Проекција на дигитално реставрираната копија на “Фросина” во Кинотека

Денес, на 16 јуни, со почеток во 20.00 часот во летното кино на Кинотеката ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првиот македонски игран филм: ФРОСИНА на режисерот Војислав Нановиќ, од 1952 година.

Проекцијата на ФРОСИНА истовремено ќе биде пренесувана во живо („live streaming“), и ќе може да се следи на каналот „YouTube“, преку линкови објавени на кинотечната страница „Фејсбук“ и веб-страницата на Кинотека (http://www.kinoteka.mk).

На проекцијата ќе ѝ претходи 10-минутно видео во кое д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија, како и за самиот процес на дигитална реставрација.

Фросина ќе биде достапен за гледање он-лајн преку каналот на Кинотеката и во следните 5 денови по оваа негова втора, „дигитална премиера“.

Филмот  ја раскажува трагичната судбина на Фросина, вдовица и мајка на многу деца, од кои само Климе преживеал. Нејзиниот сопруг гурбетџија, пред да загине, речиси постојано бил отсутен од нејзиниот живот, а таа сама ги раѓала, а набргу потоа и ги погребувала своите деца. Сега Климе, нејзината последна надеж, здраво и пргаво момче, живеачката ја заработува помагајќи им на постарите и поискусни рибари. Вљубен е во Љуба, девојка која сонува за живот на висока нога, нешто што сиромашниот Климе не може да ѝ приушти. Кога Климе ќе го сретне ранетиот Кирил ќе реши да замине во партизани, да се бори за слобода. Година дена подоцна, кога во гратчето започнуваат улични борби помеѓу окупаторот и партизанскиот одред, синот ќе сака да ја искористи можноста да дојде во својот дом, да ја посети мајка си Фросина. Таа е свесна дека ова можеби е нивната последна средба…

Фросина е прва целовечерна играна продукција целосно на македонски јазик, со македонска актерска  и филмска екипа, со исклучок на режисерот Нановиќ, и прв игран филм снимен во продукција на „Вардар филм – Скопје“, продуцентска куќа основана во 1947 година.

Минатиот петок Кинотеката ја претстави и дигитално реставрираната копија на првата македонски комедија – играниот МИРНО ЛЕТО на режисерот Димитрие Османли, снимен во 1961 година. Интересно е што речиси истата актерска екипа, барем во водечките улоги, настапува и во двата филма: Мери Бошкова, Петре Прличко, Ацо Јовановски, Љупка Џундева, Илија Џувалековски, Стојна Цекова… Во првиот македонски игран филм, снимен после Втората светска војна во поинакви идејно-политички и општествен услови, не само ликот на старата Фросина кој тогаш го толкуваше 27-годишната Бошкова, туку и останатите ликови имаат стабилна морална нишка, длабокоумност, свесност за сопствените постапки и нивното влијание на сите околу себе. Свесност за нивната улога во борбата за слобода, за добробитта на заедницата.  Истите тие актери, во сосем поинаква, безбедна и релаксирана, ослободена од егзистенцијални грижи атмосфера како онаа на охридското крајбрежје имавме можност да ги видиме и во Мирно Лето. При таа нивна, интересна за споредба трансформација, со сосем изменети физиономии и духовни аспирации, Бошкова од трагичен лик во Фросина се претвори во суетна, желна за забава и романса актерка (Дара) во Мирно Лето. Илија Џувалековски – од борец за слобода, партизан и инспирација на младиот Климе, во комедијата го гледаме како Рампо, прониклив, скржав и снаодлив додворувач на Мира. Џундева пак, обратно. Во Фросина е девојка со големи сониша, а во Мирно Лето, со ликот Мира, сè што посакува е малку мир, спокој и приватност.

Оваа проекција е дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films), во кој учествува и Кинотеката, со двата класика Фросина и Мирно Лето. Филмовите беа неодамна дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска, што е една од основните активности на нашата институција, единствена во земјава чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство.