“Секоја вечер е приказна за себе” – Одблиску со Атанас Атанасовски

фото: Дејан Сајковски

МОЈ ИДЕНТИТЕТ – ЈАС

ЗА ДЕТСТВОТО, СОНИШТАТА (ЖЕЛБИТЕ), ПОБЕДИТЕ, ЗА ПРОМЕНИТЕ…

Светогледот на малиот Атанас е тоа што денес ми фали. Бестрашно и наивно, но искрено верување во играта. Тоа е суштината на оваа наша професија. Никогаш да не заборавиме да си играме. Се сеќавам дека ништо и не беше поважно од тоа да си фантазираме. Денот беше прекраток. Измислувавме, креиравме, замислувавме наши правила. Можеше да бидеш и каубоец и индијанец и Роберто Баџо, нинџа желка, сè што можеше да смисли твојата глава, сè беше дозволено. Растењето е промена. Ретко победував во спортовите што ги игравме, најчесто бев на поразената страна, но знам дека секогаш верував во мојот тим, дека можеме да ги победиме најсилните. Порано беше така, силните играа заедно, а ние помалите (јас бев трет одзади по висина во класот) бевме оставени сами на себе. Еднаш ги победивме. Ги памтам победите затоа што тешко сум стигнувал до нив. Но ништо не е невозможно.

Мојот раст во академските денови… што научив од мојот професор ментор…

Пред сè, пресреќен сум што влегов во класата на професорите Владо Цветановски и Мими Таневска. Уште на првиот час, односно веднаш по приемот, професорот Владо ни кажа дека тука нема ништо да научиме за актерство ако сами не сакаме да научиме. Ни кажа и дека ние сме неговиот избор. Ако направил грешка, времето ќе покажело. Сега засега, не згрешил. Од професорот научив дека театарот може да се случува секаде. Додека бевме студенти игравме и на Саемот за книга, игравме и во штала во Велестово и во „Заливот на коските“ и пред Домот на културата во Прилеп, затоа што не ни дозволија да играме на сцена. Најважно беше да играме.

“Сакам во сè да ја гледам смешната страна, да ја барам комедијата. Полесно се справувам со ситуациите во животот кога сфаќам дека кога некој тоа би го гледал отстрана, би се насмеал”

1. Пред точно десет години се роди Јаков, твојата прва професионална улога во претставата „Темпирана опера“ во Македонскиот народен театар во режија на Васил Христов и оттогаш до ден-денес не престана да креираш и да му даваш живот на секој твој нов лик на сцената во твојата матична куќа Театар Комедија. Како гледаш денес на твоите почетоци, што е она што се променило во тебе и што е Јаков за тебе денес?

Бев пред крајот на втора година на ФДУ кога режисерот Васил Христов ме побара да играм во неговата претстава „Темпирана опера“. Претходно имав играно во еден голем процес во МНТ, тоа беше во претставата „Троил и Кресида“, но таму бев дел од една група актери што правевме етиди на тема грчка митологија… Што значи дека овде првпат добив улога што имаше две-три реплики… Знам дека бев многу возбуден, посебно затоа што имав можност да играм со Сашко Коцев, Јелена Јованова, Гораст Цветковски, Соња Стамболџиоска, кои тогаш беа во налет на театарската сцена во МНТ. Памтам дека правев сè што ми кажа режисерот или партнерите на сцената и тоа беше тоа. Едноставно, си ја гледав задачата на ликот Јаков, кој повеќе не постои, и максимално се трудев да бидам корисен. Денес повеќе се инволвирам во процесите, некогаш знам и да дадам идеја.

2. Атанас, дали комедијата е жанрот во кој ти се чувствуваш слободно и природно?

Најискрено, ми годи тоа. Сакам во сè да ја гледам смешната страна, да ја барам комедијата. Полесно се справувам со ситуациите во животот кога сфаќам дека кога некој тоа би го гледал отстрана, би се насмеал.

3. Велат дека комедијата има свој јазик, своја динамика и ритам и е една од потешките форми за играње. Колку е тешко да ја насмееш публиката?

Не е тешко, треба само да знаеш да кажеш виц.

4. Повеќе уживаш во процесот на создавање или во репризите?

Прво го сакам процесот, па го мразам, па пак се вљубувам во него. Репризите се вистинско уживање, секоја вечер приказна за себе.

5. Кои се важните теми со кои треба да се занимава театарот?

Театарот секогаш се занимава со важни теми.

6. Талент или среќа?

Инат.

7. Актерството за тебе е игра, професија или живот?

Слобода.

Фото: Дејан Сајковски

8. Колку се важни алтернативните сцени?

Алтернативните сцени треба да бидат двигатели, таму треба да се раѓаат новите идеи што ќе нè инспирираат сите да бидеме послободни во изразот.

9. Кое е твоето оружје да се избориш за својот свет и идентитет како актер?

Тино.

10. Во 2018 година на фестивалот „Фиат“ во Подгорица доби награда за најдобар актер во претставата „Чао пријатно“, која впрочем не е твојата прва награда. Што е за тебе „Чао пријатно“ и како се роди идејата за овој проект? Што ја прави оваа претстава различна од другите?

„Чао пријатно“ е проект на кој сме особено горди затоа што е независен и естетски и е многу близок до нашиот сензибилитет како актери и режисери. Во приказнава сме јас, Синиша и Тино. Решивме да ја направиме оваа претстава како лажна биографија на двајца актери од Скопје и се викаат Атанас и Тино. Како некој паралелен универзум. Коментар на целата ситуација што се случува во театрите кај нас. Кој игра со врски, кој добива премногу пари за проекти, кој не добива ништо, кој е подобар актер, кој е близок до директорот, како се станува директор, како се крадат пари од театарот, што мора актерите да прават за да заработуваат повеќе поради ниските примања, чекање повик за аудиција, играње Бетмен во порно-филм, Отело дека е црнец, администрацијата дека го чита Марсел Пруст, вакви секојдневни театарски муабети, па ние сакавме малку да го стимулираме разговорот и ја направивме „Чао пријатно“. Всушност, тоа е комбинација од два текста, еден модерен, „Оу Хелоу“ на Џон Мулејни и Ник Крол, и еден напишан во 60-тата година на Питер Кук и Дадли Мур. Многу малку работи се променети оттогаш и затоа кога ќе ги споиш тие два текста, функционираат. Особено ми е драго што добив награда на фестивалот „Фиат“ за улогата на Атанас Атанасовски, тоа значи дека добро сум се одиграл.

11. Како е Атанас денес?

Поразличен од вчера.

12. Што би им кажал на режисерите?

Кога ќе имаме проба?

Три претстави:

„Последната лента на Крап“ – МНТ

„Клетвата на Скотје“ – Театар Комедија (премиера во ноември)

„Вечера за глупаци“ – Театар Комедија

Три книги:

„И така, ви велам…“ – Џон Клиз

„Сеќавања и шпекулации“ – Џим Кери

„Животот на Џек“ – биографија на Џек Николсон

Еден албум:

„Damn“ – Kendrick Lamar

Видео интервју: 2 мин. елементал

видео и монтажа: Дејан Сајковски