Бодан Арсовски-виртуоз на беспрекорен етно-рок штим

На 22-ри Април 1956 година во Куманово се родил Бодан Арсовски, беспрекорниот рок штим од македонско производство со национална вредност. Бодан е вратот на македонската бас гитара, тој ги создава најубавите звуци произведени некогаш, длабокотонците по неговиот пример добиваат една сосем поинаква, нова дефиниција за суштината на басот во музичката композиција. Аподиктичноста на виртуозот не останува незабележана, со право и секакви почести, Бодан е впишан во светскиот музички времеплов, како еден од најдобрите практиканти на жичен инструмент.

Заедно со родителите, рано се преселува во Скопје, поточно во населбата Тафталиџе, каде и го запознава Влатко Стефановски, со кој ќе го започнат жичениот патепис за македонската рок сцена.

Бодан во шесто одделение заедно со Влатко Стефановски го создаваат музичкиот состав „Јегуље“, познат и под кратенката ВИС (Вокално Инструментален Состав). Подоцна се приклучува и на бендот „Дијаманти“. Во гимназиските денови, повторно заедно со Влатко, прават посериозни музички маневри, овојпат во составот на „Ирис“. За „Ирис“ ја компонира и својата прва авторска композиција „Страв“.

На први јануари 1976 година Бодан, Влатко, Кокан Димушевски и Димитар Чочоровски ја оформуваат групата „Леб и сол“, во која Бодан и Влатко биле постојани членови низ децениите. Со „Леб и сол“, Бодан реализирал дванаесет албуми, ја подигнал музичката свест на просторите низ поранешната СФРЈ, компонирал музички дела за филмски остварувања, театарски претстави и телевизиски емитувања. Но она што е важно да се напомне е дека тандемот на Бодан и Влатко бил синхронизиран од нивната умешност, музичка доктрина и пред сè трпеливост да ја доведат музиката како една насушност, во време кога народот гладувал за добри носачи на звук. Двајцата ја играле просветителската функција, која преку бунт и добро поклопени елементи на фолклор и прогресивен звук, допрела до последните редови на публиката, дури и до аудиториумот кој се обидувал музичкото „високо добро утро“ да го препише на звуците кои доаѓале едносмерно, од насоката на западниот свет. Бодан и Влатко и ја докажале на Југославија и на светот дека Македонија произведува и извезува квалитет со универзални размери. Долгогодишното пријателство ги одржува безбедно и кохерентно во лушпата на обострана музичка амбиција. Телесната дихотомија на музичко заедништво трае цели дваесет години, пред Влатко да го напушти составот. Со тоа, Бодан останува единствениот оригинален член на „Леб и сол“, од самиот почеток до крајот, кој се официјализира во декември 2016 година.

На 22-ри Април 1982 година, на дваесет и шестиот роденден на Бодан, „Леб и сол“ одржуваат четири последователни концерти во родниот град, во Дом на Млади „25-ти Мај“. Серија која до ден денешен ниту еден македонски бенд нема да успее да ја повтори, ниту пак надмине. Концертите се последни настапи од промотивната турнеја за албумот „Sledovanje“ која започнала девет денови претходно, на 13-ти Април од Загреб.

На истиот датум, но една година подоцна, „Леб и сол“ го издаваат својот шести студиски албум „Калабалак“, за првпат преку издавачката куќа „Југотон“.

Но Бодан не бил секогаш верен на својата бас гитара, на проектот „Као Какао“ се јавува и во улогата на вокалист и пријатно изненадува со гласовниот капацитет.

Во 1990 година, Бодан и Влатко ја крунисуваат својата долгогодишна соработка, со првиот проект надвор од „Леб и сол“. Издавачката куќа „Трето уво“ го промовира нивниот сплет на рок-опера, музичкиот хороскоп-„Зодијак“, впрочем првиот компакт-диск во македонската музичка историја.

Во периодот кога бендот не работи од 1995-2006 година, Бодан настапува со проектот Езгија Оркестар, чијшто основач е самиот тој.

Неговата брилијантна изведба за албумот Endless view, издаден во 1995 година, во доработка и колаборација со Езгија Оркестар, не останува незабележана од публиката и критичарите, па го добива нескромниот епитет „еден од најдобрите албуми на сите времиња“. Првиот допир со публиката, албумот го имал во преполната Универзална сала, придружен од членовите на Езгија Оркестар.

Но по смртта на еден од најистакнатите и водечки членови на Езгија Оркестар, гајдаџијата Пеце Атанасовски, Бодан намалува со музичката самостојна активност и својата енергија ја пренасочува во работата со режисерот Стојан Стојановски, компонира музика за велешката и прилепската театарска сцена, поточно за претставите „Бахки“ и „Медеја“, интензивни антички трагедии.

Бодан и Езгија Оркестар најавуваат добар и триумфален одзив кај публиката, со оживувањето на македонските антички амфитеатри, начелно со „Татнежите во Стоби“, каде низ звуците на македонската етномузика, мајсторот на бас гитара и оркестралната придружба уште еднаш го докажуваат своето заслужено и безусловно место под сонцето.

Во 2006-та го одржуваат јубилејниот концерт по повод триесетгодишнината од постоењето, по што Бодан и Кокан ја реанимираат легендата за „Леб и сол“, заедно со нови регрутирани членови, и рок бајката доживува уште една деценија на сцената.

„Леб и сол symphony“, одржан во декември 2016 година, слушателите го паметат со горчина во грло и широко отворени слушни рецептори, зашто е финален проект, воедно и настап, на најголемата музичка рок инвестиција во историјата на Македонија. Но ова довидување не е крајната отсечка, барем што се однесува до творештвото на Бодан.

Што да преслушате од самостојната кариера на Бодан:

  • Endless view (1995)
  • Tiresias (1998)
  • Broken Beats (1999)
  • Елегија (2001)

*Изворот на дел од информациите е „Македонски рок времеплов“ на Тошо Филиповски*

автор: Јована Матевска Атанасова