Промоција на „Две минути и четириесет реда“ – книга критики, рецензии, осврти од Александра Јуруковска
Промотор: Соња Стојменска-Елзесер
Модератор: Јулијана Величковска
Книгата „Две минути и четириесет реда“ содржи осврти, критики и рецензии пишувани во еден долг временски период од петнаесетина години.
Во основа, секој од овие текстови ја следи линијата на пишување критика за специфичен медиум – за радио или за весник, односно, за специјализирани книжевни списанија или веб-страници. Оттука, нивното обединување во книга е следење на одреден континуитет во пишувањето текстови за критиката, што важи за не многу популарен жанр кај нас, а во неа, пак, уште послабо застапениот поим на новинска или радиокритика.
Делот „Две минути“ содржи избор текстови за радиоосврти и радиопретставувања пишувани и емитувани на фреквенцијата на Македонското радио – Радио Скопје, во периодот од 2003 до 2008 година, во рамките на авторската рубрика „Книга-фаворит“. Просечното траење на секој прилог беше две минути. Овој преглед е мал избор од тие радиоосврти.
Текстовите поместени во вториот дел од книгата – „Четириесет реда“, се новинска критика. Дел од нив се објавувани во дневниот весник „Дневник“, кога тој постоеше и имаше рубрика за култура, па дури и посебен подлисток за литература. Другиот дел од текстовите, пак, се објавувани во специјализирани списанија за литература и култура, веб-страници и магазини, а сосема мал дел од текстовите се напишани како промотивна реч за одредени автори, книги или зборници и манифестации.
Текстовите ги следат стилските обележја на новинската критика, на згуснатиот новинарски израз, пишувани се во јасен стил и на разбирлив јазик, и наменети се за поширока публика.
Александра Јуруковска е родена 1981 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ − Скопје. На истата катедра во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите.
Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во Македонија. Во Македонското радио ја уредува и ја води рубриката „Книга-фаворит“ во која, во период од пет години, напишала критики и рецензии за околу 200 книги. Новинарското искуство го надградува низ повеќе професионални обуки и програми во Дојче Веле, Радио Канада и Институтот Медијапан во Сараево.
Во 2017, во 2018 и во 2020 г. била шеф на прес-центарот на Струшките вечери на поезијата и модератор на фестивалските панел-дискусии. Во 2018 година била гостин-уредник и на престижната европска платформа за поезија Версополис и нејзиното електронско списание.