сиз и Витолд Ровицки.

„Тие ми ги отворија моите хоризонти. Сиз ми беше професор, а Ровицки ме научи многу кога бев негов асистент во Варшавската филхармонија. Тоа беше навистина интересно искуство. Најмногу научив само што го гледав и проучував. Бев восхитен од неговата моќ да им дава енергија на музичарите. Не мислам на онаа енергија која произлегува од движењата на рацете, туку многу подлабоко, извлечена директно од неговата внатрешност. Тој сметаше дека младите диригенти треба повеќе да мислат на музиката отколку на техниката. Младите диригенти многу често се опседнати со прашања од типот: што да направам за да го постигнам вистинското темпо, како да направам оркестарот да звучи подобро и сл. Тоа е вистинска опасност – тогаш, всушност, може да се заборави музиката, таа е најважна“, изјавува Вит.

Слично искуство имал и со големиот Херберт вон Карајан.

„Тој, исто така, имаше една главна порака до сите млади диригенти. Имајте на ум дека музиката секогаш е најважна. Додека работев како негов асистент, тој работеше како луд, понекогаш дури и без паузи. Никогаш не одмораше. Можев да го гледам, понекогаш да го прашам нешто, и мора да признаам дека научив многу“, вели Вит.

Негови учители не биле само диригентите. Тој, исто така, работел и со композиторот Кшиштоф Пендрецки и со влијателната професорка Надја Буланже, чии ученици беа најзначајните американски композитори на 20 век.

„Да имаш можност да учиш од големите композитори е неверојатно задоволство и привилегија. Навистина имав среќа да работам со исклучителни композитори како што се  Пендерцки, Лутославски, Месјен, Горецки и Килар“, вели полскиот диригент.

Автор: Ангелина Димоска