„Булки“-изложба на Лазар Дојчинов

Ликовниот уметник Лазар Дојчинов уште познат во уметничките кругови и помеѓу сограѓаните, по своите традиционални изложби посветени на заштитникот на лозарите и овоштарите „Свети Трифун“, денес на 22-ри Март, со почеток во 19 часот, во галеријата на „Дом на културата“ Кавадарци, ќе ја изложи својата  нова колекција на слики под насловот „Булки“.

Симболично, Дојчинов го избира првиот ден по пристигнувањето на пролетта, која за растенијата и цвеќињата е рудиментарна. Но на овој ист ден, господинот Дојчинов го чествува своето раѓање.

Овие оживеани платна не се пријатни само за око, гледајќи ги, човек го чувствува нивниот мирис, ровката земја на нивното ‘ртење, зуењето на пчелите намамени од поленот, песната на полноноќните штурци, ладниот провев од масивно построените планини. Во квадригоналните плоштини на својата мајсторија, тој црта поезија, со добро осмислен ритам на естетиката.

Лазар Дојчинов прв ја носи пролетта во снежно обоените краишта, тој е реаниматор на мртвата природа. Насликаните дела се секогаш запоседнати со вивидни бои, откинати натурални парчиња. Непосредни мотиви, блиски на сетилата до родниот крај,  контрастот создаден од  црвената и сината боја…

Неговиот стил потсетува на прочистена и модернизирана верзија на сликањето на импресионистот Клод Моне, контурално дефинирана, со посебно нагласен стисок на четката , која се чини како да работи по автоматизам штом се допре до платното на Дојчинов.

Во делата на кавадаречкиот современик на Личеноски преовладува една уметничка ономатопеја. 

Како централна композиција на изложбата „Булки“ уметникот ја нагласува насликаната куќа во Дебниште, каде впрочем бил и спасен животот на преродбеникот, таткото на турската нација, Мустафа Кемал Ататурк.

Од сликарски техники најчесто работи акварел, а од 2006 ги открива благодатите и на акрилот и маслото на платно.

Роден е 1948 година, во Кавадарци. Завршил Виша ХТЗ школа во Скопје. Во 1978 година се запишува како вонреден студент на Педагошката академија во Скопје, отсек ликовна уметност.

Талентот кој е вроден како неоспорен империтив, низ годините само го доусовршува, изучувајќи ги тајните на сликарските техники кај еминентните професори: Борко Лазески и Димитар Кондовски.

Во неговите дела приоритет има мртвата природа: цвеќињата, овошјата, како и пејсажите, традиционалните празнични трпези, иконата на Свети Трифун, а вечна инспирација се и мотивите на убавата кавадаречката околина, Моклиште и Тиквешкото Езеро.

Неговата хуманитарна страна е таа што го издвојува од останатите уметници, редовно е дел од хепенинзи со добротворен карактер, каде и ги подарува своите дела.

Многубројните изложби низ децениската кариера како сликар, будат интерес кај посетители од различни старосни групи, па важат за едни од најпосетените во регионот.

автор: Јована Матевска Атанасова