Книжарницата на тркала започна да ја вози својата приказна

Викендов во Градскиот парк во Скопје и официјално започна приказната на Книжарницата на тркала, нов проект на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје чија цел е да се промовираат книжевни вредности и да се зголеми достапноста на книгите.

По минатонеделното претставување на Плоштадот Македонија и пред да се впушти во авантурите низ целата држава, оваа книжарница уште еднаш беше лоцирана во главниот град и на топлите сончеви зраци заедно со своите автори и најверни читатели ѝ посака добредојде на пролетта.

„Ние оваа идеја ја носиме веќе подолго време, може да се каже со години. Го баравме вистинскиот момент и, поттикнати од сето ова што ни се случува како глобална пандемија, поради која се отуѓуваме едни од други, а можеби донекаде и од книгата и од читањето, односно физичката дистанца меѓу сите нас и книгите станува некако поголема, баравме алтернативни начини како книгата и културата да им бидат подостапни на луѓето. Бидејќи она впуштање кон моловите и групирање веќе сите ги одбегнуваме, сметавме дека една ваква патувачка книжарницата – којашто вредностите на книжевноста ќе им ги доближи на сите оние што ја сакаат книгата, го сакаат пишаниот збор – ќе биде нешто вистинско за да им помогнеме на луѓето побргу да дојдат до она што им е потребно. Од друга страна, мислам дека треба сите ние, не само како Антолог туку и градот Скопје и жителите на целата наша земја Македонија, да бидеме навистина задоволни од сето ова што се случува, во најмала рака, бидејќи придобивките допрва ќе ги видиме и допрва читателите ќе бидат задоволни, зашто сакаме навистина да допреме и во региони каде што досега општо културата и книжевноста биле ретко достапни и ретко присутни, не само во градски туку можеби и во некои рурални средини, и се надеваме дека ќе најдеме партнери и разбирање и во општините и во сите други институции што се битни за да ни помогнат и да им помогнат на своите граѓани и жители ова да биде нешто што ќе биде присутно не само во главниот град како метропола – каде што секако има некаков солиден број на културни настани – туку да допреме и до некои помалку фреквентни и позапоставени средини. Од друга страна, ваков тип на возило во овој регион на Западен Балкан мислам дека е прво, така што и од тој аспект мислам дека денес ние славиме една иновација за сите нас овде, која допрва ќе ги подигне културата на читањето и достапноста на книгите на едно сосема друго рамниште. Денеска, овој прекрасен и прв вистински пролетен ден мислам дека е соодветно одбран и навистина и најмладите и најстарите читатели го наоѓаат овде своето место, своето катче. Изборот на книги е одличен, имаме наслови за читатели од 0 до 99 години, па и постари. J Најмладите читатели ни се на прво место, но секако тука се и најбараните македонски автори, бестселерите, книгите од проектот Europe is brave new wor(l)ds итн. Морам да напомнам дека делумно и со поддршка на програмата  Креативна Европа сето ова успеа да стане стварност за сите нас“, изјави во оваа пригода Жарко Кујунџиски, главен и одговорен уредник на „Антолог“.

Покрај него, викендов гости на Книжарницата на тркала беа и добитникот на наградата „Роман на годината 2020“ и македонски кандидат за наградата „Балканика“ – Владимир Јанковски, како и другите домашни автори што имаат издадено книги во „Антолог“: Милчо Манчевски, Александар Кујунџиски, Катерина Шошко, Анде Јанков, Денис Бојаров и Марта Димитров.

Следни точки на Книжарницата на тркала се Куманово и Велес, а целата програма и сите дестинации ќе бидат јавно достапни на интернет-страницата и на профилите на друштвените мрежи на издавачката куќа „Антолог“.