Несекојдневно отварање на вториот фестивал на детска креативност Трамболини

Отворен е вториот детски фестивал на креативност Трамболини во Скопје, во градски парк на Школка во организација на ЈУ. Детски културен центар – Карпош!

Поттикнувањето на креативноста и креативните вештини кај децата е една од целите на овој фестивал.Овие работилници нудат можност да се научи нешто ново што ќе ја стимулира детската фантазија, ќе ги научи децата да совладаат нови техники на креативно изразување на забавен и креативен начин.

Самиот почеток на програмата го одбележаа учесниците во работилницата насловена како „Оркестроманија“ , кои со своја детска хорска изведба го отворија фестивалот со химната Трамболини.

Пораките на децата од отворањето на фестивалот се: Она креативното што се наоѓа во нас е уникатно, креативноста е заразна,  ја пренесуваме на сите!Со нашиот Трамболини фестивал, секој ден е несекојдневен!

Отварањето беше проследено со атрактивна изведба на пантомимичар, жонглери и штулари, статуи кои ги демонстрираа своите вештини и ги забавуваа посетителите. Децата ги претставија работилниците, демонстрирајќи што креативно ќе се работи во следните денови. На радост на децата, но и на возрасните по втор пат се изведе „Потрага по изгубеното богатство“ и не е тајна дека оваа потрага ги воодушеви сите генерации.

“Во следните денови не очекуваат уште многу креативни работилници од областа на ликовната и музичката уметност, личен развој, природни науки, филмски проекции, танц, изложби, натпревари кои ќе ги воодушеват децата на Скопје и сите оние кои ќе бидат нивни мали и големи гости” – вели директорката на Детскиот културен центар, Д-р Билјана Лалчевска Серафимовска

Фестивалот Трамболини е  поддржан од Град Скопје, а како помагатели на овој фестивал се Виталиа, и Маya вода. Како соработници на овој фестивал се Крео Аксис здружение за неформално и инклузивно образование, Градски трговски центар ( ГТЦ), Скопје, Археолошкиот музеј, Национална Галерија Даут Пашин Амам, Младински културен центар, Скопје, Europe House Skopje, кои ги отворија вратите за учесниците, како и Кинотека на Република Северна Македонија.