Кон „Измиен грев“ од Сара Омар

Фасцинантна и потресна приказна, силни ликови, тип на книга што е тешко да се пофали со зборови. Ова е страшен роман поради неговата грубост и брутална реалност, а авторката брилијантно ги насликала нијансите на исламот од посветло до потемно. Тешка приказна за читање, а Фрмеск е лик што тешко може да се заборави. Религијата и историјата се вплетени заедно на одличен начин.

Тажен, флуидно напишан роман во кој преовладуваат теророт и бруталноста што ги трпат муслиманските жени. Сите веќе знаеме и сме прочитале за угнетуваниот и затворен живот на жените во муслиманскиот свет. Тие живеат под власт на мажот, по едно пропишано правило, по една книга, по старите традиции и обичаи. Заборавени од времето и од векот, тие не вредат ништо, трпат секојдневен терор, насилство, бруталност, за кои мораат да ја држат устата затворена. Едноставно над нив преовладува мажот, тој е едно скалило погоре од жената, а кон неа се однесува како своја сопственост, како своја „нива“ на која кога сака може да оди. За него таа не е живо суштество од крв и месо, туку негов личен предмет. Забрането ѝ е да има свои чувства и емоции, па дури и сама да размислува, за одлука не доаѓа предвид. Овие жени се со синџири оковани во минатото и никако не можат да ги скинат и да се ослободат за да живеат во сегашноста слободно и нормално. Секоја чест за ваквите храбри жени, кои трпат секакво насилство и бруталност од своите мажи, роднини, па дури и од своите браќа. Додека читав, не можев да верувам дека најблискиот, најпочитуваниот во семејството може да му направи невиден ужас на едно мало, невино дете. Приказната е убаво доловена, заплетот е добар, но расплетот ме изненади и воедно ме вознемири.

Иако ова е прв роман на Сара Омар, толку зрело е напишан, како да има повеќе романи зад себе. Природно и вешто ги спојува минатото и сегашноста, а расплетот ќе ви допре една „жичка“ во нервите што нема да верувате што читате. Паралелно го раскажува животот на Фрмеск во Курдистан од 1986 година и во Данска во 2016 година. Сѐ почнува со раѓањето на Фрмеск, која е грешна со самото тоа што се родила како девојче. Од самиот почеток не е прифатена и сакана од таткото, кој, иако веќе има еден син, посакува секое следно дете да биде од машки пол. Таа останува бележана за цел живот со белиот прамен на нејзината глава, поради кој нејзината баба по татко сака да ја обрежи. Нејзината мајка, плашејќи се за нејзиниот живот, решава да ја даде на своите родители и така да ја заштити. И така, Фрмеск живее со своите баба и дедо, кои ќе ги знае за свои мајка и татко, а својата мајка ќе ја вика „сестро“. Тие ѝ пружаат неизмерна љубов и безрезервно ја сакаат, но само за кратко време можат да ја заштитат од физичкото и менталното насилство што ѝ се случува речиси на секоја жена во Курдистан.

 Фрмеск се бори за правото на свој глас и свој живот и тоа го прави држејќи се за трошка надеж. Угнетувана уште од дете, не може да се почувствува  како човек, како живо суштество. Цел живот чувствува вина и срам затоа што постои, што е жена. Во овој свет религијата често се користи за да предизвика страв и оправдување за сите направени удари. Но светлината на животот постои, а од поединецот зависи дали ќе ја искористи на најдобар начин.

„Кога се раѓаме, не го бираме сами својот пол. На муслиманската жена уште од раѓање ѝ е ставен печат затоа што е родена како девојче и цел живот ги носи ознаките на вина и срам на својата кожа. Никогаш нема да биде доволно добра затоа што не е родена како момче. Што направила оваа жена што ѝ го негираат правото на живот? Што направиле голем број жени што живеат во затворот на Верата? Зошто цел живот се отфрлени и не ги признава никој освен ако не ги покријат со бел чаршаф? Кои се тие луѓе што имаат право да угнетуваат, да кршат, да убиваат? Од каде го добиле тоа право? Тие ќе кажат од Алах, од нивниот Бог. Но дали може прастари книги, традиции и култури да се повредни и посвети од еден човечки живот? Овие жени можат да се обидат да издржат, да бидат тивки, да се кријат зад превезот што го носат. Или да умрат од својата рака или раката на мажот, но можат и да се обидат да се ослободат иако тоа ќе ги чини сѐ, па дури и сопствениот живот. Поради него се принудени да ја почнат борбата, бидејќи станува збор за верба во самиот себе како човек, како живо суштество. Преку силата на зборовите тие стануваат безвременски и тоа е основата поради која преживуваат, единственото нешто што им е останато, без  нив тие не вредат ништо.“

Единствениот избор што го имаат е да бидат силни, затоа што сите жени се скапоцени, секој живот е вреден.

aвтор: Ана Ѓурова