Кон „Не правете им сенка на гробовите“ од Дијана Петрова

Има книги што се мали по страници, но големи во суштината. Ова е токму таква книга – голема, која тежи од мудрост, филозофија и интелигенција, која не се чита „во еден здив“, која те тера да мислиш и да го извадиш од себе сето она што те притиска, а на кое си заборавил или намерно си го потиснал.

Збирка раскази поделена на седум делови насловени по седумте смртни гревови. Заснована на непишаните Божји гревови – гневот, сладострастието, алчноста, гордоста, мрзливоста, зависта и ненаситноста, пороци што сите нас нè прават грешни и покајници, такви несовршени.

Иако во секој расказ лајтмотивот е смртта, нејзината природност како и раѓањето, низ целото писание се слави животот, опачината на умирањето. „Ние се раѓаме со големина на дланка, со единствена смисла на тоа раѓање: да живееме.“

Секоја расказ си има свој протагонист, често тие се луцидни, на работ од реалноста, им се меша сонот со јавето. Но тие се само ликови што нè водат кон замислата на самата авторка за ова дело, некаде бизарно, некаде мистериозно, паранормално, психотично. Но само навидум, бидејќи на тој хаос се заснова и човештвото, видлив или не, признаен или одречен, сепак присутен.

„Градината е како животот, мораш да се грижиш за неа, за да не ти овене. Или пак да не дозволиш да ја имаш, а да не бидеш ни свесен за неа, и, кога ќе ти ја одземат, тогаш да почне да ти значи нејзиното губење. Треба да си ја средиш така како што тебе ти одговара, да не ѝ завидуваш на таа на соседот, или пак да ја градиш по негов пример. Не, таа си е само твоја и како сакаш така ќе си ја подредуваш.“

Фасцинантен стил на пишување, кој ме воодушеви со својата зрелост, со својата мисловност, со својата интелигенција.

Ретко добро четиво, кое блика со мудрост, онаква каква што ја имаат искусните, веќе остарени писатели, а го напишала толку млада девојка. Како да поминала патишта километарски, како да ја искусила сета мудрост на овој свет.

А ние луѓето копаме дупки доволно длабоки за да ги погребеме сите свои гревови, јадови и срамови, што подлабоко.

За истите тие камења да „воскреснат“ и околу нас да направат ѕидови и да нè затворат во себе. А толку е лесно, само една тула треба да поместиме и да се ослободиме, само една единствена тула.

На крајот, не правете им сенка на гробовите, не калемете им трња на кокичињата. Не војувајте и не мразете се меѓу себе бидејќи има доволно земја на светов да нè покрие сите.

автор: Благородна Димовска-Буџакоска