„Behind her eyes“- сериски епилог кој заледува

Серија за која непречено може да се констатира „ крајот го краси делото“.

Сценариото е работено според истоимениот роман на Сара Пинбороу, дело преведено и на македонски јазик.

Првата епизода беше емитувана на 21-ви Февруари на ТВ- мрежата Нетфликс.

Серијата , под режисерско водство на Ерих Рихтер Странд, е снимана на локации низ Шкотска и Лондон. Во главните улоги глумат Симона Браун, Том Батеман и Ив Хјусон.

Во натприродниот психолошки трилер паранормалните појави се составен елемент од рецептот којшто ја обликува серијата до оној скокотлив фактор кој предизвикува изненадување кај публиката.

Самохраната мајка Луиз, една вечер по игра на судбината се сретнува со шармантниот Дејвид, за кој идното утро, повторно по случајност, дознава дека е оженет и врз сето тоа е и нејзин шеф. Дејвид е психијатар, заробен во несреќен брак. Помага на пациентите да се соочат со личните демони, но неуспешно ја применува тактиката и врз себе. Луиз станува пријателка и со Адел, неговата жена, и од својата позиција на медијатор, започнува да се измачува не знаејќи чија страна од приказната за нивната емотивна разиденост е валидна: дали Дејвид ја изневерува Адел или Адел носи мрачни тајни од своето минато. Катетите на љубовниот триаголник се наведнуваат како две тешки греди кон основата, со тоа создавајќи напнат интензитет и немир гледачите што поскоро да го разоткријат крајот.

Глумата е просечна, но издржете, храбрите ги следи среќа. И покрај негативните филмски критики од новинарски магнати како „Independent“; „The guardian“, „ Rolling Stone“, кохерентниот концепт на серијата е тој што го држи вниманието до самиот крај.

Кривините во дејството го зголемуваат адреналинот, го насочуваат гледачот да ги вклучи своите стереотипи и предрасуди, да сочувствува или осудува погрешен лик. И крајот… Зајдување на сите досега искусени филмски завршници! Извонреден, за некого можеби лековерен и површен, но… Како велат, најдобар суд е сопствениот.

Не пропуштајте и вие да станете дел од вештачки создаденото семејство на гледачи кои останале со подотворени усни и морници по телото додека шестата епизода приближува кон шеесеттата минута.

IMDb: 7.2/10

Зошто да ја гледате: Поради неочекуваната пресвртница, добри филмски локации

Ќе ве интересираат и: Little fires everywhere, Big little lies, Defending Jacob, Sharp objects, The undoind.

Прегледај трејлер : https://www.youtube.com/watch?v=c4LtoWQaLxk

aвтор: Joвана Матевска Атанасова