Скрипт фест 2021 со отворен конкурс за филмски сценарија

„Меѓународниот Фестивал за филмски сценарија СКРИПТ ФЕСТ – Скопје распишува Конкурс за филмски сценарија.

За филмските сценарија нема никакви ограничувања ниту во обемот, ниту за темите и мотивите, ниту за возраста на авторите, ниту во начинот на пишувањето на синопсисите на филмските сценарија за краток, документарен, анимиран, игран или сите други видови филмови.

Авторите своите сценарија, како word документи треба да ги испрaтат најдоцна до 15-ти Април 2021 година, на следниов мејл: info@macedoniapresent.mk

Најдобрите сценарија ќе бидат објавени во електронска форма, а авторите ќе ја добијат наградата СКРИПТ ФЕСТ 2021.“, стои во официјалното соопштение за електронските медиуми.

Oвогодинешното издание на Скрипт Фест, во организација на издавачка куќа Феникс и Фондацијата „Македонија презент“, го доживува своето седмо издание. Фестивалот е посветен на сценариото, како моќна, мултифункционална форма на изразување. За Елементал, Христо Петрески, директор и организатор на фестивалот, кратко нѐ воведе во идејата за создавање на единствен од ваков вид, фестивал, воедно и конкурс, кој ќе им овозможи на младите и неафирмирани сценаристи да ја претворат амбицијата во награда.

„И годинешниот конкурс, како и претходните привлече, би рекол, огромно внимание. Повеќето сценарија, оние кои жирито ќе одлучи да поминат во потесниот круг, во пракса, резултираат со излез на филмското платно. Но најбитна за нас како организатори е продуктивноста, односно, се развиваат сценарија за речиси сите постоечки жанрови: краткометражен, документарен, анимиран… Забележителни се и експерименталните форми. Повеќето од сценаријата во трка за престижната награда се иновативни, со посебно изградена структура, креативни и авангардни. Фестивалот „Скрипт Фест“ е со едукативен карактер, зашто ги вклучува учениците и студентите. Едноставно кажано, без сценарио нема ни филм! “, вели директорот и основач на фестивалот, д-р. Христо Петрески. „ Работите во однос на минатото се измениле, еволуирале. Ако порано стоеле сепарирани улогите на режисерот и сценаристот, денес сме сведоци дека оваа тенка линија се брише, па често режисерот седнува и на пишувачкото столче. Фестивалот е единствен од ваков вид кај нас, но и пошироко. Пристигнатите сценарија наскоро ќе ги објавиме на нашиот сајт: https://macedoniapresent.mk/?fbclid=IwAR214f5parbrLbirmEF2pm6x7qvXzxIYvMttVctVKb34HgdaqUQkj0DjyKQ .“

автор: Joвана Матевска Атанасова