Апсурдноста на убавината под нигериската жега

Свежина, книга што со посветено внимание се чита рекордно брзо, за еден ден. По првото поглавје, свесноста не ѝ дозволува на моториката да ја остави ни за миг.

Ги чувствував нигериската спарнина, папагалските бои распространети по „бубу“ и „агбада“, традиционалните женски и машки носии, турбаните и сплетените ситни плетенки и реге-суканици, луксузните предградија на Лагос, ладалата и жолтите „данфо“, „фолксваген Т3“, низ преполните улици што од птичја перспектива потсетуваат на колонии кон својот мравјалник.

Кореде и Ајола се две сестри, тотална спротивност една на друга. Кореде е висока и со потенцирани рабови, но бистра и пресметлива, додека Ајола е сензуална, девојка со ангелски лик и со блудно закривено тело. Има еден проблем, безгрешната Ајола е социопат. Неспособна да се соочи со совеста, да ги согледа грешките и границите до каде смее да претера со својот нарцизам, како и кај мноштвото социопати, кај неа набрзо експанзивниот темперамент преминува на убиства. Ги убива своите момчиња. Секако дека за тоа има одличен изговор, Ајола е жртвата, таа е прогонувана, момчињата се толку заљубени во неа што не ја гледаат површноста под убавата фасада, ниту скриените интенции што за скоро ќе им пресудат. И се чини дека никој освен Кореде не може ни да го замисли грдиот и ужасен ентериер на убавицата. Таа добро жонглира со туѓите слабости, манипулативната природа е нејзина искусна страна.

Кореде, која е медицинска сестра во болницата „Сент Питер“, ги прикрива нејзините злосторства, целосно впуштена во заштитничката улога на постара сестра. Воспоставувањето ред ѝ е механизам на поместување, на таков начин ја користи компулзивноста за да излезе накрај со морбидното секојдневје. Кога би кажала, никој не би ѝ поверувал, заслугата за лошите особини уште од детството била нејзина. Ајола е автохтоно божество што и опкружувањето го препознава како такво.

Пустошот на Ајола е двигател од мртвата точка за Кореде, која го анестезирала животот до степен на мртвило. Функционираат во обострана механичка симбиоза, како акција и реакција. Ајола не би поминала неказнето да не е Кореде, а Кореде би го продолжила монотониот живот без да го спознае адреналинот излачен од надбубрежната жлезда, подалеку од медицинската литература. Гнилата зависност на сестрите ги прави карневалско чудовиште зад чиј костим се кријат, но, и без да сакаат, го управуваат двете.

Како што се зголемува бројот на „несреќни случаи“ и убиства во самоодбрана така расте и соучесничката вина на Кореде, која почнува да попушта пред моралните убедувања. Некаде на тој пат на прикривање, на откривање на причините за ладнокрвноста и за емоционалната небрежност, се бришат линиите помеѓу убиец и соучесник. Подеднакво се виновни, таа што го одзема последниот мир и таа што го одзема спокојот од семејството на жртвата.

Кога сè изгледа дека не може да биде полошо, Ајола му фрла око на докторот во кого Кореде е заљубена. Таде. Не само што Кореде за првпат толку јавно и јасно ги толкува сопствената излишност и маленкост кога ќе се најде споредена со сестра си туку знае и што му следува на човекот во кого невино и невозвратено е вљубена. Ќе заврши во водата под Третиот копнен мост. Веројатно неговото тело никогаш не ќе исплива, како и сите претходни што ги погребала во водниот мавзолеј. Иако е затечена во хируршки пресек како закржлавено ткиво, разумот ја исфрл нејзината должност, таа мора да ја спречи следната жртва. Но дали ќе успее? И што е посилно, невозвратената љубов кон докторот за кого сметала дека душевно е поизбразден од нагонот за размножување или сестринската желба да ја заштити Ајола, чие криминално патешествие не е случајно и влече исто толку длабока јама на семејни корени колку и јамата во која ги фрлаат телата од погледот на светот?

Донекаде може да се пресретне Камиевиот апсурд, сценографијата е речиси еквивалентна и идеална, наивноста на злосторството оправдана од внатрешните конфликти во човекот, дури и едно безопасно „невина сум“, како крик за потврда на сопствената налудничавост. Тоа младата Брејтвејт го сработила прецизно како средношколски есеј за егзистенцијализмот и ракопис со психопатолошки обележја, од кој произлегува дивергентен трилер.

Овде нема да пресретнете вообичаен курс на нарација задолжителна за трилер (мистичност, дедукција, прашања), но токму поради тоа писателката изградила интригантно и лесно апсорбирачко четиво. Убиецот е познат, но дали го знаеме исходот? Или го претпоставуваме, барем? Сатирично остварување, измолено од црн хумор во Нигерија, ма колку расистички и да звучи реченицата.

„Мојата сестра, сериски убиец“ е фино разглобена фабула за апсурдот на надворешната убавина, и покрај сè погласните движења во дваесет и првиот век за свртување кон интроспективноста, Брејтвејт докажува дека човекот е едно битие со силно потенцирана порозност, се раскршува и ја трие патината од душата обликувана по начелата на естетски селективен дурбин, па соголено повторно потклекнува на најниските инстинкти на еволуција. Компензацијата на совршениот идеал е кромањонска вистина, посилниот од памтивек е тој што најбрзо стигнувал до плодот. И најлесно, секако.

авотр: Јована Матевска-Атанасова