Драматуршки вкрстувања – Антон Панов и Семјуел Бекет

Верувале или не, на денешен ден, 13 април 1906 година, се родени две големи имиња во драматуршката сфера. Едното е ирскиот писател Семјуел Бекет, а другото нашиот познат Антон Панов. Ваквиот циркуларен факт импресионира, особено кога ќе се земе во предвид, дека географската оддалеченост не е присутна само како физичка дискрепанца, туку е воочлива и во напредниот стил во светската книжевна ширина, и стагнацијата, ненадминатиот, едноличен приказ на творење со истобразни мотиви, на нашето поднебје.

Биографски дијагонали

Антон Панов е роден во Стар Дојран. За време на детството се преселува со семејството, најпрво во Струмица. Кога дошле средношколските денови, семејството повторно се преселува, овој пат во Белград. Таму Антон се запишал во Гимназија, и паралелно го усовршувал музичкото образование: земал часови по виолина и соло пеење. Во 1933 година Белградскиот Народен Театар го одбива драмскиот текст на Панов, за среќа, тогашниот режисер го забележува талентот и неговиот ентузијазам и три години подоцна, кога ќе се префрли на сцената во Скопскиот театар, ќе го побара Панов. Премиерата се случила на 03.03.1936 година. Драмата која го обележала скромниот почеток на едно незаситно творештво се вика „Печалбари“. Напишана е на македонски јазик, Антон Панов не се плашел да пркоси на забраната за негова употреба помеѓу двете светски војни.

За жал, татковината не го искористува неговиот капацитет, освен како човечка табла за запишување на политички поени. Разочаран , Панов заминува во Петровараждин и таму живее до смртта на првата жена. Се вратил во Скопје, каде се преженил по втор пат. Во 1967 година, ја добива наградата за животно дело „11-ти Октомври“.  Умира следната година, на 28 август, во Струмица.

Семјуел Бекет е роден во Фоксрок, месност во близина на Даблин, Ирска. Неговото семејство било богато и ги уживало благодатите на високата класа. На петгодишна возраст започнал со својата музичка едукација. На Универзитетот „Тринити“ изучувал модерна литература, па современи јазици(италијански и француски) и паралелно играл крикет во високата лига. Во 1930 година се враќа на колеџот, но во улога на предавач. Во овој период се запознава и со Џејм Џојс, кој покрај негов животен ментор ќе биде и причина поактивно да се посвети на пишувањето. По смртта на татко си, започнува двегодишен третман на клиника за психоанализа, евидентна е и во неговите дела, струјата на сеансите , особено  во „Валт“ и „Чекајќи го Годо“. Во 1940 година се приклучува на Францускиот Отпор против нацистите. Во 1961 година пристапува во таен, граѓански брак со Сузан, но не останува долго доследен на моногамијата. Неговата врска со Барбара Бреј, паралелно со бракот, продолжува сѐ до неговата смрт.  Во 1969 година ја добива Нобеловата награда за литература, за неговиот опус кој превира од роман кон драма, и успева да го издигне сјајот на човечкото од калта на социјалното. Умира на 22 декември 1989 година.

Повлекување паралела

Коинцидентноста не е незабележителна .

-И двајцата, Семјуел  и Антон, имале склоност кон афинитетите на музиката

-Антон се женел два пати, додека Семјуел имал еден брак и вонбрачна врска.

-Во 1967 година Антон Панов ја добива наградата „11-ти Октомври“, а во 1969 година Семјуел Бекет добива Нобелова награда за литература.

-Додека „Печалбари “ во 1933 година го доживува своето  добредојде во светот на книжевноста, во 1933 година Бекет ја создава идејата за својата прва повеќестранична книга, благодарение на новелата „Dream of Fair to Middling Women“ која претходно, слично како и Панов кога му била одбиена драмата за репертоар, била одбиена од повеќе издавачи за публикација.

Антон Панов-„Печалбари“Семјуел Бекет-„Чекајќи го Годо“
4 чина2 чина
Етапно развивање на дејствоПразно бездејствие
Противречност како мотив за драматаБесмисленоста како идеја
Љубов, забрана, печалба , смртЧекање, дијалог, чекање, монолог
Трагедија, според старогрчките начела на драмски текстТрагикомедија, според старогрчките начела на драмски текст

Театар на апсурдот vs. Битова драма

Антикомедијата на Бекет се состои од празнина како димензионалност која го опфаќа читателот, во апсурдни и непривлечно истегнати чинови, кои навидум би имале јо-јо ефект, иако се создадени за да одбијат, тие содржат некое магнетно својство за публиката. Ваквиот театар на апсурдот, се судира со филозофијата на апстрактноста, на ајнштајновата теорија на релативитет, вметната во драмски текст, на постојаноста како одранбен штит. Проследена со црн хумор, антидрамата на Бекет е искуствен начин да се победи нетрпеливоста на времето, фуриозноста на расипаниот часовник, да се завртат стрелките обратно од нормалниот курс на течење. Бекет успешно ја поништува хармоничноста, затоа критичарите го класифицираат и како доцен модернист. Минимализмот е главен предводник на театарот на апсурдот.

Битовата драма на Панов изобилува со елементи на социјално изнемоштени земји, ранливи категории на ликови, пресликување на одживеаната реалност помеѓу двете точки на дијалозите. Оддалечувањето на сталежите во руралните средини низ поробената Македонија, не било новост. Невести бегалки, откупување на жената како да станува збор за сточен пазар, цела таа хаотичност од општеството, Панов ја смирува низ едно трагично , драмско течение. Фасцинацијата кон битовата драма, не ја одраснал, и таа ќе остане негов печат до самиот крај. За разлика од „Чекајќи го Годо“, во „Печалбари“ неодмината е потребата да се развлече дејството низ повеќе чинови, бидејќи самата комплексност на делото, не дозволува разрешница , впрочем таа во Бекетовата книжевна ѕвезда, не ни доаѓа.

„Печалбари“-обележје на творештвото на Панов

Враќајки се пешки од Белградската Опера, каде бил хорист, се сретнувал со изморените сонародници, кои честопати одработувале животозагрозувачки работни смени. Проработил родољубивиот мотив, но и грижата на совест, немоќта да им помогне. Во тие темни и самрачни ноќи, некаде попатно, низ белградските калдрмести сокачиња се родила идејата за „Печалбари“. Антон Панов добил мисија, макар и бегло, преку пишана борба да помогне на својот народ кој живеел скотски живот.

Костадин и Симка се главните ликови на драмското остварување. Иако во четвртиот чин ликот на Симка се јавува изретчено, Панов набргу по почетокот ги спојува двата главни ликови, за експедитивно да ги откорне еден од  друг. Ваквиот спој, па одлепување, го оркестрира интензитетот на дејството, кое е засилено и проследено со хронично исчекување на перипетија. Антагонист во делото е таткото на Симка, Јордан. Во улога на катализатори и ликови-суфлери, прочистувачи, кои го забрзуваат текот и го извлекуваат максимумот од главниот лик во неговата дијалошка наобразба, се јавуваат секако, печалбарите, Божин, Фидан и Зафир.

„Печалбари“ е памфлет за македонската угнетеност, потиснатоста на народот од своите домашни, вообразени како претпоставени над сиромашниот и надворешните репресорни сили, експлоатацијата и туѓината.

Релативното и празното-реципрочна инспирација за Бекет

За разлика од мелодрамата, „Чекајќи го Годо“ е  антонимен современик на грчката трагикомедија. Измешани чувства, но не интензивни како Шекспировите или тие предадени преку стиховите на Софокле, Бекет е свртен кон психолошката природа на меланхолиците и флегматиците. Ја подготвува квадратурата на минимално уредување за еден нов екстрем, кој би бил негова табула раса, неиспишана табла. Бекет во ваквото конфекциско прекројување е доста вешт, иако бесмисленото делува како лабавиот и некохерентен стил на пишување без стеги, налик на персонален дневник, чиј предводник бил Буковски, апсурдот е тој што во одреден период владее со модерната литература, заедно со егзистенцијалистичкиот „Странецот“ на Ками. Деструктивните фази на накитените драмски текстови се повеќе од очигледни, па Бекет го прифаќа овој свој експеримент како ново нормално.

„Чекајќи го Годо“ е ослободена од рапидните етапи на експоненција, заплет, кулминација, перипетија и расплет, овие драмски елементи се споени во меѓугранични, избришани и претопени еден во друг. Тоа му дозволува на Бекет да маневрира со дејството, кое и не е дејство, колку што е едно чекање, толчење на времето, раскршување на интервалите во атоми на неслучајност.

Бекет е познат по спарување на ликовите. Па така, во едниот чин се Естрагон и Владимир, накратко изминуваат Поцо и Лаки, прават некој синаптички скок од правата линија на умртвено движење и потоа повторно сѐ се враќа во дијастола. Времето кое е вчера или денес, веројатно утре, луѓето кои или се или не се, местото кое можеби е подрачна единица, можеби е точка на некоја просторна геометрија.

Заговарачите сметаат дека Годо е впрочем псевдоним за Господ, поради сличната пронунцијација на имињата помеѓу GOD и GODot, па овој синтаксички пресек е всушност потрагата и чекањето на двата, „бездомни“ ликови, кои би можеле да се наоѓаат во чистилиштето пред приемот во задробата. А можеби и не.

Автор: Јована Матевска Атанасова