HELLO WORLD” – Деби албумот на Stoned Hedge е достапен на сите дигитални музички платформи

HELLO WORLD! По промоцијата на својот прв сингл “Little Heads”, младиот инди-рок состав Stoned Hedge денес (28.05.2021) го издава својот прв студиски албум под етикетата на Пасворд Продакшн.

Stoned Hedge е млад инди-рок бенд од Тетово, формиран во 2018-та година. На самите почетоци, бендот свири преработки насекаде низ Македонија, за во август 2020-та година да почне да создава авторска музика. Бендот е составен од 4 члена: Ангела Маринковска – вокал, Исмаил Камбери – гитара, Дејан Томовски – бас и Марко Стојчевски – тапани.

Албумот насловен “Hello World” се состои од 8 песни кои жанровски се движат во рамките на алтернативниот рок, а звучат толку зрело, небаре ги компонирал искусен бенд со долгогодишно искуство. Истите се подготвени за само четири месеци, а се снимени и продуцирани од страна на Дени Крстев (Bernays Propaganda, My Tear) во Студио 1060.

Она што овие млади луѓе го направија во тој краток период е навистина за восхит, а тоа се големи и неверојатно мелодични песни кои лесно ќе ве заведат со својата питкост и искреност и ќе ве однесат во светот и борбата на убавите, чесните и младите. Станува збор за една борба со силен и невидлив противник, но Stoned Hedge во стил на искусни борци со неверојатна леснотија на сите нас ни покажаа дека со талент и чисто срце може да звучиш и изгледаш светски. Да, драги слушатели и гледачи… тука станува збор за светска класа на трагот на Guano Apes и Portishead. Во нивните песни можете да најдете многу убави и неочекувани нешта како: прекрасни и меланхолични вокали, волшебни и ненаметливи гитари, сонливи и сугестивни бас делници, разбивачки и нежни тапани…и искрени зборови!!! Тие креираа еден убав свет кој повеќе нема да постои само во нивните срца и глави, туку благодарејќи на волшебните мелодии на насмеаните ежиња сите ние можеме да бидеме дел од нивната магија… и да, конечно да се опуштиме и да уживаме.” – Васко Атанасовски (Bernays Propaganda, 21 Vek)

Од денес, HELLO WORLD е достапен на поголемите дигитални музички платформи како Spotify, Apple Music, Amazon Music, Deezer, Tidal, Youtube, Bandcamp. Може да се чуе на следниот линк:

Stoned hedge – Hello World

Доколку ви се допаѓа нивната музика, ќе имате можност да го поддржите бендот преку купување на merch-от кој што ќе биде изложен на слушачката промоција на Hello World, која ќе се одржи на 28.05 (петок) на платото пред Младинскиот Културен Центар, со почеток од 19 часот.