„Only fools and horses“- иронија за капитализмот

Големо количество хумор  пренесено на малите екрани

Речиси четири децении по емитувањето на првата епизода, насловена „Big brother„ oваа комедија (1981-2003) заслужено го освоила местото во Пантеонот на британската телевизиска елита.

Двајца браќа живеаат заедно во еден стан, обидувајќи се да одржат рамнотежа на каменот на слогата. Звучи некако познато, нели? Можеби Chuck Lore, идејата за продукција на својата авторска серија „Two and a half man“ ја добил гледајќи ги авантурите на Делбој и Родни, уште во своето детство?

Тротерови се остварување на англиската работничка класа, умерен спој на античка траги-комедија со користење на модерни механизми, управувана од сценариото на веќе познатиот John Sullivan. Балансот на емоции во шоуто се покажа како добитна комбинација, со оглед на тоа што сѐ уште има неверојатен интерес од публиката, при што неодамна, беше креиран истоимен мјузикал, изведен премиерно на лондонската театарска сцена, во 2019 година.

Еуфемизам на англиското општество

            Оваа парада во епизоди е прозвана од крутиот англиски хумор, но растопен од пост-хипи  ерата, до степен на хронично пресмејување.

Делбој е маалски трговец, ситен криумчар, кој на секаков начин се обидува да преживее во светот на капиталистичкото цунами. Но неговиот товар не е само финансиската нестабилност и трката по милионот на банкарска сметка, тој истовремено се грижи за својот наивен и лесно манипулативен брат Родни, со кого се различни како ден и ноќ. Делбој е мозокот, Родни е срцето, така најдобро би се опишале карактерите на овие телевизиски обликувани ликови. На ова урнебесно дуо се приклучува и нивниот сенилен дедо, кој секоја конверзација ја започнува со фразата „За време на војната…“

Релаксиран и вирозен ситком, нема да ве остави рамнодушни сѐ додека не ја изгледате и последната епизода. А кога ќе стигнете на крајот, ќе се решите да ја прегледате уште еднаш, да не случајно, пропуштивте некоја лакрдија. За разлика од  Монти Пајтон и Црната Гуја, серијата изобилува со шеговити цитати од кои се отвора една нова димензија, и според филмските критичари, „Only fools and horses“ е порталот кон козметички уредена комедија, со која започнува новиот правец на британската телевизија.

Ако не сте ја гледале, не пропуштајте. „Оnly fools and horses“ e добра мозочна занимација, со која се одмараат сетилата, издувен вентил покрај пуканки, времеплов кон некои подобри времиња, барем што се однесува на човечката итрина и нејзината независност од моќта на тастерот.

IMDB оценка: 8.9

автор: Јована Матевска Атанасова