Кога уметноста се пресликува на филмското платно (3)

Визуелните уметности, сликата и нејзиниот современик, видеото, при својот спој даваат посебно артикулирана естетика, која плени и оплеменува. За љубителите на седмата уметност, ваквиот пресек претставува оживување на сопствените фантазии во кои уметничкото платно се пресликува на филмското.

Сигурно нашиот прв предвесник на уметност во филм е култната комедија од 1997 година, прва екранизација на „Mr. Bean“ на големото платно. Сите сме се смееле кога смотаниот господин Бин , инаку чувар во Националната Галерија во Лондон, успева да го уништи експонатот кој патува за Америка, а е насликан од Џејмс Мек Нил Вистлер, познат меѓу уметничката фела како „Аранжман во сиво и црно бр. 1“, или „Вистлеровата мајка“.

Но да преминеме кон посериозни филмски остварувања, од кои дел се документарни, a речиси сите имале значителен успех на филмските фестивали и манифестации.

The best offer(2013)- Доналд Сатерленд, Џим Стурџис и Џофри Раш во главните улоги, музиката е потпишана од италијанскиот композитор Мориконе. Филмот, психолошки трилер, е аритметичка средина на кустоси, тајни аукции, валидации, трговија со вредни дела, моќници кои ја пишуваат историјата на уметноста. IMDb: 7.8/10

Мr. Turner(2014)- биографија која го следи последниот животен квартал на ексцентричниот британски сликар Џ.М.В. Тарнер. Неговото романсиерско творештво се одликува со вивидност пред сѐ, но прибегува кон екстреми, па морнарските прикази се брутални, како морето и океанот да се две митски суштетсва кои имаат за цел да го уништат човештвото, поради апокалиптичниот порив да ја припитоми морската дивина. IMDb:6.8/10

National gallery (2014)- Документарецот стигна пред  канските порти, каде беше во трка за престижната награда. Камерата го следи ентериерот на Лондонската Национална Галерија од секоја перспектива, со импозантните поставки од преку 2000 современи дела и автори. IMDb:7.3/10

Beltracchi: The art of forgery (2014)- најголемиот уметнички скандал после пустошењето на естетските добра во Втората Светска Војна на германско тло. Волфанг Белтрачи, германски уметнички фалсификатор продал над 100 лажни уметнички дела кои завршиле по ѕидовите на незаситните колекционери, а кои го копирале стилот на Ернст, Легер и Ван Донген, така заработувајќи околу 45 милиони долари. Документарец предаден на публиката од прва рака, директно од сведоштвата на Белтрачи.IMDb: 7.2/10

автор: Јована Матевска Атанасова