Тина Тарнер-ѕвездата која не старее

Тина Тарнер без сомнеж е еден од најмоќните вокали, препознатлив по посебно текстурираниот мецо сопран. Нејзиниот вокал го споредуваат со оној на Ени Ленокс, a достигнува распон од 4 октави. Но Тина Тарнер е и ѕвезда на која ѝ се прилепува вечна младоликост. Тина станува подобра колку што минува времето, исто како и виното.

Во март нејзиниот документарец во кој фокусот е ставен на интимниот дел од животот исполнет со слава и горчина, ja разоткрива темната страна на Тарнер, беше премиерно прикажан на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал. Филмот е фрагментиран на пет секции, секоја замислена како единствено, интегративночувство кое е главниот конец: заедништвото (Ike&Tina), семејство, враќањето, приказната и љубов. Филмот е адаптација на преживувањето, на траумата и триумфот, на славата и личниот неуспех, за тагата рефлектирана зад сјајните статуетки и платинести плочи.

Која е Тина?

Тина, родена под името Ана Меј Булок, во руралното Тенеси, во 1939 година била предодредена да го користи гласот како примитивно, но неверојатно ефикасно орудие за да допре до луѓето. Нејзиниот музички афинитет станува повеќе од очигледен кога на една свирка на „Kings of rhythm“, се запознава со својот идол Ајк Тарнер. Ајк претходно предаден од соработникот за „Rocket 88“ започнал да чувствува агонична фобија дека повторно ќе биде измамен, откако за влакно му избегала заслугата која наместо под неговото име била запишана кај друг.

Насмевка по горко детство

„Мојот живот не беше добар.“-вели во еден дел од интервјуто од 2019 година искористено во документарецот. -„Беше во одредени делови, но добрината не го надвладеа лошото.“

Меѓу другото, патот на Тина е жигосан со индиферентниот однос на нејзината мајка. Еден ден мајка ѝ, Зелма Булок, која била жртва на семејно насилство излегла од дома и никогаш не се вратила, оставајќи го двете сестри Зелда и Ана Меј (Тина) во рацете на насилниот татко. Таткото набрзо се преженува и грижата за Тина ја препушта на својата мајка, благодарение на која и израснува во пргава тинејџерка.

Тина никогаш немала близок однос со мајка си, дотолку што дури и откако името на Тина станало светска атракција, сè уште ја одгледувала мајчината одбивност кон ќерка си. Ваквиот непријателски однос, чувството на неуспех и недостиг на љубов ќе ја следат низ целиот живот и евентуално до смртта на Зелда во 1999 година. Но и покрај отфрлањето и неуспехот доживеан на полето на семејна љубов, Тина чекори цврсто, со уште поголем ентузијазам дека има победнички ген, кој мора да го употреби за да се издигне високо над поразите.

Семејно насилство-рушење на табуто

Почетокот на меѓусебниот однос со Ајк бил стабилизиран на чиста платонска фреквенција, на роднинска релација-брат и сестра. Тина изјавила дека физички не ја привлекол од старт, но била маѓепсана од интензивниот глас. Ајк го почувствувал потенцијалот во Тина, влијанието кое нејзините вокални способности го имаат кон широката маса, и решил дека треба да ја зграпчи златната можност пред таа да претрча во следната продуцентска куќа. Ајк е креатор на новиот музички идентитет, кој подоцна станува своевиден бренд, името „Тина Тарнер“. Заедно го започнуваат походот на рокенролот, но близината и времето кое го споделуваат ќе ги доближи и на интимен план. И двајцата, и Ајк и Тина, имаат деца од претходните врски, но во 1960 година на свет пристигнува нивниот син Рони Тарнер. Во 1962 година се венчаваат тајно во Тихуана, Мексико.

Сепак глумењето на идила за јавноста, всушност било секојдневно преживување на конзистентен кошмар зад затворени врати. Ајк бил насилен, ја тепал дури и за време на бременоста. Ајк се соочувал со траума која ја носел од детството, а подоцна ја проектирал врз нему најблиската, негова сопруга, партнерка и мајка на неговите деца. Во момент на слабост, затечена помеѓу желбата за хармоничен брак и прекинување на измачувањето, Тина се обидува да си го одземе животот. Без пријатели и поддршка од семејството, Тина е прелетан галеб во дувлото на предаторот Ајк.

Во мемоарот „My Love Story“ Тина забележува дека сексуалните средби со нејзиниот сопруг биле „експресија на непријателство, вид на силување, особено кога започнувало или завршувало со тепање.“

Иако доживуваат неуспех на интимен план и покрај самосаботирачката природа на Ајк, дуото забележува нечуени успеси, со повеќе од 10 број еден хитови во 60-те: „I Idolize You“, „It’s Gonna Work Out Fine“, „Poor Fool“ и „Tra La La La“. Сепак вистинскиот бум го доживуваат со преработката од 1971 година на хитот „Proud Mary“ за кој добиваат и Греми награда за најдобра групна R&B изведба.

Наследство од само едно име

Во 1976 година Тина успева да избега од Ајк после една нивна кавга. Настрана и засолнета од неговиот гнев, кој вообичаено дотогаш се отпечатува модро по нејзиното тело, поднесува и барање за развод. На бракоразводната парница за поделба на имотот Тина бара да ѝ биде отстапено само нејзиното име за кое тој ги држи авторските права.

„Во одреден момент простувањето треба да ја преземе контролата.“-вели во документарецот.

По ослободувањето од токсичното влијание на Ајк, Тина станува слободна жена. Но наидува на непресметан отпор кај продуцентските куќи во Америка, кои ја сметаат за престара да биде изведувачка и покрај магичната и експлозивна енергија која ја вложува на сцената до раната старост, безмалку до последните настапи од нејзината кариера. Медиумите не се заинтересирани за репертоарот на Тина колку за нејзиното брачно фијаско. По препорака на свои долгогодишни соработници и познаници таа решава да се пресели во Англија.

What’s love got to do with it – неслучаен триумф по траумата

Во склоп на нејзиниот албум „Private dancer“, вистинскиот носач и хитот кој ја зацврсти Тина на европско тло „What’s love got to do with it“, не ѝ се допаднал на Тина. „Беше премногу поп. Јас бев рокенрол.“ Но нејзиниот менаџер Роџер Дејвис ја убедил да се сретне со текстописецот Тери Бритен и да ѝ даде шанса на песната. Искористувајќи го својот тежок, метален глас, она што првично било класифицирано како поп балада доживува нова димензија. Синглот се лансира на врвот на Bilboard Hot 100 листата, истата година кога беше и издаден.

Во 1985 покрај светскиот успех следува и успех на приватен план. Во 1985 година го запознава Ервин Бах, кој бил вработен како возач.

„Тој беше помлад. Најубавото лице-не можете да го пропуштите. Се запрашав од каде дојде тој. Беше многу згоден. Срцето се разигра бу-бум. Значеше дека душата се пресретнала.“

Во Ервин наоѓа засолниште, сродна душа и ја искусува идилата, хармонијата, мирниот и стабилен живот кој со Ајк бил потполна, хаотична спротивност. Во 2013 година се венчаваат во нивната крајбрежна вила во Цирих. Тина во меѓувреме се соочува со здравствени потешкотии: висок крвен притисок, мозочен удар, рак и откажување на бубрезите. Љубовта на Ервин е толку голема што во 2017 година станува нејзин донор на бубрег.

Не постои друг начин да се раскаже приказната.“- вели Тина, која после бурниот живот, полн со перипетии, докажува дека бајките се случуваат. На крајот.

IMDb оцена: 8.1/10

автор: Јована Матевска Атанасова