Елена Пренџова – Што значи да се биде поет/поетеса

(Извадок од збирката есеи Мини прирачник за поезија, Академски печат, 2017 год.)

1. Поетесите и поетите треба да читаат. Многу да читаат. Да читаат од забава, од интерес, од љубопитство, од професионална деформација. Поетесите и поетите не треба да се ограничуваат во читањето. Треба да читаат и поезија и проза, и класици и бестселери, и врвни и просечни авторки и автори, и Фејсбук-статуси и твитови, и книги и споменари, и треба да бидат во тек со современата книжевна сцена исто онолку колку што ја имаат историската книжевна сцена во малиот прст.

2. Поетесите и поетите не треба да се ограничуваат во поетиката. Ако и покрај сè, инсистираат да следат исклучиво одредена поетика во пишувањето, тоа никако не смее да ги ограничи да следат само една поетика и во читањето. Консумирањето различни поетики придонесува за збогатување на личниот поетски печат и претставува излез од тесниот круг на повторувања и самоцитирања.

3. Поетесите и поетите не треба да имаат предрасуди кон разноликоста на поетиките и класификаторски да ги исклучуваат заземајќи антагонистички и предрасуден став кон нив. Поезијата е субјективна само кога се создава и консумира „за душа“, но кога е во рацете на професионални лица, пожелно е радарите за објективизам уредно да проработат. Ова не значи дека субјективниот и објективниот пристап треба да се исклучуваат или лактаат, бидејќи секако може сукцесивно да коегзистираат. Најбитно за поетесите и поетите е да ја надминат опасноста од заслепеност преку правење строга разлика меѓу она што им се допаѓа и она што е добро. Оти не сè што ни се допаѓа подразбира дека е добро, а и обратно, не сè што е добро е нужно да ни се допадне. Сепак, мора трезвено да се сфати дека вреднувањето е засебна категорија од допадливоста.

4. Поетесите и поетите не треба да се плашат од влијание. Замислете да стравувал Шекспир од влијанието на античките и латинските класици, од влијанието на поетите претходници и драматурзите современици?! Замислете да стравувал Шекспир од Петрарка, од Вергилиј, Хоратиј и Овидиј, од Сидни, од Марлоу, од Библијата? Секогаш имајте ја на ум максимата на Т. С. Елиот дека: „Незрелите поети имитираат, а зрелите поети крадат; неумешните поети го уништуваат преземеното, а вештите го подобруваат, или го преиначуваат“.[1] За среќа, модерните демократски времиња слободата на изразот како никогаш досега ја сфаќаат и ја оправдуваат интертекстуалноста. Но, секако, мора да се внимава и да се има на ум дека интертекстуалноста не смее да биде злоупотребена како плагијаторство!

[1] Преземено од: Eliot, T. S. The Sacred Wood.

5. Поетесите и поетите не треба да се плашат од смртта, ниту да се надеваат на бесмртност. Иако ставот кон животот и смртта е индивидуален и интимен, и исто толку различен, сепак, кога станува збор за уметноста, сметам дека е потребно да се избалансира златната средина. Ако се плашиме од смртта, ќе го поминеме животот во нејзино непожелно исчекување. Ако се стремиме кон бесмртност, неизбежниот удар на смртта ќе го поднесеме многу поболно отколку што навистина боли. Ако се плашиме од смртта, ќе живееме како кукавици. Ако се стремиме кон бесмртност, ќе живееме како лажни, самопрогласени богови. А и во двата случаја нема да бидеме поетеси/поети! Ниту Шекспир сам за себе не си посакал бесмртност, туку во своите сонети, без лажни надевања, ја предвидел бесмртноста на своите дела. Оти, впрочем, авторката/авторот умира со/во своето дело, многу порано од својата биолошка смрт и многу пати, со секое наредно читање на делото. Dulce et decorum est pro arte poetica mori!

6. Поет на поета му е волк! Да! Поет на поета му е волк! Поет на поета може да му биде и припитомен волчјак, но поет на поета никогаш не му е славеј! Поетесите и поетите одат во крајности – или го обожаваат друштвото на мртвите поети или го омразуваат друштвото на живите поетеси и поети. За своите современички и современици имаат еден став со две лица: или ги презираат оние што се самонарекуваат поетеси и поети или ги презираат оние што ги нарекуваат големи поетеси и поети. Првите им пречат затоа што се туркаат онаму каде не припаѓаат, вторите им пречат затоа што ги истуркуваат од онаму каде што самите тежнеат по секоја цена незаслужно да припаднат. На првите им завидуваат затоа што умеат самите да си даваат вредност на своите и не толку вредни дела, на вторите им завидуваат затоа што умеат да си ја прогресираат вредноста на своите дела, но оценета и вреднувана од јавни и релевантни стандарди и критериуми. Затоа, можеби најдобро за поетесата/поетот е да биде јагне, меѓутоа вовлечено во волчја кожа.

7. За секое тенџерче – капаче. А во денешното современо, цивилизирано, демократско, демитологизирано и деконструктивистичко време, лесно може да се направи капаче и за ѓезвенце. Значи, за секои поетеса и поет има читателки и читатели, за секои поетеса и поет има читателска публика. Поетесата и поетот не треба да судат за читателките и читателите, фановите, публиката на своите колешки и колеги. Ниту да се трудат да ги одземат и присвојат туѓите. Поетесата и поетот треба да ги почитуваат и своите и туѓите читателки и читатели, фанови, публика. Поетесата и поетот треба да се трудат да ги задржат, да ги љубат искрено, да ги наградуваат со нови дела, да им се радуваат на присуството и фактот што постојат; да ги почитуваат без да им стравуваат, да им „служат“ без да им робуваат, па дури и да ги пуштат кога ќе посакаат да ги „напуштат“.

8. Поетесите и поетите треба да бидат поетеси и поети на своите читателки и читатели, но и читателки и читатели на своите колешки и колеги по перо. Поетесите и поетите не треба да бидат селективни во читањето на своите колешки современички и колеги современици – и пријателки и пријатели и конкурентки и конкуренти. Поетесите и поетите треба да бидат ненаситни во читањето на своите колешки современички и колеги современици. Поетесите и поетите самите ќе одлучат дали ќе читаат сè од своите колешки и колеги, само дел од нивите дела, или можеби само делче извадок од едно дело, но не смеат да заобиколат целосно ниту еден/а колега/колешка автор/авторка. Критериумот за тоа дали ќе читаат повеќе или помалку од еден/а автор/авторка никако не смее да се сведе на меѓусебниот однос што го имаат како личности – пријателство или ривалство. И Шекспир во своите сонети ги фали делата на поетот ривал, дури и покрај тоа што му го презел мецената, патронот, љубовникот, или каква и не/интимна врска да имале. Не смееме да го заборавиме основниот етички кодекс на професионализмот – дека треба сите колешки и колеги да се почитуваат – сакањето е бонус. И да не тргнуваме од претпоставката дека некој/а поет/поетеса како човек по сензибилитет не ни е близок/а, па нема да го/ја читаме. Оти тоа не е никаква причина да не го/ја почитуваме или да го/ја мразиме. И оти луѓето со енергиите и блиските интереси се поврзуваат, а со егата и суетата се разидуваат. И оти да ги читаш колешките и колегите по перо значи да ги почитуваш. И оти да ги читаш колешките ривалки и колегите ривали значи да ја љубиш и почитуваш поезијата пред сè, да ја љубиш и почитуваш поезијата над сè.

9. Поетесите и поетите имаат одговорност кон своето пишување, кон своите стихови, мисли, ставови, форми, поетики, но не и кон размислите и ставовите кои ќе бидат инспирирани, предизвикани и/или испровоцирани од нивните дела. Поетесите и поетите мораат да имаат на ум дека неизбежна е можноста да бидат „погрешно сфатени“, затоа што ако воопшто не се сфатени, тогаш ќе треба длабоко да се преиспитаат во врска со своето пишување. Од друга страна, пак, не смеат да заборават и дека, всушност, не постои „погрешно сфаќање“, туку само различни толкувања со причини. Најлошото што може да им се случи на поетите е да бидат злоупотребени во ставовите и стиховите, како филозофијата на Ниче, на пример, од страна на фашистичкото движење. Но и во тој случај, штом решиле да објавуваат јавно, мораат да бидат подготвени на последиците и да се помират со фактот дека не можат да имаат контрола врз сите контексти во кои ќе бидат цитирани.

10. Поетесите и поетите имаат одговорност кон јазикот на кој пишуваат. Јазикот треба да се љуби искрено, да се негува, да се исцрпува до максималност, да се игра и танцува со него, да се истражува во своите можности, но и да се збогатува со новитети. Поетскиот јазик треба да опфаќа широк лак и да не се сведува само на одреден стандард, дијалект, жаргон и сл. Пожелно е поетесите и поетите да се одликуваат со силно наметлив, изразувачки моќен и богато разнолик идиолект.

11. Поезијата треба панично да се плаши од политиката. Иако поетесите и поетите како луѓе се Zoon politikon, делата што се раѓаат од поетското перо се Ars Poetica. Поезијата и политиката се како денот и ноќта, како мракот и светлината, како студот и жештината, како планината и морското дно – тие не можат истовремено и заеднички да кобитисуваат, туку мораат наизменично да циркулираат. Да се исполитизира поезијата значи да заболи од тумор. Затоа поетесите и поетите, без разлика на политичките и партиските ставови, на политичката и партиската определба и на степенот на политичката и партиската активност, кога творат поезија, треба да умеат да му извршат самоубиство на политичарот и политичарката во себе и да му ја предадат сета слобода на поетесата и поетот да го обземат сето нивно битие, од глава до петици, од белото влакно на главата до најмалиот ножен нокот, од крупните и сјајни очи до најситната клетка на организмот наречен човек.

P.S. Текстот не претставува рецепт „Како да се стане поетеса/поет во 11 чекори“! Текстот е само упатство во разграничувањето меѓу она што се нарекува „продукција“ и што во последно време силувачки пенетрира во она што е именувано како „уметност“.