Викингур Олафсон – Пијанист со автентичен и оригинален сензибилитет

Кога имал само 5 години, исландскиот пијанист Викингур Олафсон знаел што ќе стане кога ќе порасне. „Можеби звучи лудо, но навистина се гледав себеси како концертен пијанист“, вели познатиот пијанист и низ шега додава  „иако не бев толку добар пијанист тогаш“…

Овој пијанист од Исланд кој има 37 години, денеска е еден од водечките на светската музичка сцена. Неговиот широк репертоар вклучува дела од барокот до современата музика, а пијанистичката техника која ја поседува е исклучителна во совршена комбинација со препознатливиот мек и топол тон. Го бараат водечки оркестри во светот, настапува во најдобрите концерни сали, со најдобрите диригенти.

Неговиот исклучителен пијанистички сензибилитет, оригиналност и силна музичка посветеност за кратко време го лансираа на врвот на музичката сцена. Со албумите кои ги сними со музика од Филип Глас (2017) и Ј.С.Бах (2018) кои ги издаде под етикетата на „Дојче грамофон“ изврши големо влијание врз промената на пијанистичкиот наратив, сместувајќи се на самиот врв на актуелната класична музичка сцена. Неговиот албум од минатата година на кој сними дела од Дебиси и Рамо имаше неверојатни 21 милиони симнувања, а „Дејли Телеграф“ го нарече „нова супер ѕвезда на класичното пијано“.

„Њујорк тајмс“ го нарече „Глен Гулд од Исланд“, а по излегувањето на неговиот албум со дела од Јохан Себастијан Бах во 2018 година критика беше едногласна дека станува збор за исклучителен пијанист кој опусот на генијалниот барокен композитор го однесе на сосема ново ниво.

„Споредбите се игра која се игра во 21 век, во која секој мора да биде ставен во корелација со некој друг. Секогаш се бараат примери од минатото. Данил Трифонов го споредуваат со Владимир Хоровиц, Јуџа Венг со Марта Аргерич. Не ми се допаѓаат овие споредби, но од друга страна поттикнуваат конверзации, за тоа е добро. Констатацијата на ‘Њујорк тајмс’ е интересна дека ги дели луѓето. Кога ќе размислам подобро, тоа всушност го прави и уметноста. Мислам дека на уметноста и е потребна нестабилност. Како оваа сега, која ја создаде пандемијата. Ќе биде интересно да се биди каква музика ќе биде напишана во ова време. Мислам дека најдобрата музика секогаш била пишувана во најтешките и најопасните периоди со кои се соочувало човештвото“, вели исланскиот пијанист.

Последнава година, поради пандемијата, неговите настапи се сведени на минимум, но како што вели не очајува, иако ако продолжи вака, како што вели „ќе мора да си бара нова работа“.

„Пандемијата е вистинска трагедија, но таа не научи дека ништо не може да се земе здраво за готово, и дека работите може да се сменат преку ноќ. Не сакам да ја оптеретувам јавноста со податокт дека сите концерти ми беа откажани. Среќен сум дека сум во ред. Но, ако продолжат да ги откажуваат концертите, ќе мора да си најдам нова работа. Сепак, благодарен сум што можам да свирам по дома, да истражувам и да барам нови дела за изведба“, вели Олафсон.

Интересен е неговиот автентичен и единствен пристап кон музичките дела. Всушност, токму таа негова особина да проникне на поинаков начин во суштината на делата го прави исклучителен и едниствен.

„Идејата за автентичноста на музичката изведба е лажна. Секој пат кога ќе седнам да го свирам Бах станува збор за обработка. Не можеме да знаеме како Бах ја свирел својата музика – дури не можеме и да замислиме. Се било различно во негово време, најбрзо превозно средство била запрежната кола, па дури и времето се перцепирало поинаку од денеска. Баховата музика е чиста структура која мора да биде исполнета со боја и мора да ја запазите пропорцијата на делото. Тоа според мене е најважно“, вели Олафсон.

На 13 март го издаде четвртиот албум од серијалот „Рефлексии“ под етикетата на „Дојче грамофон“ во кој повторно се навраќа кон опусот на Клод Дебиси, објавувајќи неиздадени снимки од францускиот композитор, снимени во неговиот дом. Албумите се фузија од снимки со дела на Дебиси и медитативни дела од современи музичари со кои Олафсон соработува. Во нив исландскиот пијанист „нема што да докажува туку има што да раскажува“. Звучат како сон, реализиран во беспрекорни звучни бои.

Викингур Олафсон е исклучителна фигура на музичката сцена во моментов. Пијанист кој на инструментот му даде сосема нов контекст, музичар кој го чита нотниот текст на поинаков начин, давајќи им на делата друга димензија, но во корелација со естетика и стилот кои ги носат делата. Исклучителен артист, пијанист кој мрази да биде етикетиран и ставан во контекст, уметник кој ја цени слободата и се движи по границите на „дозволеното“ во класичната музика.

автор: Ангелина Димоска