Распишан конкурсот за необјавен роман

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ го распишаа третиот конкурс за необјавен роман кој ќе ја добие наградата „Пегаз“ за 2021.

Во соопштението за јавноста е наведено дека за наградата може да конкурираат сите заинтересирани автори со свои необјавени ракописи за возрасни или деца. Ракописите задолжително е да бидат напишани на македонски јазик и кирилско писмо.

Самиот автор го предлага, односно доставува својот роман, во ворд или ПДФ формат, на следната електронска адреса: pegaz@arslamina.com.

Ракописите треба да ги содржат и основните биографски податоци за авторот, името и презимето, валидна електронска адреса за повратен одговор и телефонски контакт. Крајниот рок за доставување на ракописите е 31 мај 2021 година.

Наградата „Пегаз“ покрај публикација на најдоброто дело се состои и од паричен хонорар од 90 000 денари за авторот на истото.

Досегашните добитници кои ја понеле титулата „Пегаз“ се Соња Манџук во 2019 година за ракописот „Насон прочитана книга“, а во 2020 година, првото место го поделија два ракописи „Лазарка“ на Љупчо Петрески и „Мртвите знаат најдобро“ на Владо Јаневски.

За ракописите кои не ја добиле наградата „Пегаз“, но стручното жири позитивно ги оценила поради вредноста во нивниот стил и содржина, постои можност да бидат дополнително публикувани. Таков беше случајот со романот „Курвински хроники“ на Александар Русјаков во 2019 година.

Тричленото жири кое ќе ги оценува ракописите е сочинето од двајца реномирани книжевни дејци и еден претставник на издавачката куќа.

Им посакуваме среќа на пријавените кандидати.

автор: Јована Матевска Атанасова