Домашни трилери по светски рецепт

Трилерите на Балканот (па оттаму и во Македонија) се како фудбалот. Постои голем интерес и љубов кон нив, но, историски гледано, ретко се среќаваат мајстори што покажале некаков позначителен успех на овие полиња. Добрата вест е дека таа тенденција се менува последниве години, па паралелно со пласманот на Македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство и историската победа над репрезентацијата на Германија, имаме и еден домашен млад автор што за нецели две години објавува дури два дела од најавената трилер-трилогија. И, што е уште поважно – и двата поминуваат одлично кај публиката.

Појавувајќи се во време на две светски пандемии – едната со КОВИД-19 и другата со серијата што постигна рекордна гледаност на „Нетфликс“, „Дамски гамбит“ (шахот како тема се среќава во двете книги на Анде Јанков) – „Виенски гамбит“ за кратко време доживеа и второ издание и неверојатни реакции кај читателите, што беше одлична увертира за вториот дел, „Сигурен ризик“. Сепак, не се само среќните околности она што влијаеше за ваквиот исход. Има тука уште нешто што дефинитивно е многу позначајно, а Јанков (намерно или ненамерно) доследно си го примени: овие книги се напишани според најдобриот рецепт за светски трилери. А кога ќе се примени овој рецепт, книжевната трпеза без исклучок е примамлива за сите вкусови. Ако не верувате дека е така, земете го како пример кој било светски познат трилер и ќе видите дека е зготвен по овој рецепт. J

Па, да видиме, како се пишува домашен трилер по светски рецепт?

Потребни состојки се:

  • објавување на книгите како секвенции од некаква поголема приказна (трилогија)
  • еден детектив
  • присуство на лична приказна
  • детални описи на времето и просторот
  • возбудливо дејство и пресврти

Начин на подготовка:

Врвните трилерски остварувања од светската книжевност покажале дека најголема популарност доживуваат трилерите што заеднички формираат некаква поголема приказна чиј расплет се разоткрива дел по дел, додека секој дел од серијалот сам по себе претставува еден решен случај што може да се чита и како засебна книга. Препораките се овие делови да не се помалку од два, а повеќе од пет. Трилерските трилогии, пак, се најуспешни, и веќе овде имаме доследно применување на рецептот од страна на Анде Јанков.

Што се однесува на детективот, пак, Артур Конан Дојл го има Шерлок Холмс, Агата Кристи го има Херкул Поаро, а Анде Јанков го има Виктор Николов. За разлика од другиве двајца и сите нивни прототипи што излегоа со текот на времето, Виктор Николов не е ексцентрик со неверојатна моќ за погодување на најнеочигледното. Сосема напротив, Виктор Николов е најобичен човек, инспектор на одделението за крвни деликти во Скопје, ниту херој ниту негативец, сосема допадлив лик внесен во приказната со една единствена цел – да ги разреши убиствата и да го пронајде убиецот.

Сепак, и инспекторот Виктор Николов има своја лична приказна, за која добиваме навестување во „Виенски гамбит“, продолжува во „Сигурен ризик“, а во третиот дел ја очекуваме и нејзината разврска. Повторно имаме неодрекливо следење на успешниот модел на создавање добар трилер.

Она што е најважно кај добрите трилери е лоцираноста во просторот и во времето, вистински му веруваме на авторот кога просторот и времето ги опишува доволно вешто како навистина да бил дел од нив. Од улиците на Виена во првиот дел, во вториот дел се враќаме во Скопје на еден терен што е доволно познат за сите нас и толку прецизно опишан што приказната буквално се одигрува пред нашите очи.

Во одлична комбинација со сите овие состојки имаме и возбудливо дејство и пресврт што ќе ги изненади и ќе ги воодушеви дури и најпроникливите читатели.

А кога сето ова ќе се зачини со малку политика, малку социјална и општествена ангажираност и соодветна количина локална актуелност и адаптација на начинот на кој функционираат кривичните истраги кај нас (сепак е ова македонски трилер, а не серија на „Фокс крајм“),  добиваме вистинска домашно приготвена трилерска манџа што дефинитивно ќе си најде свои љубители и надвор од нашите граници.

извор: Антолог