„Mлади за Скопје“ во април

Овој месец, темата на настанот „Млади за Скопје“ е право на говор, како еден моќен механизам за справување со општеството, рушење на стереотипите и стигматизирањето, вроденото право, кое во некои заедници на одредени малцински групи сѐ уште им се оспорува.

Настанот е предвидено да се одржи на 18 април, со почеток во 18 часот, со локација во Старата скопска чаршија, во непосредна близина на Ла Кана.

Вообичаено во месечната програма, настап има еден музичар или музичка група и изложба на визуелен уметник. Секој месец се менува и темата на настанот, која  е поврзана со културна наобразба и гласно изговорена порака.

Во април својот настап ќе го имаат Андреј Татарчевски и Бурџу Мусли.

Елементал оствари контакт и со двајцата, ги запрашавме што означува за нив и нивното творештво учество на ваков културен настан, кога зборот, очите и ушите се резервирани за нивното владеење на сцената и каква порака притоа ќе пренесат.

Андреј: „Млади за Скопје“ е иницијатива што е навистина потребна на градот. За мене е од особено значење бидејќи ќе ми биде прв подолг концерт, па така и одговорноста е поголема. Кога луѓето во живо ја слушаат твојата музика е исклучителност без преседан, затоа што се отвора можност за споделување мислења за истата, што точно буди музиката во нив, кој сегмент од настапот ги воодушевува, а каде се отвора простор за подобрување. Музиката е мултифакторска уметност преку чии канали се пренесуваат најдлабоките мисли и емоции и на изведувачот и на слушателот. Овој зависен однос дава и одличен фидбек, кој за еден посветен музичар, впрочем е и најголемата награда.

Андреј Татарчевски е роден 1996 година во Битола. Рано во животот се сели во Скопје, каде почнува да свири виолина, за потоа да се пренасочи кон гитара и пијано. Средното образование го завршува во СУГС „Георги Димитров“, а студиите ги продолжува на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, Скопје. Низ сите години музиката останува присутна, па така Андреј составува домашно студио каде снима и продуцира музика. Компонира и продуцира музика за неколку кратки филмови. Во декември 2020 година го издава својот прв албум насловен Cycle 1 (Циклус 1), кој е спој на музика креирана во интервал од 3 години.

https://www.youtube.com/watch?v=WBSloeOQrpM&t=468s

Бурџу: По уметничка определба сум сликарка , но во последниов период започнав со експериментирање, па така се занимавам со дигитална уметност и правам арт-колажи на Фотошоп. Арт колажирањето е нешто слично како и семплирање во музиката, од веќе постоечки слики, се спојуваат повеќе сегменти и се добива сосема нова слика. Поседувањето на фото апарати веќе не е луксуз, од таму се добиваат повеќе можности за изразување на креативноста  и поради тоа се трудам да направам нешто ултра модерно кое отскокнува од вообичаеното сликање на платно. Наместо да создавам реалистични портрети се трудам од многубројни постоечки фотографии во реална димензија, да изведам нешто надреално. Колажите претставуваат сцени помеѓу реалноста и имагинацијата, даваат чувство на спонтаност, страст, хаос, забава , духовност. Поради самата тематика на настанот, одам чекор понапред, така што ќе изложам доста храбри дела чијшто фокус е свртен кон женското тело. Со ова освестување на малограѓанските предрасуди сакам да оставам порака дека женското тело е уметност, онакво какво што е создадено или во какво што се развило, дека жените не треба и не смеат да го кријат телото, колку повеќе се прикажува нештото на него очите побрзо се навикнуваат. Само на таков бунтовен начин спротивен на нормираните правила, општеството ќе се довде во состојба на ред и нормалност.

Бурџу Мусли родена на 27.08.1997 е уметница од Скопје и апсолвентка на Факултет за ликовни уметности – сликарски оддел. Има учествувано на неколку групни изложби со нејзините слики; на една меѓународна изложба за млади уметници – Art 52nd Street (New York- 2019) со арт-колаж; и една самостојна изложба. Последната изложба и беше во галеријата во МКЦ со 20 арт-дигитални-колажи. Истовремено има посетувано 5 години латино и стандард танцови од кои има освоено и доста награди.

автор: Јована Матевска Атанасова