La Femme -„Paradigmes“ – албум со звукот на иднината
Француското музичко торпедо, футуристичкиот бенд La Femme, на 2-ри Април го издаде третиот студиски албум со егзотичен наслов „Paradigmes“. Бендот чии членови музиката ја декларираат како психоделичен панк-рок, и е синтеза од Дафт Панк и Крафтверк, спроведува слушна потера по сонична нирвана.
Мистичниот универзум, кој во единаесеттата година од своето постоење, La Femme го создаде, делува на сензациите како Рубикова коцка, превртува внатре и надвор од зоната на медијација, од мирување кон хаос. Колажирање на електронски и поп тактови, чекорење по радиоактивно соѕвездие, сѐ до престројување пред светлечки семафори и стоп знаците на крстосниците низ метрополите.
„Paradigmes“ ве поведува на сензационален ноќен пикник под ведро небо, со милиони недоброени ѕвезди и човечки желби залепени на автомобилската хауба. Фатаморганата од вселенски тонски скали е уживање кое покрај тоа што опседнува и навлекува, прогонува да биде повторно преслушано. Музика еквивалент на психотропна супстанција. Потера по духовното и интроспективното, скроена по нацртите на популарните „Ера“ и „Енија“.
Слушателот се електризира додека поминува низ нумерите „Пасадена“, „Кул Колорадо“, „Њу Орлеанс“, над целата вибрација од емоции исплетени со звуци, се јавува и убавиот акцент на францускиот јазик, нежното шепотење и виорење, скокоткање на сетилата и имагинацијата.
Синтеза на епохи и жанрови, на прогресивен звук со традиционален такт. Разноличноста на албумот го прави полн погодок: „Le jardin“ е засладувач за утрински кофеински допинг, „Foutre le bordel“ го има печатот на музика од 80-те, поттикнува на движење, на аеробичност, во „Force & respect“ се алиенира и приближува пресекот на мешавина од стилови, додека пак во „Foreigner“ англискиот јазик ја доживува својата инклузија.
Со албумот „Paradigmes“ годината 2021 се претставува вообичаено, како и секоја нејзина претходничка. La Femme ве вовлекува во својот свет на магија и повеќедимензионалност, на геометриско паѓање во зајачката дупка која Луис Карол ја создал за Алиса. На моменти ќе ве затекне мислата дека овој албум би бил одличен саундтрак за нова екранизација на психоделичната книга за деца.
Поттикнува: прашања, астрално патување
Адаптирано за: оддалечување на духот од општеството
Идеално комбиниран со: мисловна дигресија
Преслушај: https://www.youtube.com/watch?v=IWH28n9BHR8&t=2059s
автор: Јована Матевска Атанасова