Ацо Шопов-збороковачот на една стиховна (не)биднина

Поет од македонската А класа

Ацо Шопов е роден на 20 декември 1923 година во Штип. Во родниот град поминува среќни и исполнети детски денови, во огништето покрај најтесното семејство. Во Штип го завршува своето основно и средно образование. Во Шопов уште за време на гимназијалските денови се развива идејата за слободна Македонија и тој привлечен од ваквиот родољубив набој, се приклучува на Сојузот на комунистичка младина на Македонија. Во 1942 година активно се вклучува во антифашистичкото движење во редовите на Третата македонска ударна бригада.

За Шопов фракциите за македонско ослободување, носат горки спомени, кои тој ги имплементира во една елегичност, поемата „Очи“, посветена на неговата прерано загината љубена, партизанката Вера Јоциќ.

„… А твоите очи се искреа гневно

во нивните потни, распалени лица …

Три дена на раце те носевме збрана,

со тага и болка во погледот срчен,

и секоја капка од твојата рана

ко крвава жар ни капеше в срце.“

Додека тагата раководи со Шопов, таа удира во еден центар, го буди лирското во него и Шопов од оваа загуба излегува поголем од претходно, со силен став да ја изведе Македонија од слепиот сокак, но и со кауза која се обелоденува на неговата дотогашна восочност, дека војувањето не секогаш бара оружје во дланки.

По матурирањето, Шопов мигрира во Скопје, каде дипломирал на Филозофскиот факултет, на отсекот чиста филозофија. Науката за мудрољубието е негов патепис, антологија на вистината, преносно значење на очајот и болката со кои рано се соочил. Оттука почнува и неговата уредничка кариера, од која можеби најимпозантна е таа во сатиричното списание „Остен“.

Во 1947 заедно со седум еминентни имиња, познати во академската елита, го формираат Друштвото на писателите на Македонија. Се венчал со Светлана Шопова на која ѝ ја посветил песната „Клошарска песна на поетот“. Во 1967 година станува еден од првите членови на МАНУ. Низ својата поетска наобразба, добил престижни награди, кои секогаш биле поврзани со имињата на големи македонски културни преродбеници „Кочо Рацин“ „Браќа Миладиновци“, како и наградата „11 октомври“ за животно дело. Во 1970 година Ацо Шопов станал претседател на Сојузот на писателите на Југославија. Една година подоцна бил именуван за почесен амбасадор на Југославија во Сенегал. Додека престојувал таму, ја превел избраната поезија на сенегалскиот претседател Леополд Седар Сенгор, добитник на златниот венец на „Струшките вечери на поезијата“.

Избрусен лирски дијамант

Неговата поезија не се потчинува на нормите и правилата, не се усвитува, таа е своеволна и ветровита, избраздена под академските брзаци и романтичниот фитиљ на неговата душа. Таква, расна и спастрена, продира до измолување на читателскиот сентимент, удобна е но и воспевлива, поставува заседа за осетот и перцепцијата, но и за рецепторите на убавото и ритмичкото. Шопов не ги оставал стиховите на случајно протечената инспирација, тие се цврсто компресирани да избијат со исто чувство кај секој читател и да ја предадат поемата во доменот на приликата. Шопов ги организира сетилата по важност, меѓу кои предност дава на душата.

Македонистите го делат творештвото на Шопов на два разделника. Првата во која е изразен патриотизмот, оплеменувањето на колективната грба на нацијата, повик за мобилизација на херојството и морниците и надминување на умствената поробеност.

Вториот е влезна аула, кон неговиот свечен стих, посветен на љубовта и мечтата, апропо, животната бујност и будноста на разумот пред преплетот на срцето.

Шопов ја напишал првата македонска стихозбирка по осамостојувањето од воените стеги. Ваквата почест за него претставува освојување на кулминативно брдо, да ја здогледа татковината без сончевите зраци обоени во туѓа пропаганда и политика, да ја прослави и озакони со својата стиховна и стилска материја.

Тој го откинува срцето, па го припојува до жилите, вештачки го подига духот за низ него да проструи здивот на природата. Стихот на Шопов е благата вода со која мајките залекуваат исплашено дете, потпрозорска серенада на заљубен ерген, роденденска желба на старецот кој го живее детството на својата сетнина …

автор: Јована Матевска Атанасова