Отворено за јазикот, по повод 5 мај,Денот на македонската азбука
Јазикот како една насушност, засолниште на нацијата, започнува да го губи влијанието со воведување на социолошкиот интернационализам “глобално село”. Сѐ почесто децата за мајчин јазик го восприемаат јазикот кој најпрво допира до нивните уши, зачестено емитуван низ детските програми и медиуми. Но и покрај сите влогови јазикот да остане недопрен амблем кој секој граѓанин ќе го чествува како највисок државен симбол, се соочуваме со вертикално опаѓачка крива. Се намалува влијанието на архаизмите и дијалектизмите, странските пропаганди ги искоренуваат веќе постоечките (алиенација-отуѓување).
Од друг појдовен аспект пак, македонскиот јазик се смета за јазик со сиромашен и недоразвиен зборовен фонд, често писателите и граѓаните се судираат со тешки предизвици да ја објаснат суштината на еден збор со еден збор и токму поради истата причина се присвојуваат зборови и поими кои немаат резервација во речникот на македонскиот современ јазик. Дикцијата, правописот и правоговорот кои пред само дваесеттина години биле Хипократова заклетва и кодекс за идните водители, глумци и новинари, денес се губат под индивидуалниот поглед на симултаното јазично толкување.
Македонскиот јазик е и глаголицата и кирилицата и дијалектот на нашите чукундедовци и Мисирковата „За македонцките работи“, тој е „Т’гата“ на Миладинов и „Крвавата кошуља“ на Жинзифов, и битова драма измолкната од предвестието на Цепенковите преданија и „Сердарот“ и легендата за Крали Марко и Црна Арапина, тој е библиски изблик и прирачно упатство со граматички правила.
Но каде погрешивме, каде ја загубивме оставината на Конески? Што стана со неговата животна посветеност да го изведе македонскиот јазик до рамниште на полнозначна национална установа која истовремено ќе го вдоми и вработи секој роден и трудољубив Македонец?
„Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“
Ваквиот тестамент на Конески го осквернави човечката рапидност и негрижа за своето. Морфологијата и синтаксата се поставуваат како две спротивставени струи иако треба да работат со единствена сила спроти плимата од емотикони, кратенки и останата “модернизација” на јазикот која впрочем го уназадува. На уредите сѐ уште немаме тастатура која ќе ги воведе посебно означените самогласки(ѐ и ѝ). Но ова се само дел од проблемите на кои наголемо треба да поработат македонистите , инженери на мајчиниот говор и лексика, студенти и идни академци, но и граѓаните генерално, да го негуваат и дочуваат јазикот, зашто и најсиромашниот човек е богат сѐ додека има на што да твори и говори.
Нека ни е честит и вековит, 5 мај, Денот на македонскиот јазик
автор: Joвана Матевска Атанасова