Вечер на телесна граматика
На 24 јуни публиката на Интернационалниот фестивал на монодрама имаше можност да проследи три уметнички перформанси, кои граничеа и се прелеваа со мултимедијални дисциплини, но беа решително и храбро предадени низ говорот на монодрамата и спацијално-кинестетската интелигенција.
„ Петтото годишно време“
Овој танцов- театарски перформанс работен според романот на Сашо Димоски беше трогателна и нема исповед, пренесена преку телесната освестеност, за заборавот, кој медицината го препознава под поимот деменција. Монолозите исшепотени од ѕвонливиот глас на Васил Зафирчев, беа толку впечатливи и вистинити од кои запираше здив. „Човекот цел живот се подготвува да биде заборавен.” А морниците при изведбата кои беа вклучена аудиториумска такса заедно со влезниците?
Олга Панго низ извежбани и прецизни чекори ја раскажа приказната за времињата кои се менуваат во само еден ден, расположенијата и маските, преплетот на емоции, но и изгубеноста и носталгијата, осаменоста, неоправданите напади на себството кон личноста и психосоматски сензации. Приказната јасно и низводно течеше без да се троши колагенот на зборовите. Набљудувајќи го потиштеното, речиси безизразно лице, на кое сепак, не може, а да не се почувствува залезот на животот и болката, се поставува прашањето што се случува помеѓу раѓањето и учењето? Страдањето? Или преживувањето? Сеќавањето кое избледува? Зарем и тоа како и времето, не е единствената мерка која не се враќа, откако неповратно ќе замине?
Панго ја реанимираше желбата на балерината, која губејќи ги значајните моменти и своето достоинство, не ги заборавила движењата кои мошне решително ја носеле низ виулиците на животот, грациозноста да го изведе последниот танц со кој ќе ја воодушеви дури и ултимативната прима-балерина- смртта, повикувана во агонија и долго очекувана.
Уметничка монодрама е трактат за телесната сензација и човечкиот против однос кон крајот, тој сиот живот учи да се спротивставува на покорувањето, ама уморен запира кога шансите и одрекувањата ќе се истрошат.
Васил Зафирчев со својата режија за сенилноста го слави животот, кој иако несовршен му дава смисла на размножувањето, па дури и на актот на убивањето. На суетно врежаните човечки амбиции, кои патеписно остануваат неми, смртта ги раздвижува дури и во најслаткото и најпоразителното годишно време на календарот-староста.
„Најлон“
Битолскиот костимограф Благој Мицевски ѝ приреди на публиката (из)вонредно доживување, кое ја носеше метафората за распаѓањето на природното и добата на вештачкото, расцепеноста помеѓу потребите и одговорите. Најлонот како архаичен симбол на кожурокот, мембраната од која се изведува и човекот, озонска обвивка, експулзионо се исфрли од платното на сцената, каде Валентино Апостоловски ги везеше ситните чекори, преку допир испитувајќи го подиумот. Свилениот дофат на најлонот, шумолењето и текстурата, предизвика атракција на бранови, на натуропатски спој со приматот на земјината тежа. Уништувачот и создавачот. Творецот и погубителот. Громогласното јас. Човекот.
Несвесната навика го тера и човекот трага по заштитата како средство кое ќе му обезбеди сигурност и закрила, затоа што девет месеци тој живеел во околина која му пружала удобност, топлина и го штитела од грчот на времето и злото на човештвото.
Апостоловски и Мицевски ја отсликаа екологијата на личноста, рудиментарна и суштинска, за тоа кои би биле ние без природата, рециклирана граѓа во амбисот на бесконечноста.
„Зоо приказна“
Набојот кој успеа да го прикаже Здравко Стојмиров е редок театарски феномен. Еуфорично одглумена агитација, напати неговите движења беа махинални и потсетуваа дека се груби и непромислени, со што ја достигнуваше кулминацијата на човек кој трага по своето самоубиство од туѓа рака, по мртвилото на општествениот поредок. Несомнено го портретира ликот како што и во реална димензија би го сретнале, со пот која се цеди по неговото лице, со маничен занес за расказот, набрекнати вени и очи вкочанети од лудило.
Глумата беше дестилирано добра што ваквите телесни дразби не може да бидат во никој случај одглумени, доколку не се и почувствувани, како што се кажува, во своја кожа. Значи Стојмиров за да успее да го приспособи осетливиот лик со повредено его, ништожно подреден на нереалните барања од опкружувањето, поминал низ процесот на инкубација до појавата на првите симптоми кои беа театрално прикажани на сцената во Театар-бифе.
Адаптирана по текст на Едвард Олби, ја носи пораката на дистопистичната синтагма “Homo homini lupus est” -човек на човека е волк, претставува ментална одисеја за припитомувањето, за генетиката која страда под презрените мотиви на капиталистичката класа, носени од деструктивноста во своето страдалничко постоење.
Така, животните се приспособуваат на нагонот да бидат гонети, не и човекот. Тој враќа со бунт, со масовен потрес на ткивата кои прередувајќи се го туркаат сѐ поблиску до работ на самоодржливоста.
Овој тектонски самостоен проект претставуваше болскотен завршеток на вечерта посветена на телесната граматика.
Јована Матевска Атанасова