Геометриска дизајнерска едноставност

Дали има нешто што повеќе го обзема човечкото око од јасните и чисти геометриски линии. Дури од антички времиња кога природата е во изобилство и формите се неправилни, човекот бара некаква едноставност, чисти линии, јасни контури и форми. Денес, ваквата јаснотија е пресликана во архитектурата, дизајнот и уметноста. Сите овие ги обединува Ангела Стефановска, архитект, дизајнерка и уметник. Нејзиното архитектонско око, заедно со уметничкиот допир во една симбиоза создаваат нешто што само може да се оквалификува како применета уметност. Изработувајќи дрвени скулптури, со очигледен геометриски патерн го разубавува просторот создавајќи привлечен минималистички дизајн.

Елементал: Дали постои јасна линија помеѓу уметност и дизајн во вашите скулптури?

Ангела: Уметноста e креативната мисла преку која се изразуваме и твориме, додека начинот на кој уметникот ја имплементира преку некаква функција е всушност дизајнот. Начинот на којшто јас, како архитект ја изразувам мојата креативна мисла е токму преку геометриските форми и нивната апликација во просторот како декоративен и функционален елемент.

Елементал: Зошто се одлучивте за апликативна уметност, дела кои имаат и практична примена?

Ангела: Таа одлука талкаше навистина долго време низ мојата имагинација за да денес изгледа како – Студио Аннго. ,, Arts and crafts“ беше мојата прва љубов, која понатаму се усовршуваше и развиваше на студиите за архитектура. Љубопитноста кон занаетот за работа со дрво и дрвени материјали, во комбинација со пасијата за внатрешен дизајн и архитектура е одлуката за применета апликативна уметност.

Елементал: Иако јасна е врската помеѓу архитектурата и геометријата, каква е врската помеѓу вас и геометријата?

Ангела: Во мојот процес на дизајнирање геометријата игра клучна улога, составен дел од почетокот до самиот крај. Она што ги прави дизајните впечатливи и единствени, е геометрискиот шаблон или ‘’pattern“ кој е главен и препознатлив мотив во сите уметнички дела. Шаблонот, кој воедно претставува идентитет на самото студио ги содржи основните форми во геометријата круг, триаголник и квадрат, како и нивни модификации.

Елементал: Што е тоа што јасните и прецизни геометриски линии ги прави посебно привлечни за човечкото око?

Ангела: Геометриските линии и нивната прецизност имаат долга традиција која датира уште од најраната историја. Токму нивната безвременост, симетрија и правилност се она што никогаш не го остава човекот рамнодушен, секогаш силно пленејќи ги неговите сетила за естетика.

Елементал: Кој момент од креативниот процес ви е омилен дел кога создавате нешто ново?

Ангела: Омилениот дел од процесот на создавање на ново дело е неговиот почеток и крај. Моментот на светнување на првичната идеја, како и нејзината најзавршна форма целосно вклопена и закачена на ѕид.

Елементал: Полесно ли ви е како архитект да се изразувате во 3Д форми или едноставно повеќе ве исполнува?

Ангела: За да може да се роди идеја за просторот, и да се замисли истиот воопшто, потребно е да се поттикнува и развива визуелниот тродимензионален начин на размислување. Иако концептот и начинот на изработување на дизајните има тродимензионален ефект благодарение на повеќеслојното подредување на парчињата, неизбежна е мислата развивана преку 2Д цртеж скица или технички цртеж.

Елементал: Колку е важен допирот на бојата во креативниот процес? Дали бојата и дава живост на формата или само ја дообјаснува?

Ангела: Боите секогаш носат моќна порака во себе. Улогата на бојата има естетско, психолошко, па и информативно значење. Кај ѕидните скулптури од Студио Аннго изборот на бои и древниот дезен, како и нивното комбинирање, не секогаш имаат посебна или конкретна причина, туку целта е да создадат уникатна естетска целина која би се вклопила во секаков простор и концепт.

Елементал: Како гледате на влијанието на уметноста и дизајнот врз психологијата на човекот? Колку е важно како изгледа нашиот свет за тоа како ние се чувствуваме во него?

Ангела: Уметноста претставува активност која му овозможува на поединецот да го оствари внатрешниот свет, и тоа преку сите сетила. Креативната енергија на нашиот свет доаѓа токму од внатрешноста на човекот и неговата себе исполнетост. Таа пренесува искрена и субјективна порака која е создадена од чувствата и менталната слика на авторот во зависност од времето и контекстот.

Елементал: Ако денес добиете празен темплејт од светот, како би го дизајнирале да изгледа?

Ангела: Патернизирано.

Свет со многу геометриски форми и различни бои. Свет кој постојано ќе се менува.

Елементал: Вашиот креативен крик постои низ вашето дизајн студио anngo. Што досега го е сработено а што доаѓа следно?

Ангела: Еволуцијата на идејата е мојот главен фокус. Кога се оформи Студио Аннго започнав со ѕидни скулптури во неколку серии, Puzzle и Shape, во секакви бои, форми и големини, каде секоја скулптура е уникатна сама по себе и го носи препознатливиот аннго паттерн (шаблон). Потоа се создаде идеја за имплементирање на истиот препознатлив геометриски мотив на стари или нови парчиња мебел, или попознато како серијата As part of furniture, со дизајн на мебел, за што имаше голем интерес и побарувачка. А неодамна лансиравме и табла за играње од серијата Anngo Accessories, што беше навистина големо освежување и нешто сосема поинакво од досегашното и она што е следно е дел од истата серија.

Ангела Стефановска е магистер на Архитектонскиот факултет од Скопје со неколку годишно искуство во архитектурата, а моментално е максимално посветена на дизајнот. Таа е основач на дизајнерското студио Аннго, посветено на изработка на дрвени ѕидни скулптури, аксесоари за домот па дури и дизајнерски парчиња мебел.

Instagram: https://www.instagram.com/__anngo/?hl=en

Facebook: https://www.facebook.com/studioanngo/

автор: Мишел Наумоски