Само вистинската љубов може да го смени светот – Сузан Акбелге

Оваа година во име на македонските актери по повод Светскиот ден на театарот ,пораката  ја пренесе Сузан Акбелге – Актер во Турскиот театар , Скопје 

Дали животот е сон?

Дали сонот е живот?

Зарем битисувањето на сцена не е сонување со очи ширум отворени?

Меѓу просторот кој магично се протега помеѓу актерот и публиката, сега и тука, пореално дури и од самите себеси, е она што ја исполнува суштината на театарот. Зарем не звучи како љубовта која е интимна, бескрајна, безвремена… Дадена само и само по своја волја… слободна.

Само љубовта може да ја смени неговата душа и само вистинската љубов може да го смени светот, да го оттргне волчјиот замав од патот на алчноста и кукавичлукот кон оној на честа, охрабрен.

Бертолд Брехт прашува: „Во мрачните времиња ќе има ли пеење ?“ и одговара: „Да, ќе има пеење за мрачните времиња.“

Во далечната 1606 год, кога во Лондон за време на големата чума театрите биле повеќе затворени отколку отворени, Вилијам Шекспир во самоизолација ги создал двете култни драми Кралот Лир и Магбет… Актерите ги напуштиле големите градови додека претставите се изведувале на отворено во помалите места.

Деновиве додека чувствуваме дека отсекаде не демне невидливиот тиранин, водени од палката на неговиот ритам, тој кој не присили да се прибереме не само во своите домови туку пред сѐ во себеси… за првпат после долго време какафонија… (пауза)… монолог.

Толку тивок, а толку гласен, толку слободен, а заробен.

Кризите секогаш се шанса за преобразба. Какви суштински промени ќе донесат последиците од пандемијата сѐуште не знаеме, но она што со сигурност го знаеме е дека светот во којшто човечката жед за консумирање го достигна врвот, наспроти битисувањето и креирањето, човечката рамнодушност кон сѐ околу него, општествената матрица која на сила втурнува политички чиновници кои уништуваат институции и цели генерации луѓе… актери, е неодржлив и дека промените се неминовни и нужни како на општествено, така и на социјално, економско, човечко и културолошко ниво.

Кога сите дефиниции за театарот паѓаат во вода за време на криза, предизвик и културна обврска на секој поединец-уметник е да повикува на повисок степен на одговорност, иновативност, креативности истражување на нови модели и форми на театарско битисување сега и во иднина.

…………………………………………………

Денес на светскиот ден на театарот, во време на голема криза

кога во изобилие го имаме само времето… Ве поканувам да сонуваме со очи ширум отворени, да ја разбудиме креативноста преку која постоиме.

На крајот, ве поздравувам со зборовите на бардот на македонската драма, Горан Стефановски,

„Ќе зборуваме или ќе работиме?“.

  И Пораката на актерката Хелен Мирен по повод Светскиот ден на театарот, 27 Март

„Ова време е многу тешко за изведувачките уметности; тешко е за многуте уметници, техничари и занаетчии; за жените кои се борат за своето место во оваа професија, која бездруго е обележена со несигурност.

Можеби оваа постојано присутна несигурност, ги направи театарџиите поспособни да ја преживеат оваа пандемија со мудрост и храброст.

Нивната имагинација како да самата се преведува и пренесува, во овие нови околности, во овие инвентивни,  забавни и трогателни начини на комуникација, благодарејќи на насоките кои интернетот претежно ни ги наметнува.

Луѓето меѓусебно си раскажувале приказни откако постојат на планетава. Убавата култура на театарот ќе живее додека ние опстојуваме на неа.

Креативниот нагон на писателите, дизајнерите, танчерите, актерите, музичарите, режисерите, никогаш нема да биде потиснат, а во блиската иднина тој повторно ќе процвета, со една нова енергија и нови разбирања на светов, кој сите ние  го делиме.

Едвај чекам!’’