Театарот е должен да го коментира светот – Одблиску со Ѓорѓи Јолевски, актер во МНТ

фото: Дејан Сајковски

Мој идентитет – јас 

За детството, младоста, соништата (желбите), за победите, за промените…

Мојот раст во академските денови, што научив од мојот професор ментор и кога се случи моето созревање како актер.

Кога ќе се спомене детството, ме облева чувство на сигурност, среќа, безгрижност. Мирисите и боите на Илинска Планина и питулиците на баба ми Меглена. Пионерскиот дом во Битола и приредбите на празниците на кои рецитирав револуционерни песни. Од мојата десетта година ги играв децата во сите претстави на Битолскиот театар. Мирисот на мастикс (лепило за мустаќи и брада), гужвата и возбудата пред почетокот на секоја претстава, дојадувањето на преостанатите леблебии по претставата „Македонска крвава свадба“, црвениот плиш од ложите на стариот театар, крикот на Јоана на крајот на вториот чин во претставата „Јелена Четковиќ“. Излегувањето на корзо и моето место на скалите пред „Барот“ од левата страна на подѕидокот. Диското „Орфеј“, шеталиштето во паркот и кафената на „Тумбе кафе“. Со влезот во академијата почнуваат да оживуваат моите соништа. Секој ден, нов сон. Впивав како сунѓер. Унко и Владе беа целосно посветени во оформувањето на идните актери. Илјадници приказни реализирани на часовите и прекрасни испити. И повторно безгрижност. Од првиот колоквиум знаевме дека се подготвуваме за нешто големо, моќно, значајно, достоинствено, бесмртно. Професорите нè подготвија да бидеме актери/духовници. Учеството на „Младо Стеријно позорје“ во Нови Сад и на МЕС Сараево. Дружба со колегите од Југославија и размена на идеи. Го создадовме „Скомрахи“ за да го продолжиме дружењето. Добар почеток за еден убав живот/сон.

Театарот мора да биде жив и активен во мигот кога создава

На почетокот ќе направиме еден мал времеплов и ќе Ве навратам во далечната 1986 година. Година значајна за Вас. Тогаш се роди Пинус, поточно Вашата прва улога. Тоа е претставата „Ништо без Трифолио“, а со ликот Пинус се случија и Вашите први две награди за млад актер на фестивалот во Загреб и на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Дали се сеќавате на него и каде е Пинус денес, дали сè уште „живее“ во Вас? 

Во фоајето на МНТ сè уште стои фотографијата на која, со Синоличка Трпкова, мојата прва професионална партнерка, се гледаме вљубено. Дечиња. Првата улога никогаш не се заборава. Како и првиот бакнеж. Првиот аплауз на отворена сцена, добиен на премиерата во предворјето на „Света Софија“ на Охридско лето. Првата награда, првиот интернационален фестивал. Екипа од соништата. Доајени на МНТ, Анче Џамбазова, Душко Костовски, Мими Таневска, Амфи, Катина, Чамински, Синоличка… Текст на Русомир Богдановски и режија на мојот професор Унковски. Подобро здравје.

Вашата театрографија содржи многубројни улоги во класични и модерни текстови, во драми и комедии. Многубројни награди и признанија. А неодамна во едно Ваше интервју велите дека сте многу внимателен при изборот на улогите што ги играте. Па, во кој жанр Ѓорѓи се чувствува слободно и сигурно и од какви улоги стравувате?

Секоја нова улога е голем предизвик. Колку е поголем авторот, толку е поголем предизвикот. Колку е покреативен режисерот, толку повеќе тоа патешествие ќе биде вистинска авантура. Секој жанр бара целосно различен пристап кон делото и сосема поинаков поглед на свет. Едноставно, се користат различни средства за комуникација со публиката. Најдобро е кога во една година или во период од пет години може да ги одиграте сите жанрови. Тогаш сте побогат за многу искуства и сите сензори што ги поседувате ги ставате во погон. Мора да признам дека многу добро се чувствувам кога играм стих. Уживам во ритамот и динамиката на стиховите. И ве ставаат во ред. Нема импровизација. Нема фемкање со публиката. Најубава е работата на анализа на текстот, кога ги откривате тајните на авторот и скриените значења. И освојувањето на изговорот. Тогаш повторно и повторно се вљубувате во јазикот.

Повеќе уживате во процесот на создавање или во репризите? 

И во едното и во другото. Процесот е повторно раѓање. Со сите дејствија и значења на зборот. За да остварите еден лик, потребно е да почнете од ништо, да го научите да оди, да зборува, да мисли, да дејствува, да комуницира, да се конфронтира… за сето тоа е потребно време, но и вештина во лимитирано време да ги распределите перформансите за неговото оживување со цел да имате готов лик на премиерата, кој понатаму, преку репризите, треба да живее и да комуницира со партнерите и, се разбира, со публиката. Сакам кога претставата долго живее и страдам кога ќе се симне од репертоар. Тогаш мојот лик, мојата креација умира за публиката и останува складиран во сивите ходници на мојот мозок.

Кои се важните теми со кои треба да се занимава театарот? 

Театарот мора да биде жив и активен во мигот кога создава. Светот што го опкружува е извор на идеи, бидејќи театарот на свој специфичен начин е должен да го коментира светот во секој сегмент од неговото суштествување. Се разбира, ставајќи го човекот како главен протагонист. Со сите негови мани и доблести. Темите се бескрајни. Но мора да бидат актуелни и да го проблематизираат светот СЕГА!!!

Дали театарот ја има моќта да го подобри светот? 

Се разбира. Доколку не веруваме во тоа, нема потреба да се занимаваме со театар.

ЕЕГ или „Електронски запис на мозокот на еден актер“. Хамлет, Валмон, Естрагон, Калигула се само дел од ликовите што имавме можност да ги гледаме во Вашата прва монодрама. Какво е Вашето ЕЕГ денес? 🙂 Дали новите собрани записи Ве инспирираат можеби за нова сценска ЕЕГ-приказна? 

Во времето кога ја работев ЕЕГ, бев како забревтана локомотива во полна брзина. Имав неколку претстави на репертоар, а како уметнички директор на Охридско лето бев постојано со куферот во рака и на различни дестинации во светот во потрага по големи театарски претстави. Само што почнав да работам со моите студенти на ЕСРА. Во таа умомелница ме нападнаа ликовите од минатото и едноставно морав да ги извадам на сцена, се разбира, претходно филтрирајќи ги низ ситото на големите теми: љубов, војна, етика, смрт, живот, предавство, политика. На тоа бојно поле се најдоа Хамлет, Калигула, Естрагон, Валмон, АА и другите, кои во симбиоза од емоција, енергија, тишина и постојани конфликти се сретнаа ставајќи ја на пиедестал уметноста. Од премиерата на ЕЕГ поминаа 13 години и во меѓувреме се родија многу ликови. Претпоставувам дека сè уште е рано за таква авантура.

Талент или среќа? 

Потребни се и двете за да може да се опстане во оваа професија. Се разбира, и многу работа.

Актерството за Вас е игра, професија или живот? 

Начин на живеење. Актерот има различен однос кон времето и просторот во кој живее. Сè, буквално сè е подредено на пробата и на претставата. Реалниот живот на актерот е во приказната што се случува во различно време и простор од таканаречениот реален живот во кој појадува, оди во продавница, банка, вози автомобил, велосипед, шета куче… сè што прави во таканаречениот живот е само подготовка за враќање во својата приказна. Таму е свој. Театарот е неговиот дом, каде што не постои ништо друго освен соништа, а тој, актерот, е сновидение што ќе се отелотвори кога ќе се крене завесата.

Денес, на некој начин, сите сме Крап. Неговата самоизолација ја чувствуваме и ја живееме сите ние. Во декември храбро стапнавте на сцената на Македонскиот народен театар и маестрално ја создадовте монодрамата „Последната лента на Крап“ од Бекет. Која е Вашата силна водилка што Ве мотивира во вакви услови сепак да креирате и да создавате театар? 

Тоа што сме во изолација не е мал мотив да се работи претстава за уметник што е во доброволна самоизолација. Но, не затоа што надвор има пандемија, туку затоа што светот во кој живее е доволно ужасен и неговото присуство е непотребно. Бекет е еден од најголемите драмски писатели во историјата на театарот и неговиот свет кореспондира со моите поимања за чувствувањето на човекот и неговото место во светот што самиот го создал. Едноставно, морав да го работам овој текст во ова време.

Што мислите, зошто ни е потребен Крап на театарската сцена и дали можеби тој е нашето огледало на сето она од кое стравуваме? 

Кое било дело на Бекет секогаш треба да биде на театарската сцена на секој сериозен театар. Неговите ликови зборуваат вистини во тишина и во мрак. И се надеваат. Силината на надежта е толку голема што може да ја помести земјата.

Крап, тој полуглув, полуслеп и полудементен старец, кој 40 години комуницира самиот со себе преку магнетофонски ленти, е полн со надеж дека еден ден…

И за крај, што би им рекле на режисерите? 

Нови форми.

Три книги: 

„Браќа Карамазови“ – Фјодор Достоевски

„Мајсторот и Маргарита“ – Михаил Булгаков

„Пиреј“ – Петре М. Андреевски

Три претстави: 

„Шехерезада“ од Иво Светина, режија Томаж Пандур, Пандур театар, Љубљана

„Warum,warum“, текст и режија Питер Брук, Schauspielhaus, Zürich

„Подземна република“ од Јордан Плевнеш, режија Владо Цветановски, НТ Битола

Еден музички албум:

„Alles wieder offen“ – Einsturzende Neubauten, 2007

Видео: 2 мин. Елементал со Ѓорѓи Јолевски

видео и монтажа: Дејан Сајковски