„Молитва по Достоевски“ -спектакл на театарската сцена

…За еден цел универзум собран пред и зад сцената…

Кога културниот живот е стагниран поради една пандемиска закана, притисокот за тетарска претстава која се изведува во вонредни услови е огромен и за гледачите и за екипата која изведува. Но исто така претставува и голем предизвик да се задоволи апетитот за дозата култура која и недостигала на публиката, да се компензира незаситноста со еден обид кој би ги вклучувал: посебниот мирис на театарот, црвените столчиња, кадифената завеса која се подига, ѕвонливите реплики на актерите, тактирање на чиновите со интересот на гледачот, громогласен аплауз и овации, сето тоа спакувано во ултра доживување, од само една ноќ која ќе се памети долго.

Народниот Битолски Театар им ја приушти таа чест на Битолчани, отворајќи ги вратите по повеќе од три месечна пауза. И како изгледа, ги отвори вратите со точната мера на сензациско просветлување. „Фолтин“, Катерина Аневска Дранговска и Огнен Дранговски, Светозарев, сѐ се тоа синоними кои навестуваа квалитет. Првенствено најавена како претстава, тоа што ги дочека гледачите беше вистински спектакл. Неподготвени за вакво шоу, си заминавме со сетила надразнети од уживање и импресии кои се прераскажуваа на оправдано неприсутните. Валентин Светозарев уште еднаш докажа дека е артист кој балансира на повеќе полиња. Неговата сестраност е уметничка генијалност кога си поигрува со жанровите и ги сплетува во едно јадро кое како и витален орган ќе започне да емитува процеси. Во живо.

Пред да започнеме со освртот кон претставата/перформансот која е потребно да се доживее, а не и да се раскаже, наврнати од целата бура на впечатоци, по завршувањето остваривме кратка средба со идејниот творец на делото, господинот Светозарев. Од разговорот со него се забележува и проектираната вивидност на приказната, но и топлата нота на пријателство, на човечност, која истовремено ја носи и самиот, како модератор и реализатор. Тој ни објасни нешто повеќе околу концептот на претставата:

„Заедно со „Фолтин“, долго пред да започне пандемијата, дојдовме до идеја да направиме тетатарски концерт. Годинава се слави двестегодишнината од раѓањето на Достоевски и некако природно се наметна идејата за сплет помеѓу музиката, театарот и книжевноста. Песните кои се изведуваат во претставата се дела на кантавторот Владимир Висотски, кој важеше за еден од најдобрите советски поети, музичари и притоа беше наш колега, актер. Јас седум години живеев во Санкт Петерсбург и одблизу можев да ја видам, а секако и пренесам енергијата на рускиот народ, неговата гордост по хероите на колективот, впрочем во музејот отворен во чест на Достоевски, куќата која била неговото последно живеалиште, имам создадено музејска експозиција.“

Битолскиот Народен Театар никогаш не зрачел со волку феноменално изведена глума, набој на емоции, не звучел поблиску до пулсот на животот што неправедно беше оттргнат од публиката под посебни протоколи. Но и покрај сите пречки, барем она што човек од страна би го сметал за пречка, глумците и музичарите, синхронизирано, создадоа ексклузивен перформанс од жанрови кои тактираа под една дланка, водени од диригентската палка на Валентин Светозарев.

Перформансот беше отворен од уредбата за стрелање на 23 затвореници, кои во последен миг се спасуваат и се испратени на прогонство во Сибир. Осудениците имаат последна шанса да направат свој концерт и ја зграпчуваат таа можност, која прави интересен и несекојдневен театарски расчекор и скокнува во сегашноста пред очите на гледачите.

На сцената прошетаа ликовите од делата на Достоевски, искушеникот Расколњиков, пресликаниот Фјодор во ликот на младиот коцкар, идиотите и бедните луѓе програмирани од општествената мизерија, проклетството на браќата Карамазови и сето тоа спакувано во посебен, визуелен амбиент кој потсетуваше на влажната и мрачна затворска ќелија, од „Записите од мртвиот дом“. Гледајќи ја, пред нас се отвори Достоевски како ноќен цвет, евидентни беа и попатните елементи кои овој книжевен дијагностичар ги довел до совршенство, затоа што секогаш на ликовите им препишувал по парче душа од својата. Неговата борба со епилепсијата и сонот за коњот на Расколњиков, кој е една потсвесна претстава за гордоста но и криминалниот рецидив во него, поларитетот на најинтригантниот од носечките карактери во неговото творештво. Коњите исто така беа забележителни како симбол на опис и толкување и во песните кои се изведуваа со потписот на Висотски, чиј стих важи за близок до стилот на Достоевски.

Особен печат на преставата даде и динамика во глумата, која се менуваше отсечно и фуриозно како шпил карти при делење, задача на која може да одговорат големи актерски имиња како што се Катерина и Огнен Дранговски. Интензитетот на изведбата, експедитивниот влез и излез од ликот, во склоп со хемијата меѓу нив беше органско соединение во симбиоза со комплексноста на претставата. Со еден збор, глумата беше кулминативен катализатор на феноменално осмислената претстава.  

Но тука, Светозарев искористил уште еден елемент на изненадување, кој никако не смее да биде одминат, со оглед на фактот дека токму тој и даде печат и жар на претставата за спектакл. Руската традиционална песна мелезена со призвукот на шансона, ја анимираше публиката до самиот крај. И токму, овде беше забележана најголемата густина на дифузност кај публиката, ако глумата во претставата беше во својство на катализатор, да ги забрза реакциите и чувставата кај гледачите, музичкиот фрагмент, отсвирен од почитуваната група „Фолтин“, имаше за задача да ги инхибира и забави сензациите до едно блаженство и успокојување на видно надразнетата свест од силните емоции кои може да ги предизвика единствено автор како што е Достоевски. Плејадата ликови кои наликува дека се прогонети во гулаг на самоспознанието и самосвеста, судени од супер-егото, моралниот судија на кого Достоевски низ годините му дозволувал да го води неговото перо.

Завршуваме со заклучок дека ваква претстава ќе има повеќе прикажувања и дека публиката нема да каже „доволно беше“, бидејќи со впечатлив, сеопфатен перформанс како „Молитва по Достоевски“, едноставно, се навраќаат пријатни емоции од кои човечката свесност никогаш не ќе се засити. Овој театарски спектакл остави силен отпечаток на битолската сцена, а на изведувачите им посакуваме што поскоро да остварат патувачко-театарски караван, уникатните парчиња заслужуваат да бидат чуени и видени во секое ќоше на светот. Зашто она што е убаво за перцепција, ѝ е драго и на душата.

автор: Јована Матевска Атанасова