„Мoдар накит“ – ронење на женската полимерност

Жената е полимер, голема молекула што по дефиниција е составена од помали единици, таа макромолекула има и игра суштинско и сеприсутно значење во животот.

Ова првенче на Винклер е кратко, но напишано да ги откорне сите спојки, навртки и држачи, да си поткои место во меморијата, да остане запаметено. Читајќи ја, секоја судбина со која досега сте се сретнале полека избледува и како приоритетна се нафрлува само таа, најтегобната, на Филиз.

Авторката поставува повеќе теми од она што при првата средба со книгата обичното читателско око го уочува: малолетнички брак, угнетување на жената, нагласена мизогинија, упадлива во примитивно подредените заедници и, најнакрај, семејното насилство, прифатено како дел од национално припаѓање.

burst

Филиз израснува во многудетно семејство каде што модриот накит е, очигледно, генерациско наследство. Го носат бабите и мајките, сосетките, па дури и децата. За мажите овој накит е знак на слабост, на потфрлување, додека пак жените го прифаќаат како невестински чеиз, дел од брачната обврска. Го премолчуваат, плашејќи се дека некој можеби ќе го украде, накитот е проклет и проколнат, сепак се радосни кога тој не им ги краси вратот, зглобовите, стомакот или бедрата.

Филиз бега од домот откако не добива благослов и согласност од родителите, бега и покрај нивното противење, и решително станува невеста на Јунус, кој од самиот почеток ја нагласува својата улога на апсолутен монарх во нејзиниот живот. И она што започнува како идеја за живот во еманципиран свет, носење фармерки или кармин, завршува трагично. Ги расте трите деца заклучена зад влезната врата, отцепена од престолнината на Хабсбуршката династија, робинка во либералните општества што се обидуваат да ја доведат жената до рамниште на оние што ја експлоатираат.

Романов изобилува со метафори, понекогаш е тешко да се проследи специфичниот израз на авторката, кој, иако лаконски, со стилистички глетованите реченици, добива неверојатна тежина. На прв поглед мами дека се чита за миг, со оглед на глобата со која располага, бара целосно расветлување за разумот да успее да ги впие монструозните стапалки што се оставени низ делото. Меѓутоа, книгата е привлечна, па нема да ви ја остави совеста чиста додека не расчистите со последната точка.

Одличен изговор да се избавите од стегите што ве прават амбивалентни и заковани, жената има свое место на овој свет, и тоа не е само во кујната и на родилниот бокс. Кога на сето ова ќе додадете дека е пишувана според вистинска приказна…

Не е срамно да се прифати каков било облик на семејно насилство, насилството не секогаш подразбира физички контакт. Има тупаници од зборови што оставаат хронични дупки и модринки. Бидете свесни дека насилството е разнобојно, со многуте форми и карактеристики. Не бидете платно по кое ќе шараат нечии дланки и фрустрации!!!

автор: Јована Матевска Атанасова