Најдобрите скандинавски трилери од Антолог (2)

Во окото на свеста- Хокан Несер

Goodreads: 3, 61
Земја: Шведска

Критиките го сместуваат Несер и неговиот серијал за детективот Ван Ветерен во кругот на најдобрите скандинавски трилер-мајстори. Ван Ветерен е амбициозен, но намќор и циничен детектив, кој читателот гледа како се развива полека и oд корен низ серијалот од десет книги. Со само еден нерешен случај во своето резиме и прилично збркан приватен живот, Ветерен е и детектив кој секогаш го има главниот збор во најзаплетканите случаи, но и сопственик на книжарница со антиквитетни изданија. Обожавател е на темно пиво и на партија шах. Неговата интуиција го прави непобедлив на полето за загатки, тогаш кога треба да му даде мир на мртовецот во неговото последно поглавје. Дејствата од серијалот се случуваат во фиктивното гратче Маардам, на северот во Европа.

„Во окото на свеста“ ја отвори читателската свест  за добар трилер и како таква книга треба да изгледа: од  мистериозно оддалечување на читателот од виновникот до логична разрешница и ретроградно редење на фактите. Во првата книга од серијалот, Ветерен се соочува со убиство кое е затворено под претпоставката дека претходело на сопружничката страст и гнев поттикнат од алкохол. Како и во секој криминален случај, главниот осомничен е секако сопругот, сѐ додека не постојат индикации кои истрагата ќе ја однесат во друга насока. Јанек Митер кој е прогласен за виновен, еден ден е пронајден мртов во сопствениот кревет. Тогаш интуицијата на детективот за погрешна осуда е разбудена, благодарение на едно писмо кое се заканува дека ќе го изнесе громкото минато како неизбежен дел од иднината во која брачниот пар веќе и не постои. Но сегашноста е поглавјето кое што го загрижува Ван Ветерен. Што да прави со двете убиства кои го држат на дистанца од вистинското, заткулисно злосторство?

Украдени души-Ирса Сигурдардотир

Goodreads:3,75
Земја: Исланд

Втората книга од серијалот за Дора Гудмундсдотир е исто толку потресен колку и првиот. Се случува во рурална средина, во прекрасна сценографија на нордиските степи и исландскиот фармерски живот. Во овој роман Ирса прави паралела во две временски еквидистанци: 1945 и 2006, кога две убиства ќе испливаат на површина и ќе почнат да ја навраќаат Дора кон минатото, кое колку подлабоко влегува во случајот станува и потемно и посвирепо.

Сопственикот на хотелот на чие земјиште некогашните настани зеле учество, а сега се соочува со легенда дека е опседнат од духови, ја ангажира адвокатката Дора за да ја истера правдата до крај и да ги тужи претходните сопственици. Но додека се таму почнуваат да се случуваат навидум паранормални дејствија: телото на архитектката е брутално силувано и убиено, оставено со  игли во стапалата. По два дена се појавува уште едно тело. Дора го чувствува притисокот да го реши случајот што поскоро, но и оној што ја очекува дома, кога синот –тинејџер ѝ соопштува дека ќе стане баба, нејзиното претчувство и логика работат како темпирана бомба. Ора да стигне да ја изведе правдата до крај, пред да отчука последната секунда. На површина испливуваат замрсени семејни односи помеѓу двајца браќа, како што се зголемува детскиот плач и доаѓа сѐ поблиску до нејзината свест. Дали ќе ја спаси следната жртва? Колкава жртва прави и нејзиниот син?

Многу малку записи и книги ќе ве одведат во Гренланд, па не пропуштајте да патувате заедно со Смила, која како и нејзиното име ќе ви стане неверојатно мила, борец за правда и нескршлив темперамент.

Смила го чувствува снегот- Петер Хег

Goodreads: 3,75
Земја: Данска

Смила е родена на 16 јуни. Смила е близнак во хороскоп, а оттука произлегуваат нејзината бунтовност и сарказам, машката архетипна природа, желбата да ја докаже правдата која ѝ се заканува дека ќе ја обезглави. Смила потсетува на пропаднат обид природата од нејзе да создаде човек. Помалку безмилосна кон останатите луѓе, живее во некој амбивалентно-интровертен свет, затоа што е допола задоена од бујната раскошност на примитивец, со оглед на дивите гренландски гени кои ги наследува од мајка си. Татко ѝ пак, виден граѓанин на Данска, се обидува да ја исправи нејзината снага по загубата на синот и сопругата, но таа го одбива накострешена како белоопашест орел.

Кога нејзиниот малолетен сосед, кој се плаши височини, ќе падне од покривот на една зграда, Смила чувствува дека полицијата намерно го затворила случајот или едноставно не го поседува нејзиното изострено, речиси животинско, сетило кога станува збор за растајнување на очигледното. Истрагата ја носи Смила онаму каде што започнало сѐ, во белиот и кристален Гренланд, во дивината и прекрасните недопрени пејсажи од радиоактивната човечка дланка. Но истражувајќи го убиството таа стигнува до една тајна која го засега целото општество, која датира од праматеријата и може да го измени погледот на минатото и на сѐ она што досега било проучено и гласно кажано. Но секако да остави мрсен отпечаток и на иднината на највисоките примати.

Го препорачуваме за читатели кои сакаат трилери, кои не се темелат исклучиво на истрага за убиства, туку носат фрапантни податоци што ја вклучуваат и историјата. Според книгата е снимен и филм во 1997 година „Smila’s Sense of Snow“, германско-данска-шведска ко-продукција , со одличен IMDb рејтинг од 6.4.

Кој се плаши од волкот-Карин Фосум

Goodreads: 3,76
Земја: Норвешка

Норвешката кралица на криминалистиката, како што ја епитетираат новинарите, уште еднаш напаѓа на листата, со еквивалентно структурирано дело како и претходното. „Кој се плаши од волкот“е третата книга од серијалот за детективот Конрад Сејер. Овој пат детективот се наоѓа на едно заклучно распетие, треба да реши убиство на жена која живеела сама во шумата. Главниот осомничен е човек на кого му е дијагностицирана шизофренија и кој неодамна избегал од менталната институција каде бил згрижен. Единствениот сведок е дванаесетгодишно момче кое живее во својата средновековна фантазија-опседнат е со стрелаштво, згрижен во домот за малолетни престапници. Бурлескната плејада од ликови кои се насобрале околу случајот, го полудува инаку стабилниот детектив, кој спасот го бара во сѐ поголемиот број испразнети пакети цигари.  Како јагода на расипаниот шлаг се појавува и дементен криминалец кој при вооружен грабеж, по грешка зема заложник. Сејер жолчно се обидува да ги отфрли исказите на жителите во малото гратче, кои се полни со предрасуди, и во никој случај не би можеле да бидат земени здраво за готово.

Фосум интелигентно и етапно ги секцира ликовите, понекогаш мешајќи ги како излишни состојки во едноставен рецепт. Таа успешно го зголемува интензитетот и надразбата кај читателот, кој од една страна се бори да остане присебен од сериозноста на престапите претставени во книгата, а од друга страна не може да не прсне следејќи ја саркастичната нота која авторката ја остава зад своите зборови како трага од млазен авион. Таа преку своите книги балансира со емоциите кај публиката, нудејќи им привилегирана катарза, која е задолжителен дел при ваквата книжевна закуска.

автор: Јована Матевска Атанасова