Горан Стефановски-најважната фуснота во македонската драматургија

Македонскиот „чирак на Шекспир“, маестрото на дијалогот, Горан Стефановски е роден на 27-ми Април 1952 година во Битола. Денес би го славеле неговиот 69-ти роденден, но во физичко отсуство го чествуваме творештвото кое е од пресудна важност за народната, но и меѓународната театарска сцена.

Преку „дивото месо“ на еден синтаксички организам затруен од пластичноста на зборот и старомодните драмски стилови, Стефановски обезбедува испливување на површината, па наместо преку очекуваниот пионерски поздрав, нè поздравува со силен „хај-фај(в)”.

Дијалошки стегнато, отсликано секојдневие, „аирлија транзиција“, беспарица, моќ и амбиција, еден трошен микроб скриен во телото кое дише во границите на бившата југословенска република, Горан Стефановски ја преврива нарацијата за да ја ослободи од несаканиот драмски „клинч“.

Тој, собирачот на неостварените соништа на напатениот народ, модерниот „Чернодрински“, е најважната фуснота употребена во македонската драматургија. Вешто избегнувајќи го наталожувањето на „дуплото дно“, им овозможи на читателите и гледачите еден инспиративен и егзотичен „лет во место“ барем што се однесува на визуелно-мисловниот процес. Кога би го собрале сиот прав од „тетовираните души“, тетовирани преку апстрактноста и мастилото на Стефановски, ќе ја разбереме неговата фасцинација кон обичноста и скромноста на работничката класа и апсурдот на егзистенцијализмот кој го следи истата, „Casabalkan“ во боја.

Авторот на класиката за деца, со која се описменија генерации, „Бушава азбука“ е творецот на „ЕХ-YU“ спомени во „нашите години“ кога безгрижноста, но и елементите, последиците на постсоцијализмот се јасно видлив феномен. Несомнено, Стефановски го поместуваше тлото и подгоруваше театарот низ „огнени јазици“, бркајќи го „демонот од Дебар Маало“ низ секој ред и голема буква.

По неговата прерана смрт, македонската публика, остана со дланки спремни да аплаудираат постхумно на секое споменување на неговото величествено име. Но Горан Стефановски остави завидно книжевно наследство коешто покрај заживувањето на театарските сцени ширум земјата и светот, заживува и во зениците на читателот како имагинативна желботека, во потемнетиот очен центар, она што еден искусен драмски офталмолог би го окарактеризирал како човечка „црна дупка“.

*Во текстот се користени насловите на творечките остварувања на Горан Стефановски“

автор: Јована Матевска Атанасова

Јована Матевска Атанасова