Понекогаш е пожелно актерот и да замолчи

Одблиску со Оливер Митковски – актер во Македонскиот народен театар

фото: Дејан Сајковски

Мој идентитет – јас

За детството, младоста, соништата, желбите, за победите, за промените…

Повеќето мигови што сум ги сметал и сè уште ги сметам за важни или доволно интересни за да ги споделам, некогаш и некаде веќе сум ги кажал. Во еден поширок контекст, секоја фаза е дел од истиот процес на трагање по смисла. Интересно е што ги спомена победите, но не и поразите, а во основа, тие играат важна улога во мојот развој. Во процесот на разбирање, прифаќање, преиспитување и одново и одново учење после секој пораз лежи секоја моја голема и лична победа. Теоријата дека секое зло, всушност, постои за некое добро можеби звучи како клише или како фраза создадена за утеха и помирување, но мене ми се допаѓа и верувам дека носи една подлабока филозофска идеја и вистина. Тоа, во принцип, ја разликува од многуте други народни мудрости создадени како алиби за сопствената неспособност и инертност или мрзливост, а всушност се своевиден историјат на менталната слика на еден народ. Но, да се вратам на темата. Верувам дека соништата ги живеам од едноставна причина затоа што го работам тоа што го сакам и затоа што сè уште успевам да пронајдам големи задоволства во мали работи.

Мојот раст во академските денови го научив од мојот професор ментор…

Ако кажам дека ФДУ беше полуакадемија, која изгледа како место за пикник и може да се заврши без премногу труд и посветеност, нема да бидам далеку од вистината. Но, во суштина, таа перспектива на гледање на работите е само една од многуте стапици што порано или подоцна може да го успори или да го деформира развојот како уметник. За време на моите студии, ФДУ наликуваше на една психоделична шума преку која јасно може да се види или насети хаосот во џунглата во која ќе го поминеш остатокот од животот.

Среќен сум што за ментор го добив професорот Владе Милчин, кој со еден исклучително методичен систем нуди ред во целиот тој хаос. Најпрвин ред за хаосот во главата, а потоа и една база од есенцијално значење за преживување во џунглата. Тоа се основни принципи на занаетот, кои служат како внатрешен компас или прирачник за ориентација, лесно разбирливи и навидум лесно применливи. Трикот е во тоа што примената на овие принципи зависи од вербата во нив и од самодовербата. Самодовербата, пак, мора да оди во комбинација со преиспитување и самокритика за која, пак, е неопходен ментален тренинг и посветеност. Посветеноста, на пример, не може без одрекувања, а не знам дали спомнав дека во целото ова време е пожелно интроспекцијата континуирано да си тече. Но, фантастично е тоа што убавината и најголемото задоволство лежат токму во целиот овој циклус или поточно процес на учење, кој никогаш не завршува и трае сè додека трае и животот. Тие четири академски години беа полигон со интензивни тренинзи во кои грешките не само што се дозволени, туку се и пожелни. Ултимативна можност за себеослободување, за експериментирање, за пополнување дупки во образованието, за проверка на дотогашните вредности и преиспитување на сопствените мотиви. Ова е приближно сегашното артикулирање на тогашните збиднувања и сакам да изразам голема благодарност на сите луѓе што беа дел од механизмот, кој барем во тоа време функционираше како едно големо семејство.

Немам проблем со никаков тип на театар, доколку тој си извршува некаква функција, која не е манипулативна или служи како политички памфлет.”

На почеток, ќе ве  навратам малку во минатото. Во „Мурлин Мурло“ го играте Алексеј, тоа е една од твоите први театарски улоги. Како денес гледате на тој проект? Се сеќавате ли на Алексеј?

Совршено. Мислам дека се сеќавам на сите детали и тоа најдобро опишува колкаво значење имаше за мене во тоа време. МНТ веќе одамна беше мојот прв избор, а „Мурлин Мурло“ деби од соништата и прекрасна можност да се претставам пред идните соиграчи и публиката на клубот.

Беше извесно дека професорот ќе поставува нова претстава во МНТ. Се чекаше на поделата и на изборот на текст. Се сеќавам на телефонскиот повик, но не и на текот на разговорот со Владе. Знам дека останав заглавен некаде на првата ступидна помисла од типот „можно ли да е ова, во суштина, токму она“. Чувството што го имав кога го добив Алексеј беше налик на оние спортски мотивациски филмови во кои пред натпреварот влегува тренерот и му подава дрес на детето што носи вода и му вели облечи го, стартуваш денес. Детето го зема дресот со неверица. Го гледа, што ќе види, деветка! Тренерот познат, соиграчите дел од „dream team“, полуфинале од лигата на шампиони, стадионот исполнет до последното место. Кога сонував, разликата беше во бројот на постигнати голови. Некогаш сонував како давам три, а некогаш и четири погодоци, се разбира, уште во првото полувреме. И денес можам да ги видам боите на рефлекторите и секој сценографски елемент во извонредно романтичната сцена која значеше прв влез и најава на младиот сонувач и идеалист Алексеј со кадрава црвенкаста коса и со звуците на „Summer Kisses, Winter Tears“, ако не се лажам, во интерпретација на Julee Cruise.

Паметам и колку неискусно и глупаво изгорев во желбата и  го изгубив комплетно гласот во последните денови од процесот. На фрустрацијата поради одлуката да се штедам на претпремиерата и на премиерата која ја играв под дејство на инјекции за отпуштање на гласните жици. Претставата беше одлична, многумина и денес ја сметаат можеби за една од најдобрите на професорот. Публиката ја сакаше и салонот беше секогаш полн. Критиката која во тоа време значеше нешто исто така одлично ја оцени. Мојот перформанс ми донесе епитети од типот на перспектива на МНТ и во тој момент ми значеше навистина многу.

Од оваа временска дистанца, совршено ми е јасно дека страста, вербата, неискуството, наивноста и внатрешните конфликти на сонувачот Алексеј, кој верува дека руската литература може да го спаси светот од пропаѓање беа дел до една ментална матрица и емотивна состојба, која во тој момент не мрдаше ни милиметар подалеку од мојата. А вистински доказ за вистинитоста на ова тврдење лежи токму во фактот што тогаш жестоко се противев на оваа идеја. Ми се чини дека ќе беше сосема доволно да го најдам патот до сцената, а сета моја несвесност, секако, да го заврши остатокот од работата.

Во таа смисла, Алексеј беше стабилен и добар, но Ина Зајцева на Ирена Ристиќ беше совршено изграден карактер. Ирена беше едноставно, генијална!

Кога ќе се разгледа твојата богата театрографија, она што е интересно е дека во младоста, па и сега си актер што креира и ги поддржува независните сцени. Колку ни е потребен независниот театар? И колку денес им се дава простор на независните сцени?

Една од причините е потребата да не заборавам колку многу лично ми значеа тие сцени на самиот почеток во смисла на експериментирање, учење и докажување, а исто и на несебично укажаните шанси за враќање во моментите на стрмоглави падови кога во прашање беше дали воопшто ќе продолжам да го работам ова што сега го работам. Другата се однесува на мојата верба во будење и поместување на креативните граници поради аспектот на независност, односно поширокиот спектар на можности што овие сцени го нудат за разлика од институционалните. Едноставно, ги доживувам како подадена рака за ментална хигиена на сметка на толку привлечниот и сладок но мрзлив и тромав тивок убиец конформизмот.

Фото: Дејан Сајковски

Не секогаш на театарските сцени се создава уметност, но, за жал, исто така, сведоци сме дека од големите класични дела се случувало да имаме „бледа претстава“, а, пак, од оние модерните да се создадат култни претстави. Оттука ми доаѓа и прашањето каков е твојот став за комерцијалните проекти?

Немам проблем со никаков тип на театар, доколку тој си извршува некаква функција, која не е манипулативна или служи како политички памфлет. Дури не мора да има широк круг публика ако пронајде начин да биде одржлив.

Проблемот просто е во одредувањето на приоритетите и во носењето неопходни регулативи за спроведување на истите, а притоа регулативите не смее да го доведат до колапс сето она што ни е приоритет, а има културно значење.

Најчеста пракса поради неукост или почесто поради недостиг на финансиски личен интерес на групи и поединци е културата да добива трошки и ја третираат како паразит што краде од колачот за крадење. Па така гледаме еден неред во кој институциите се распнати помеѓу исполнувањето повисоки уметнички и естетски стандарди, од една страна, и одржливост преку додворување со она што сметаат дека би поминало на пазарот, од друга страна. Независните дишат на шкрги и успеваат, на пример, еднаш или доколку заштедат на тоалетна хартија, двапати годишно да испуштат некаков субверзивен крик во облик на пцовка кон државата, а во крајна линија дури и онаа дупка отворена поради истиот недостиг на регулативи, а се однесува на ниското оданочување на сето она што е поблиску до естрадата наместо наша, ќе го искористи некоја подобро организирана, криминална, уметничка банда од соседството.

Видовме и пример на свесно и грубо претворање на културните институции во ПР на власта. Државните институции тогаш добиваа повеќе средства за дела кој неретко имаа поп-фолк содржина, а цената на билетот беше помеѓу 50 и 100 денари. Можам да изнесам уште многу докази дури и како сведок за нивото во надлежното министерство кое одговорно тврдам дека е далеку пониско од нивото на бит-пазар, но во суштина сакам да кажам дека не станува збор за било  чие гледиште кон ваков или онаков тип на театар, туку за потреба од поширок и похуман културолошки концепт.

Повеќе уживаш во процесот на создавање или во репризите?

Процесот на создавање знае да биде повозбудлив, но репризите не мора да значат и завршување на истиот процес.

Актерството за тебе е игра, професија или живот?

Од сè по нешто. Би рекол смисла, но тоа ми звучи непрецизно и некако претенциозно поради големината на сето она што овој термин вистински означува. Од друга страна, тешко ми е да го замислам животот без актерството, но сигурен сум дека кога би морал, би нашол поинаков начин за креативна експресија. Така што, еве, да речеме дека претставува основен „leer“ и движечка сила во потрагата по смисол.

Талент или среќа?

Работа.

Кои се важните теми со кои треба да се занимава театарот и каде е театарот денес?

Искрено, не сум сосема сигурен затоа што не можам воопшто да го проценам крајниот домет на театарот во моментов. Сè уште верувам дека ги движи и ги менува работите, но не на некаков брз и инстант начин, туку повеќе како една алка во еден долг и бавен еволуциски процес. Во меѓувреме, творците го добиваат сето она за кое веќе зборувавме, а љубителите на театар можат да ги задоволат духовните апетити за повозвишени естетски вредности и подлабока интеракција или, едноставно, само да избегаат од монотоното секојдневие во еден друг далеку помагичен свет. Па добро, мене ова воопшто не ми изгледа како нешто мало. Што се однесува до темите, признавам дека сум малку старомоден. Преферирам приказни раскажани на возбудлив начин за мали луѓе кои со сета своја несовршеност, но чесност знаат да се воздигнат во цивилизациски херои наспроти некаков изџвакан пласман на теории и големи идеи, и покрај фактот што понекогаш знаат да отворат нови и навистина интересни перспективи.

Што претставува за тебе гласноста на актерот во општеството?

Па да ме прашаше за ова до пред некоја година, сигурно ќе ти речев дека е одговорност. Искрено, повеќе не само што не го мислам тоа, туку сметам дека понекогаш е дури и пожелно актерот да замолчи наместо да тресе глупости. Во поголем број случаи, кога е нужно носењето историски одлуки или се случува важен процес на општествени промени, се наоѓаат и луѓе кои имаат и пошироки знаења и се далеку покомпетентни.

Кое е твоето оружје да се изборите за својот свет и за својот идентитет како актер?

Да речеме, пиштол, ама пластичен. Или метален. Но без иницијална игла или буренце. И верба во сопствената сугестивна супермоќ да убедам кого било дека располагам со вистинско оружје.

Како е Оливер денес?

Покреативно од кога било.

Предлози:

Филмoви:

„PAPILLON“ на Franklin J. Schaffner

„BIG LEBOWSKI“ на браќата Coen

„THE RETURN“ на Andrey Zvyagintsev

„101 Reykjavik“ на Baltasar Kormakur

„What’s Eating Gilbert Grape“ на Lasse Hallstrom

Три претстави:

„HAVE I NONE“ во режија на Egon Savin

„Дон Жуан“ на Александар Морфов

„Црнила 005“ на Слободан Унковски

Еден албум:

„Doo-Bop“ на Miles Davis

Видео интервју – 2 мин.Елементал

видео и монтажа: Дејан Сајковски