Промоција на „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“ од Весна Дамчевска

Интересните времиња полека стигнуваат и во македонската литература, вдомени под книжевната капа на збирка културолошки ставови и искуства. Новинарката Весна Дамчевска се обидува да ги побие стереотипите и да ги спаси насловите кои се успешен хибрид помеѓу новинарски текст и креативно пишување, од дигитален заборав, на таков начин, докажувајќи им на читателите, дека книгата има многу варијанти, но останува вечна кога ќе добие своја печатена форма. Нејзините колумни се реткост каква е потребна на новинарската сцена, но и глас кој кога ќе биде прочитан, не застарува, напротив, се наметнува неодложна потреба да се чита одново и одново, можеби затоа што помеѓу редовите симбиотично владее утехата и самодовербата која  е неопходна за народот , а од друга страна Дамчевска ерудициционо ја поттикнува ваквата размена на потреби. Обострано.

Промоцијата ќе се одржи денес, на 14 јуни 2021 година, во 20 часот, пред Платото на МКЦ , промотор ќе биде Александар Прокопиев. Книгата е издание на Антолог книжевен центар и претставува збирка од авторски колумни напишани последната деценија.

„ Весна Дамчевска е од оние пасионирани следбеници на културата за кои сонува секоја култура. Нејзиниот распон на теми ја покрива уметноста, но и јавните и скриени релации меѓу неа и општествените превирања како спрега која формира трајни цивилизациски траги. Со своите новинарски текстови, но пред сè со колумните од оваа збирка, таа етаблира еден исклучително ангажиран и проактивен однос кон она што ги тишти: филмот, литературата, музиката, визуелните уметности, сликарството, фестивалите, театарот. Покрај таков буден следбеник и промислувач, медиумот во кој таа се изразува стана светилник во ноќта во која се слушаат само екоти а не ги гледаме ликовите. Гласот на Весна Дамчевска низ годините ѝ даде посебен ЛИК на македонската култура, а оваа книга не е само потсетување на тие интересни времиња, туку и синоним на проникливиот однос на критичкиот ум кон реалноста. Зборот на Весна Дамчевска лесно циркулира низ порите на читателот, но истовремено тежи со својот указ каде сме стигнати и каде е патот што носи кон нови вредносни хоризонти.“,  изјави Жарко Кујунџиски, главниот уредник на издавачката куќа Антолог, по повод остварувањето на Дамчевска кое прави суптилен премин од новинарството во литературата.

Во продолжение проследете го интервјуто на Елементал и авторката, која несомнено носи освежување на литературната сцена со својата остроумна мисла, современ збор и културен светоглед.

Елементал: Како дојдовте до идеја да ги обедините вашите колумни, статии и културолошки ставови во еден повез?

Весна Дамчевска: Никогаш не сум била голем приврзаник на ваквиот тип на книги, кои се многу чести во нашето издаваштво, збирки на собрани или избрани новинарски текстови, па затоа и досега, а со оваа професија се занимавам повеќе од 20 години, не сум објавила ниту една. А можете да замислите колку текстови од различни жанрови: колумни, извештаи, интервјуа, репортажи, есеи, коментари…се собрале за овие две децении. Особено ако се има предвид дека секогаш сум работела во дневен весник. Тоа се над триста броеви годишно, колкава продукција е тоа. Не ми било предизвик да ги преобјавувам тие текстови во книга, затоа што сум мислела дека си ја исполниле целта во времето кога биле објавени, дека „си го отслужиле своето“. Но, откако сфатив дека голем дел од целата таа продукција денес ја нема, не постои дигитална архива на дел од претходните медиуми во кои сум работела („Македонија Денес“, „Време“, „Дневник“ и неколку неделници…). Заедно со нивното згаснување, исчезнаа и електронските изданија. Другата работа е што сум мрзелива да архивирам дома, да ги собирам и внимателно да ги чувам изданијата, па денес немам речиси ништо од сето тоа. Веројатно да трагам по архивите на НУБ ќе најдам добар дел од тие текстови, ама тоа е пеколно тежок подвиг, особено за сензибилитет како мојот – не сакам преемотивно да се врзувам за она што поминало. Сепак, мислам дека беше добра идеја да се направи избор од некои од  колумните објавувани, главно, во рубриката „Наш став“, но и на страниците за култура и прилогот „Лик“ во дневниот весник „Нова Македонија“, последниве десетина години, и да се стават во печатена форма, на едно место, да се зачуваат додека и тие не се изгубат во непрегледниот и несигурен дигитален простор.

Елементал: За Македонија и општествената сфера, има толку многу за пишување како да е неисцрпен извор на енергија, може да се каже новинарски перпетуум мобиле. Се случува народот да се задојува со ист дискурс на пишување, а сепак ваквата едноличност, Вие сте нашле безбеден начин да ја избегнете во вашите текстови. Но кои и какви теми во пишувањето, ви предизвикуваат тегобност, а сепак чувствувате должност да ги застапите?

Весна Дамчевска: Кога се занимавате со пишување, многу е важно да си го најдете својот израз и стил. Тоа не оди ни брзо, ни лесно, треба време, но и истрајност да останете во една професија каква што е новинарството а во која многумина поминуваат како низ преодна етепа до некое друго занимање. Но ако останете во професијата, со време правите сѐ подобри интервјуа и теми, имате сѐ повеќе пријатели меѓу соработниците, стекнувате меѓусебна доверба, и сето тоа се одразува и на кавлитетот на напишаното. Особено, мојата индивидуалност и став дојдоа до израз откако добив редовна авторска колумна, секоја трета среда во месецот, во рубриката „Наш став“ во „Нова Македонија“, весникот во кој уредувам две рубрика,  културната и магазинската. И главно книгата ги собира на едно место овие написи, кои и не се класични новинарски колумни, туку често ја поминуваат границата на новинарскиот стил и преминуваат, иако скромно и срамежливо, во сферата на литературата. Тоа некако почна да ми се допаѓа и сѐ посмело последниве години ја преминувам таа граница. Колку е тоа успешно не знам, ама реакциите на моите читатели се и повеќе од само позитивни.

Што се однесува до темите, спектарот е навистина широк, главно од областа на културата, затоа што навистина сум нејзин пасиониран проследувач, и не само професионално, затоа што и мојот личен простор постојано е исполнет со уметност. Покрај темите што ја покриваат уметноста: филмот, литературата, музиката, визуелните уметности, сликарството, фестивалите, театарот., мојата љубопитност ја поттикнуваат и некои референтни поими како: расата, родот, уметноста и културата, филмот и литературата, медиумите и технологијата, како и прашањата на слободата и стравот, популарноста и вредностите, како клучни обележја на денешницата.

Елементал: Пасивната агресија станува социјален феномен. Клевети, парафразирање, плагијаторство… Дали е денес доволно да се биде нем набљудувач или гласноговорник за случувањата? Новинарите преку својот збор влегуваат директно во домовите на граѓаните, ги обликуваат нивните кревки и често, закрепостени мислења, па колку е критична ваквата позиција, со оглед на тоа дека сте дел од една дијада: и на активен создавач, но и на активен слушател?

Весна Дамчевска:Никогаш не сум мислела дека за да бидеш добар новинар треба да откриеш  не знам каква афера, финансиска малверзација, или дека треба некому „да му го загорчиш животот“ за твоето име да стане познато и препознатливо, иако, симплифицирано кажано, ама некако така нѐ учеа, не само во текот на едукацијата туку и понатаму низ новинарските редакции. И задоволна сум со себе што не потклекнав на тоа, што си останав доследна на себе – да пишувам така што моите текстови нема да бидат ослободени од критика на неразрешените егзистенцијални прашања, ама уште поважно – ќе ја поттикнуваат потребата од конструктивен дијалог и проширување на менталниот и духовниот капацитет да се види светот како што не се гледал досега со цел тој да се промени. На тој начин сакам да ги насочам читателите како да гледаат подалеку од очигледното, со цел да го направиме светот, или барем оној микросвет во кој живееме секојдневно, подобро место за живеење. Ова можеби звучи идеалистички, ама јас сепак сакам да верувам дека секој си има своја улога и задача во овој свет.

Елементал: Корпулетното бреме Вие сте го инвестирале во квалитетно исползувано време, сублимирајќи го во книжевна форма: тивкиот протест на демократската суета и вашиот писателски порив на нескротливо трагање по суштината. Колку новинарските ставови се дестилирани од политичките поени?

Весна Дамчевска: Можеби ќе се повторувам, ама веќе кажав дека добивањето на „инстант“ поени од која било политичка или општествена струја никогаш не бил мојот начин. Политиката е неизоставен дел од живеењето, ама се обидувам на неа да гледам само како на стратегија за подобро функционирање на работите и во таа смисла, ако можам низ моите текстови да дадам предлози, сугестии и насоки, кои би биле од полза на заедницата. Иако темите со кои се занимавам често се однесуваат на невеселата сегашност, не сакам да форсирам одреден поглед на светот, тоа што сакам е да испратам порака зошто уметноста и културата како документација на една временска епоха треба да се сфатат сериозно од сите, а особено од актуелната владејачка гарнитура.

Елементал: Ставот е индивидуална единица мерка на согледба, на она што, инаку е дефинирано како  општо мнение, колку апсурдно да звучи. Искажувањето во јавноста на истиот знае да биде стресно, затоа што изложен е на мегдан, на мета на критиката, која неретко е тенка фолија на народната фрустрација. Кој би бил вашиот совет за лицата кои допрва се впуштаат во новинарството: да се слушне туѓото мислење или да се ориентираат според внатрешниот глас? Можеби и двете?

Весна Дамчевска: Не сум добра во давање совети, инаку веројатно ќе градев некоја кариера во образованието, за миг имав такви помисли кога ги завршив магистерските студии. Иако тоа траеше многу кратко. Но она што можам да го кажам од сопственото искуство е дека е многу важно да бидат искрени, пред себе, во тоа што го работат. Да не се доведат во ситуација да се срамат од зборот што го напишале или кажале, односно тој збор да не биде наметнат од страна. Да се научи како да се избегне цензурата и да се одолее на автоцензурата, тоа е најголемото достигнување во новинарската професија. Важно е да се развива критички ум кон реалноста, но уште поважно е да се остане доследен самиот на себе.

Eлементал: За среќа, адаптацијата нѐ натерала да го научиме рецептот за тоа како да живееме, но кажете ни, како да ги преживееме интересните времиња?

Весна Дамчевска: Насловот на книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“ е преземен од еден од вклучените текстови во книгата, а по повод темата на 58. Венециско биенале на уметност. Инаку тој е алузија на познатата англиска фраза, долго време погрешно цитирана како стара кинеска клетва, која се однесува на периодите на несигурност, кризи и превирања, на лажни вести и уништени вредности, на „интересните времиња“ какви што се овие што ги живееме денес.

Ама на ова прашање само кусо ќе одговарам, без непотребни теоретизирања. Мислам дека не треба да ги „преживееме“, туку треба да ги живееме овие интересни времиња. Замислете да беа здодевни!

автор: Јована Матевска Атанасова