Најдобрите скандинавски трилери од Антолог(4)

4. Пресметка- Ирса Сигурдардотир

Goodreads: 3,95

Земја: Исланд

Дека Ирса е писателка, која има широк периметар на влијание, ќе ви стане јасно кога ќе забележите дека две нејзини остварувања се на самиот врв. Стилот кој го практикува е комплексен и заплеткан, но така впивлив, што едноставно, невозможно е да ја одминете. Во „Пресметка“, втората книга од серијалот „Детската куќа“, ќе се спојат силите на детективот Хулдар и детскиот психолог Фреја. Тие заедно ќе се најдат пред ново распетие, кое е од сензитивна природа, затоа што вклучува исчезнување на најранливата категорија, децата. Пред 12 години, откако Вака ќе заборават да ја земат родителите од училиште, таа наивно ќе наседне на предлогот на својата соученичка да го искористи телефонот во нејзината куќа за да се јави дома. Но девојчето, по влегувањето во куќата исчезнува. Што се случило? И како соученичката без два прста е вмешана во ова исчезнување?

Во истото училиште, по дванаесет години, се појавува мистериозен список со имиња на лица, за кои се наведува дека ќе умрат во 2016 година. Но како последица на намерна ликвидација? Или , некој ги лови инволвираните во случај кој претходи на сегашноста?

3. ДНК- Ирса Сигурдардотир

Goodreads: 3, 95

Земја: Исланд

Првата книга од „Детската куќа“ се појавува едно место погоре од својата следбеничка. Иако и двете се оценети со ист рејтинг,„ ДНК“ е за нијанса посилно остварување со оглед на непресметливите судбини кои ја следат нарацијата и се зашиени за подлогата со дебелите конци на неизвесен трилер.  Повторно, Сигурдардотир  спојува два временски оддалечени настани, како плетиво кое на крајот ќе даде целина. Внимателно започнува од последниот котелец, за да стигне до сврзната точка, а тоа е убиецот кој е, се чини, некао инволвиран со трите деца кои по тажно одиграната партија на судбината остануваат сирачиња и се разделени во различни домови. Во 2015, пак, 28 години подоцна, мајка на три деца е грозоморно убиена, а единствениот сведок е нејзината мала ќеркичка која во посттраумаски шок, не сака да зборува. Психологот Фреја ја задомува во „Детската куќа“ и работи напоредно на нејзиното поскоро опоравување од мутизмот и емотивната провалија. Но иако поврзаноста помеѓу двата настани е речиси очигледна затоа што сценографијата и профилите на жртвите се поклопуваат, убиецот не мирува и продолжува по патеката на своите крволочни амбиции.

Напнат трилер, предизвикувачки за читателот, кој може да  потврди дека својот пласман на антиципација го остварува по првата прочитана реченица.

2. Патувам сама- Самуел Бјорк

Goodreads: 4,05

Земја: Норвешка

„Патувам сама“ е извонредно остварување на Фроде Сандер Ојен, познат на книжевната јавност под псевдонимот Самуел Бјорк. Фасцинантниот трилер е и првата книга од серијалот за Миа Кругер и Холгер Мунк, истиот е избран за најдобар бестселер од страна на германскиот весник Der Spiegel. Покрај евидентниот интернационален успех „Патувам сама“ е и еден од омилените трилери на обожавателите на овој жанр.

Миа Кругер, која по неуспехот на личен план, е на работ на самоубиство, е повторно инволвирана во маѓепсниот круг на детективските истраги. Злоупотребата на анксиолитици и алкохол ја остава зад себе, се опоравува кога е соочена со грозоморно убиство на првооделенка. Убиецот се однесува со почит кон телата, ги остава чисти и недопрени, но сепак тоа не го намалува значењето на неговото злодело, кое не застанува само со жртвата број 1. Мунк и Кригер ќе се најдат во средината на интригите кои толку се заплеткале, што изградиле трнлива ограда која при секое доближување им праќа по еден нов електрошок. Кој се крие зад маската на убиец? И што сака од нив?

Во тек е преведувањето на следните книги од серијалот за ексцентричната детективка Кригер, кои во светот предизвикаа бранување еднакво интензивно како и кога „Патувам сама“ беше исфрлена на пазарот.

  1. Жената во кафезот- Јуси Адлер-Олсен

Goodreads: 4,67

Земја:  Данска

Првата книга од серијалот за Секторот Q  е без конкуренција најдоброто остварување во скандинавскиот трилер универзум. Олсен ја раскажува морбидната судбина на една заточеничка, која живее така што секојдневно умира по малку. Без никакви мотиви за продолжение, освен слабиот отсјај на себе-неспокојниот светилник , да одговори на едно- единствено прашање…

Карл Морк, единствениот вработен во Секторот Q кој е создаден зада ги разреши екстремни и комплексни случаи на убиства, се враќа во игра, отворајќи стар случај. Морк е убеден дека исчезнатата политичарка Мерете Лингор не е мртва, ниту удавена како властите претпоставуваат. Во недостиг на тело, за Морк овој факт е доволен да го испровоцира сомнежот на дететктивска интуиција и да се вдаде во нова потера. Следејќи ги избледените траги и составувајќи ги парчињата од сложувалката, убеден е дека ќе наиде на нешто што намерно било превидено или несакајќи се пропуштило.

Според фасцинантната книга, која ќе ве копка да размислувате гласно, што би направиле доколку би се нашле на местото на жената од кафезот или како би го пренасочиле дејството на книгата, е снимен и филм. Ребусна, остроумна и неверојатна. Читателите ја изгласаа за број 1 од Скандинавскиот Полуостров. Се согласувате ли?