Шерлок Холмс- најфилмуваниот лик од книжевноста

На 22 мај 1859 година роден е Артур Конан Дојл, креатор на најдобриот светски детектив, Шерлок Холмс.

Шерлок Холмс е инспириран од вистински лик, професорот на Конан Дојл, д-р. Бел, а ова е описот: „…со висок нос и акутен лик, пенетрирачки сиви очи и широкоаголни раменици… Д-р Бел ќе седеше во својата ординација, примајќи пациенти со лик како на Црвен Индијанец, дијагностицирајќи ги луѓето кои дошле, уште пред да отворат уста. Ќе им кажеше детали од минатото и ретко кога грешеше.“

Опис на ликот: Шерлок Холмс е генијален мистик, добро образован и со извежбани манири на високиот општествен сталеж. Тој е надарен со огромна дедукциска моќ, го гледа најситниот детал во општата слика. Неговата педантност е споена со елоквенцијата, облечен во свој препознатлив стил, со неизбежниот моден додаток, лулето кое му дава мир објективно да го согледа решението на загатката и помошникот Вотсон. Тој е скептичен и тврдоглав, понекогаш се однесува регресивно, како мало дете, но на таков начин се обидува да го акумулира колеричниот темперамент во една противтежа, од една страна своите потреби да биде во постојано движење и ангажиран на некоја задача , а од друга страна стабилниот прототип на детектив кој општеството го бара од него.

Есенцијално Холмс има опсесивен карактер. Тој работи компулзивно и честопати е заробен во депресивни периоди, кога се наоѓа помеѓу два случаи. Кога не може да го издржи недостигот на активност, кој преминува во монотонија, користи кокаин. Нема навестување за партнерка или интимна врска, во слободно време, и покрај неодобрувањето на г-ѓа Хадсон и Вотсон, прави хемиски експерименти или свири на виолината Страдивариус.

За разлика од вториот најпознат детектив во светот, Херкул Поаро, малиот и сталожен белгиец, Холмс е негова хаотична сенка, британски ладнокрвен ков, со порочност, раштркани мисли, генијалност на раб на лудилото.

Изданијата за Шерлок Холмс : Мемоарите на Шерлок Холмс, Авантурите на Шерлок Холмс, Враќањето на Шерлок Холмс, во издание на Антолог книжевен центар

Низ годините, врвни актерски имиња имале чест да го екранизираат нескротливиот и бистар карактер на Холмс на филмското платно, секој доловувајќи го и припитомувајќи ги неговите експлозивни особини на свој начин. Иако критичарите не можат да се согласат кои адаптации се најдобри, останува да се радуваме и да го чекаме новото остварување со Роберт Дауни Џуниор во улога на Шерлок, за крајот на оваа година.

Одигран од :

Базил Ратбоун– Sherlock Holmes( 1939-1947)

Кристофер Ли-Sherlock Holmes and the Deadly Necklace(1962) и аудио-книги за Холмс

Даглас Вилмер– Sherlock Holmes (1965)

Џереми Брет– The Adventures of Sherlock Holmes (1984-1994)

Роберт Дауни Џуниор– Sherlock Holmes (2009), Sherlock Holmes- A Game of Shadows (2011), Sherlock Holmes 3(излегува во декември 2021)

Бенедикт Камбербеч-Sherlock (2010)

Џони Ли Милер– Elementary (2012)

Иан МекКелен-Mr. Holmes (2015)

автор: Јована Матевска Атанасова