МНТ вечерва со премиера на комуникациската современа музичка драма „Само глас“

Театарската претстава ,,Само глас”, е едно големо огледало да се погледнеме искрено себе си . Самиот интимен однос и приказната на големата актерка-уметница ни ја отсликува другата страна на приказната , онаа која обично не ја гледаме , само навидум ја слушаме , ја премолчуваме или ја негираме .
Одфрленоста и постојаната потрага по љубов е еден од основните двигатели , во кои јасно се гледа колку човекот има потреба од љубов , допир , топлина, а пак во другиот дел на умот е потрагата по сеќавањата , заглавеноста и болката по она малку убаво кое било во минатото и кое никогаш нема да се врати . И се разбира опстанокот во овој свет во ова време на презир, алчност и отуѓеност во кое живееме и во кој се бориме за својот индетитет . Без табуа отворени многу теми , прашања -депресија, тага, срам , страв , трауми …
Говор на тело, глас и зборови во различни ритми , со своја динамика и театарски јазик и жанр кој ретко е поставуван на театарските сцени . Брехтовскиот и реалистичниот метод се основните темели на ,,Мојот Глас” кој ќе ве држи будни до крајот на претставата .
МНТ вечерва со премиера на комуникациската современа музичка драма „Само глас“
Претставата „Само глас“ е во режија на Марјан Неќак, кој воедно е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото.
Во улогите на Таа и Тој играат првенците од ансамблот на Македонскиот народен театар, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Мирослав Митрашиновиќ.

Ова е приказна за силна и талентирана жена, која преку ниска постапка го доживува најпонижувачкиот момент во својот живот, борејќи се за сопствениот идентитет. Позната е само Таа, бидејќи во нејзината личност се измешани повеќе архетипови: на ќерка, на дете, на жена, на љубовница, на ѕвезда, на протагонистка и на антагонистка.
Се поставуваат повеќе прашања:
Постои ли лек за осаменоста и како да се пополни празнината во себе?
Бегање или самоизолација, прејадување или гладување, самоизмама или сурова искреност, фатална љубов, опсесија?
Како да разликуваме опсесија од безусловна љубов, и постои ли воопшто безусловна љубов?
Како повторно да се пронајдеме себеси, кога одамна сме изгубени и животот не e налик на она што мислевме дека ќе биде?
Како се станува од дното, на кое никогаш не сме мислеле дека ќе завршиме?
Во претставата „Само глас“ се истражува интимниот портрет на една уметница и суровиот третман од надворешниот свет со кој таа се соочува, при што го интернализира и продолжува да се мачи себеси. Нашата хероина — Таа — беше позната актерка, храбра и исклучителна жена, од која се очекувало само повеќе успех. Скапата цена за годините што ги помина обожувана е тоа што таа никогаш не се осмели да падне од пиедесталот, ниту да покаже човечка слабост.
Текстот го преведе Звездана Ангеловска, преводот на сонговите од англиски јазик го направи Елена Китановска, видеодизајнер е Марин Лукановиќ и костимограф e Наташа Павлиќиќ.
Следните изведби се закажани на 27 и 29 мај со почеток во 20 часот, а театарот се придржува кон протоколарните мерки согласно со Комисијата за заразни болести.