Моќниот театарски перформанс „Оклоп“ гласно ги издигна приказните на лицата со попреченост – интервју со Аница Бебиќ, Актер

Кога секој молекул од твоето битие е актер, тогаш нема оклоп кој може да те направи нем набљудувач на неправди. Потребата да се викне гласно безусловно наоѓа форма преку која ќе излезе. “Оклоп” е токму тоа – гласен театарски преформанс со моќна порака.

Што претставува „Оклоп“ за Вас и што Ве инспирираше да го создадете?

Оклоп во кој општеството нè става врз основа на она што за него е прифатливо или не е прифатливо. Оттука доаѓа и самото име. Инспирирана и од фактот што секојдневно наидувам на повеќе ситуации каде што луѓето со попреченост се третираат „посебно“, направив комбинација од актерски монолози и вистински интервјуа каде што лицата со попреченост ќе се чувствуваат добро да ја раскажат својата приказна пред камера.

Силна порака креирана во документарен театарски перформанс со актерски монолози и вистински интервјуа. Кога ќе има услови и можности, дали размислувате ова Ваше дело да биде дел од некој театарски репертоар?

Таква и беше првичната замисла. Да биде театарска форма на сцена, но поради ситуацијата со пандемијата, сето тоа беше документирано и доби нова форма, со што ќе допре до поголема публика. Секако дека кога ќе стивне ситуацијата би ја поставиле и на сцена.

Кои се Вашите следни проекти што ќе ги презентирате и која следна тема ќе ја опфатите?

Засега е рано да откријам за следниот мој проект, но тоа повторно би била некоја тема што ќе биде поучна и корисна за општеството. Можам само да надополнам дека ќе се потрудам „Оклоп“ да допре до поголема публика, а со тоа кај нас општеството би се едуцирало повеќе во однос на оваа проблематика и предизвиците со кои се соочуваат овие лица.

Основач, организатор, режисер, актер. Како успеавте себеси да се менаџирате во овие три „улоги“?

Секако дека не беше едноставно и лесно, пред сè, затоа што чувствував голема одговорност и имав голем број задачи. Но, целиот тим со кој работев, а тука ќе ги набројам: Захарија Ангелеска, Филип Трајаноски, Тома Димовски, Искра Донева;

Интервјуа: Радмила Периќ, Коце Димов, Зоран Костадиновски, Томислав Атанасовски, Марија Филипоска, Нада Костоска, Ангела Чингоска, анонимен родител и Зоран Мијалков;

Монтажер и аудиовизуелен техничар: Бранко Блажевски;

Камера: Илија Жоговски;

Музика: Оливер Јосифовски;

Кореографија: Маја Крстеска;

Превод на знаковен јазик: Викторија Волак;

Превод на англиски јазик: Анетка Копачева, Димитар Златески;

Дизајн на плакат: Теано Кардула

веруваа во проектот и сите до еден дадоа максимална поддршка и беа спремни за соработка. Тука ќе им се заблагодарам и на ЕТНА-АРТ ФУЗИЈА Крушево, со чија организација се реализираше проектот и на Германската амбасада во Скопје, реализиран со нивна финансиска поддршка и на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија (Оддел за промоција на човекови права). За менаџирање најмногу ми помогна колегата Филип Трајаноски, кој ми беше помагаше низ целиот овој проект.

Како е Аница денес?

Аница пробува да биде добро секој ден. Ситуацијата нè погоди сите, па и мене, но секојдневно се обидувам да вежбам и да медитирам и на тој начин да се чувствувам добро.