„Кутија со приказни“-Антолог и Јована со нова рубрика за најмладите
„Книгите се забавни кога се читаат во пар.“
Кога станува збор за квалитет и иновативност во издавачката дејност, Антолог е име кое се поврзува и со двете. Начелно, со години остварува врвни проекти, кои го подигаат сензибилитетот за читањето и на таков начин придонесуваат непрекинат развој на македонскиот јазик во пишана форма. Антолог е шарен универзум од зборови и продуктивност: кампањата „10 дена европска литература“ ја доближат книжевноста создадена на тлото на стариот континент до окното на младите генерации; „Story box“ поттикна творење и креирање на самостојни синтаксички светови, низ интересни и забавни содржини читателите го совладуваа психолошкиот немир од пандемијата; со „Зборче“ читателите го зедоа првиот збор и влегоа во улога на влијателни рецензенти од таборот на критичката маса; до единствената „Книжарница на тркалца“ во Македонија, а и пошироко.
Овојпат Антолог најавуваат нова рубрика која ќе биде свртена кон интересот на најмладите. Детската литература напати се соочува со рецесивен говор и грубо генерирано, во етерот се пуштаат ракописи со непроверена лексичка обработка, која пак, лошо влијае врз изборот на речник кој децата не го пресликуваат само од околината, туку се всадува и преку пишаните извори. Родителите се принудени кога ќе наидат на таков лапсус, да подголтнат и да прескокнат, да измислат сопствена верзија на настаните од сликовницата со цел да се избегнат агресивните конотации при допуштеното.
Од тука се раѓа и идејата, изданијата кои во публикација на Антолог се поучни и сосем безбедни за детската когниција, да се искористат на полезен начин, да се извлече максимумот од четивото, така што на родителот би му биле посочени дополнителни активности со кои ќе ја збогати креативноста и ќе го охрабри детето кон позитивна себеконструкција, додека пак детето ќе ужива во времето продуктивно поминато со родителот и истовремено ќе се забавува.
Овој обид на „Антолог“ да ги обработи детските изданија до психолошка полноправност, во која покрај детето како активен слушател активно ќе земе учество и родителот, преку своите прашања и начнување на игровни индикатори е еден контраудар на технологијата и желбата една книга инстантно да добие свое збратимување со видео преносот.
„Кутија со приказни“ е најавена како рубрика низ која ќе прошетаат најмалите со своите родители, преку збор и игра, преку дедукција и проекција. Ива е новото другарче, реален аватар, и таа дружељубиво ќе ве поведе на авантура помеѓу редовите и детската имагинација, со помош на мама Јована, која пак ќе биде кормилар на авантурата од перцепции, когнитивни претстави, весели мигови на восклик и естетски потковани реченици. Но рубриката ќе биде отворена и за изненадувања и предизвици за малите читатели.
Главното прашање кое се поставува е кој е бенефитот на книгата спроти анимацијата?
„На невролошко ниво читањето ја пренесува истата хормонална врска која ја има и доењето за детето, лачи смирувачки чувства. Блискоста која се воспоставува помеѓу родителот и детето во никој случај не е иста со таа која детето самостојно ја гради со телевизорот или екранот, што често доведува до еден транзиторен мутизам на емоционален план. Детето е заробено во сопствен свет оградено од комуникацијата со надворешните дразби зашто истата го потхранува, ги задоволува неговите потреби и преку преносниот уред. Антолог и јас ја создадовме рубриката со цел да ги вратиме корените на старата добра визуелизација, која преку книгата создава неверојатно моќна имагинација и архитектирање на светови преку вежбање на јазичните, но и невербалните способности. Впрочем, книгата е неуништлив извор на учење, останала најгласен медиум низ векови и милениуми. Генетиката нема оправдана врска со всадување на љубовта кон пишаниот збор. Но во научни рамки е докажано, дека колку поскоро се спроведе книгата на дневен ред толку поскоро и детето ќе ја прифати како неизбежна закуска.“, изјави Јована Матевска Атанасова, која по професија е дипломиран психолог.
Антолог великодушно ги отвора силосите на својата книжевен универзум. Ве повикува да ги следите најновите случувања и наскоро заедно со вас, Ива и Јована ќе ја отворат магичната кутија со приказни.